Данскиот црвен плоштад

22.02.2012 12:23
Данскиот црвен плоштад

Суперкилен (Superkilen) е дел од населбата Норебро во Копенхаген кој обединува дури 57 различни култури и народности кои живеат таму. Да се создаде заеднички простор кој соодветно ќе ги уважува сите различности и ќе овозможи место за средби на сите поединци е прилично сложен урбан зафат, кој бара значително промислување не само од архитектонска и урбанистичка гледна точка туку и од социолошка и културолошка.

Токму со таква задача се зафатија луѓето од архитектонските студија BIG, Superflex и TOPOTEK1, за заеднички да го осмислат урбаниот парк. Бидејќи станува збор за познати архитектонски имиња од овие студија, но и бидејќи се вложија големи пари во проектот, од паркот се очекуваше многу. Но, решението понуди лесно и разочарувачко хоризотално третирање на просторот меѓу станбените блокови, користејќи силни тонови на црвена боја. Графичкиот пристап кон паркот со многуте недефинирани знаци остава впечаток на детско игралиште и дури кокетира со кичот, но во ниеден миг не ја дава потребната димензија на мултикултуралност и заедништво.

Проектот е започнат минатото лето, а во него се вложени околу 13 милиони евра. Самата населба Норебро во 2008 г. започна со експериментален проект за намалување на сообраќајот и проширување на велосипедските и пешачките патеки. Последиците беа очекувани: бројот на велосипедисти и пешаци се зголеми, а некои од улиците беа претворени во еднонасочни ленти за автобусите од јавниот превоз.

Затоа, како нужност се појави промислувањето на целата јавна инфраструктура. Таквата урбана преобразба стана пример за сите поголеми градови во осмислувањето похуман град.

Проектот Superkilen требаше да ја надополни визијата за поинаква населба. Јавниот простор ќе се состои од вкупно три дела: Црвен, Црн и Зелен плоштад. Црвениот плоштад е предвиден за разни спортови и друштвени игри, Зелениот топографски му пристапува на третирањето на просторот и е осмислен за дружење, додека Црниот (сè уште незапочнат) е место за иден пазар под отворено небо. Сепак, критичарите го нападнаа недостатокот на „дискретност“ и на неквалитетните материјали кои беа користени при изведбата.

Дали овој парк (заедно со останатите недовршени делови) ќе придонесе кон заедништво, односно дали ќе ја демонстрира утописката улога на архитектите за создавање на подобро општество – ќе покаже времето.

Повеќе за проектот можете да најдете овде.

Извор: pogledaj.to

Finding this post has

Finding this post has asnrweed my prayers

ОкоБоли главаВицФото