Оставете го ѕидот!

11.03.2013 11:16
Оставете го ѕидот!

„Господине Горбачов, срушете го тој ѕид“, побара еднаш во Берлин амриканскиот претседател Роналд Реган, а денес берлинските граѓани протестираат против рушењето на East Side Gallery, најголемиот дел од берлинскиот ѕид што уште постои.

Со своите 1300 метри, Еast Side Gallery не е само најголемиот остаток од ѕидот што од 1961 до 1989 година го раздвојуваше источниот и западниот дел од градот, туку е и најголемата галерија на отворено, најпозната по сликата на бакнежот меѓу Хонекер и Брежњев. East Side Gallery е една од најпосетените атракции на Берлин, а ја насликале уметиници од сите страни на светот.

Кога се прочу дека остатокот од ѕидот ќе биде срушен поради планираната изградба на луксузни станови, граѓаните на Берлин излегоа на протести на коишто им се придружија и туристите, плашејќи се дека поради интересите на богатите германската престолнина ќе престане да биде престолнина и на алтернативната култура.

„Нашите дела документираа една мирољубива револуција и тоа е нешто што треба да се зачува и за генерациите што доаѓаат. Ако сега го уништиме тоа, веќе нема да имаме ништо што го претставува нашето минато. Треба да се бориме за зачувување на овој историски документ“, изјави Кани Алави, еден од уметниците чиишто мурали и денес ја красат East Side Gallery.

Инвеститорот што планира да вложи во изградбата на луксузните станови, откако доби низа заканувачки мејлови, изјави дека и за него е важно културното наследство на Берлин. И членовите на кабинетот на берлинскиот градоначалник порачаа дека можно да го изменат и прилагодат проектот за изградба на станбените блокови така што East Side Gallery нема да биде срушена. Аферата поврзана со изградбата на новиот берлински аеродром уште е актуелна, па на берлинските челници секако не им е потребна уште една. Меѓутоа, со оглед на тоа дека Берлин е посиромашен во споредба со некои други градови во Германија, градските власти тешко ќе може да се спротивстават на предизвикот на крупниот капитал.

Извор: е-novine.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото