СТОП за говорот на омраза и насилството врз ЛГБТИ лицата!

05.03.2013 13:35
СТОП за говорот на омраза и насилството врз ЛГБТИ лицата!

По хомофобичната кампања на владата и провладините медиуми сведоци сме на распламтување на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и на повеќекратно насилство врз активисти и организации за правата на ЛГБТИ лицата.

На 24 октомври 2012 беше искршен излогот на ЛГБТИ Центарот за поддршка во Старата чаршија, неколку часа по неговото отворање.

На 17 ноември 2012 година двајца ЛГБТ активисти беа физички нападнати при подготовката на „Маршот за толеранција“.

Врз просториите на ЛГБТИ Центарот за поддршка е извршен уште еден напад и неуспешен обид истиот да биде запален.

Во последните неколку месеци, особено на социјалните мрежи, ЛГБТИ лицата се изложени на говор на омраза и отворени повици за насилство. Еден од клучните генератори на говор на омраза и насилство се провладини новинари кои добиваат легитимитет од премиерот и владејачката партија. На социјалните мрежи ги шират следниве пораки: „Сè што е педер да се истреби...“, „Каде ќе стигнам на клоци ќе ве дигам и со шамари ќе ве почестам“. Досега, ниту една институција не реагира во насока на заштита на ЛГБТИ лицата од говор на омраза и повици на насилство, како и од насилство.

Последниот напад врз ЛГБТИ Центарот за поддршка во Старата чаршија се случи во саботата, на 02.03.2012, при што е направена значителна штета. Во соопштението на МВР „Граѓани, полицајци, пожарникари повредени во вчерашните протести-нанесена голема материјална штета“ воопшто нема никакво спомнување за каменувањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка на Хелсиншкиот комитет, иако е спомнато каменувањето на „Музејот на Холохаустот, Музејот на ВМРО и новоизградениот Театар“.

ЛГБТИ Центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ - Скопје упатуваат уште еден повик до властите да ги преземат сите мерки за заштита на ЛГБТИ лицата од насилство и од говор на омраза и повикување на насилство, како и да ги изведат пред лицето на правдата досегашните сторители на дела насочени против припадници, поддржувачи и организации на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија.

ЛГБТИ Центарот за поддршка, Хелсиншкиот комитет и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ - Скопје упатуваат апел до сите кандидати за локалните избори и до политичките партии да се воздржат од говор на омраза и нетолеранција врз основа на сексуална ориентација, род или кој и да е друг статус.