Страв и несигурност во Македонија

09.03.2013 09:57
Страв и несигурност во Македонија

Стравот и несигурноста во Македонија растат. Повторно. На помалку од три недели пред локалните избори во земјата избувна етничко насилство. Повторно.

По двомесечната политичка криза се постигна договор сите политички актери да учествуваат во изборите, под силен дипломатски притисок од ЕУ. На договорот му претходеше серија настани кои илустрираа колку тешко болна паднала демократијата во земјата.

Пратениците од опозицијата и новинарите беа со сила исфрлени од собраниската сала, за потоа владејачката партија сама да си го изгласа буџетот за 2013 година на 24 декември 2012 година. Потоа, специјалната полиција ги тепаше насобраните луѓе на улиците пред Парламентот.
Лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски, поранешен претседател, беше меѓу оние што беа погодени од пендреците. Друга група излезе на улиците да протестира против тие што протестираа. Сликите од типот народ против народ станаа сè почести во изминатите неколку години.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја презеде контролата врз медиумите, го разгоре говорот на омразата, промовирајќи националистичка и маскулинистичка супремација, префрлајќи ја истовремено вината за сè што е погрешно на грбот на опозицијата, а особено врз нејзиниот лидер Црвенковски.

По настаните од 24 декември, опозициските партии на етничките Македонци го бојкотираа Парламентот и решително повикаа на бојкот на претстојните локални избори. Седници на „Граѓанскиот Парламент“ се одржуваа насекаде низ земјата.

Договорот што беше постигнат со посредство на ЕУ дипломатите вклучува враќање на опозицијата во Парламентот, учество на локалните избори, формирање на комисија за настаните од 24 декември, како и преговори за предвремени парламентарни избори.

Последната клаузула беше поставена на нејасен дипломатски јазик, што и на двете страни им овозможи да прогласат политичка победа, при што владејачката партија зборува дека вонредни избори не се закажани, а опозицијата тврди дека истите ќе се одржат на 28 септември. Политика вообичаена за Македонија...

Во меѓувреме, премиерот Никола Груевски се одлучи за мини владина реконструкција, назначувајќи го поранешниот албански командант Талат Џафери за министер за одбрана, нешто што предизвика гласни реакции кај националистите кои инсистираа дека поранешен офицер на Ослободителната национална армија (ОНА), не може да биде министер за одбрана.

Речиси 12 години по шестмесечната етничка војна во Македонија и потпишувањето на Охридскиот мировен договор што опфати амнестија за борците на ОНА и откако Џафери подолго време, а веднаш по војната, беше заменик министер за одбрана и пратеник, неговото последно назначување стана огромен проблем.

Очекувано. Политичките лидери во земјата веќе со години водат високо националистичка политика, подгревајќи ja преку политики на милитантен национализам. Стотици милиони евра се фрлени на проекти и пропаганда што ги хранат националниот шовинизам и дискриминацијата. Секако дека не можеше да се очекува поинаква реакција.

Група од стотина хулигани, етнички Македонци, протестираа против назначувањето на Џафери пред една недела, на 1 март. По судирот со полицијата, тие беснееја по улиците, напаѓајќи етнички Албанци, меѓу кои и жени и деца.

Комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, веројатно сè уште се немаше вратено дома по посредувањето за компромис меѓу опозицијата и владејачката партија, кога избувнаа немирите.

Одговорот дојде во саботата. Илјада или повеќе етнички Албанци, меѓу кои и нивни хулигани, протестираа насилно. Уште повеќе насилство и уште повеќе полиција... За среќа, немаше жртви.

Еден мој пријател и колега од мировна организација ме побара синоќа, сакајќи да ми објасни дека контрапротестите од страна на Албанците мината недела не беа за да се одбрани назначувањето на министерот за одбрана, туку „да се протестира против беснеењето на етничките македонски фашисти“, како што рече тој.

Немав за него поинаков одговор освен да го поканам да размислува за ненасилни одговори на насилството. Ми вети дека ќе го стори тоа, но додаде дека огорченоста и згрозеноста се преголеми. Расте и бројот на извештаи за насилство и заплашување против етнички Македонци.
Во дадените околности во земјава, политичката криза неминовно води до етнички тензии, со што се заокружува сликата на едно турбулентно општество во кое институциите се заложници на политичките партии, а демократијата е на колена. Секојдневно се бележи грубо прекршување на човечките права и слободи, вклучувајќи ги слободата на говорот и на медиумите.

Повеќе од кога и да било досега, политичкиот противник денес се смета за жесток и смртен непријател, наместо за соговорник.

Зошто секогаш најмногу страдаат етничките односи? Па, меѓуетничките односи се сериозно загрозени со години наназад. Исто така, тоа се прави на систематски начин токму од страна на оние кои што истото можеа да го спречат. Кој друг?

Проблемите кои настануваат поради незадоволство од неефикасните политики обично се решаваат со поттикнување омраза и тензии меѓу двете најголеми заедници во земјата, македонската и албанската.

Во средиштето на оваа долготрајна тензија, помалите заедници и оние што не се чувствуваат како припадници на кое било етничко племе, страдаат уште повеќе. Консеквентно, дискриминацијата и кршењето на човековите и малцинските права ескалираат. Сето тоа ја рефлектира детерминацијата на политичките елити да останат или да дојдат на власт преку вбризгување предрасуди и омраза на етничка основа. Можеме да очекуваме само влошување на ситуацијата особено тогаш кога сите, па и најапсурдните, изговори ќе бидат исцрпени.

Обвиненијата против политичкиот опонент за предавство станаа вообичаена пракса во комуникацијата меѓу ривалските политички елити во рамки на истиот етнички блок. Како последица од тоа, националистичката реторика е во јадрото на политичкото однесување на политичките претставници на различните етнички заедници. Еден екстремизам го храни другиот.

Четврток наутро е, 9:30 часот. Мојата канцеларија со сите мои прекрасни колешки и колеги веќе врие како во кошница. За неколку часа ќе бидеме на улица Македонија, пред споменикот на Мајка Тереза, да учествуваме на настанот наречен „Притисни за мир“ што го организира мојата и 15-тина други организации.

Настанот се одржува пред протестите што се очекуваат од етничките Албанци по петочните молитви. Дознавме дека има планови за излегување на улица од етнички македонски групи во сабота. Лудилото е далеку од завршено. Трагедијата лебди во воздухот, додека елитите ги острат своите канџи за да го соберат својот гнасен, крвав плен.

Извор: www.civil.org.mk
Слики: Mark M. Mellon