Парижани се бунат против зграда на Френк Гери

14.02.2011 11:32
Парижани се бунат против зграда на Френк Гери

„Налик на лебдечки облак кој надвиснува над Париз“ – вака архитектот Френк Гери поетски го опиша своето дело за фондацијата Луј Витон.

Тој додаде дека, барајќи инспирација додека чекорел по улиците на Париз, се вратил во времето на Пруст. Во зависност од светлината, градбата непрестајно се менува.

Ама не ја гледаат сите творбата на Гери на ист начин, па идниот музеј Витон, вреден 100 милиони долари, се најде и на суд. Ако пресудата биде позитивна, постои можност да биде урнат идниот музеј LVMH, иако неговото бетонско јадро веќе е завршено. Имено, жителите на париската населба во близина на Jardine d’Acclimatation првин поднесоа тужба дека градбата од 46 метри е превисока, што беше отфрлена од судот. Меѓутоа, судот ја зеде предвид нивната следна тужба, а тоа е дека градбата им го блокира јавниот премин низ големиот парк Bois de Boulogne до западниот дел на градот.

Во одбрана на 81-годишниот Гери, авоторот на музејот во Билбао, застана и парискиот архитект Жан Нувел: „Запрепастен сум од себичноста и незнаењето на граѓаните. Историјата на Париз е историја на архитектурата, а еден ден и овој музеј ќе биде прогласен за национален споменик“.

Поддржувачите на Гери потсетуваат дека Парижани протестирале и против Ајфеловата кула, центарот Помпиду, пирамидите во Лувр... И градоначалникот Бертранд Делано смета дека тужбата е бесмислена и дека делото на Гери е од светско значење.

„Сакаме да го заштитиме нашиот парк од купиштата бетон“, изјавија станарите кои ја поднесоа тужбата.

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Историја
Јавни простори / Европа
Јавни простори
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Технологија

ОкоБоли главаВицФото