Неблагодарен писател не му возвратил со награда на колега што претходно го наградил

30.07.2014 14:16
Неблагодарен писател не му возвратил со награда на колега што претходно го наградил

Скопје, 30 јули 2014

Истакнатиот македонски писател Ристе Скрибоманчев ја згрози македонската културна јавност откако не обезбеди награда за неговиот колега Гоце Дудловски, иако беше претседател на жирито за наградата „Тебе ти е редот“, за најдобра поетска книга.

Гадењето го предизвика фактот дека Дудловски претходно му доделил награда на Скрибоманчев, што значи дека овој треба да му врати со иста мера во првата следна прилика.

„Непишано правило е да му возвратиш со награда на оној што те наградил. Ние сме земја во која се негува традицијата, особено во писателската фела, па не знам што го спопадна нашиот колега“, коментира еден македонски поет кој бараше да не го објавиме неговото име, бидејќи во моментов е во трка за една од многубројните книжевни награди, па не сака да си ги уништи шансите да влезе барем во потесна конкуренција.

Ристе Скрибоманчев се огласи преку својот Фејсбук профил, коментирајќи дека награди има колку ѕвезди на небото и ситни колачи на коктелите по книжевните читања и промоции, па бездруго ќе дојде редот и на Дудловски.

„Гоце Дудловски ќе биде награден во некоја од следните прилики, без разлика на квалитетот на книгата што ќе ја објави. За оваа награда не можеше да биде земен предвид, бидејќи ручекот со кој ме почести сегашниот лауреат непосредно пред да падне одлуката беше превкусен“, објаснува Скрибоманчев.

Од книжарниците ширум земјава велат дека најновите превирања на македонската книжевна сцена не влијаат врз продажбата на книгите на инволвираните страни.

„Пред да се случи големиот потрес околу наградата Тебе ти е редот, продажбата на книгите на Скрибоманчев и Дудловски изнесуваше нула примероци, а откако се случи скандалот, изнесува нула примероци“, вели Марјан Блажевски од книжарницата Џабе Бук.

Сепак, за да не остави ништо на случајот, Друштвото на писатели на Македонија за утре закажа вонредна седница на градските гробишта Бутел, крај Алејата на великаните, на која ќе се расправа за моралната обврска на писателот да го награди колегата од кого претходно добил награда.

Слика: Igor Skaletsky

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото