Foolish Green: Нова македонска психоделија

14.03.2013 09:55
Foolish Green: Нова македонска психоделија

На 15 март (петок) во Кино Фросина (МКЦ) во 21:30 часот Foolish Green концертно ќе го промовира деби албумот Escape.

Билетите по цена од 200 денари се продаваат во Југотон, Kафе Браво, Superfly, кафе Круг Аеородом и билетарницата на МКЦ, а на врата ќе чинат 250 денари.

Гости: JUNE
Afterparty:
DJ Goce feat. LD Pistolero

Во продолжение, пренесуваме рецензија за првенчето на Foolish Green од хрватскиот музички сајт Terapija.

 

FOOLISH GREEN: Escape (Password Production, 2013

 

Во стихот „Tamo gdje sunce vječno sja, tamo je Makedonija“, својот романтизиран опис на најјужната екс-Ју држава уште одамна го даде Дадо Топиќ со групата Тајм. Оние со подобро памтење можеби и ќе се присетат на „Абер дојде Донке“ на легендарните Леб и сол, но во земјата на џиновската статуа на Александар Велики во меѓувреме многу работи се променија. Некои работи на полошо, како и насекаде, а некои и на подобро. Се појавија некои многу помодерни струи, отворени кон светот и аптдејтувани на сегашноста. Сведоци сме на неколку интересни и квалитетни музички актови, кои оттука во минатите години тргнаа во освојување и на нас „северњаците“. Дека тоа е така, покажува и најновата музичка пратка од скопскиот шестчлен „оркестар“ собран околу Ненад Стефановски. Претходно најактивен во тамошната хип-хоп сцена, меѓутоа, кој е поводот да се сврти 180 степени во друг правец и да тргне по пат кој не може да биде поразличен од она со кое претходно се занимавал, тоа не се знае. Не е ни толку важно, но во случајов е добро што е така.

Терминот „Нова македонска психоделија“ се наметнува сам по себе при преслушувањето на нивниот албум-првенец насловен како „Escape“. Албумот со дванаесет песни, од кои некои веќе се најдоа на минатогодишното дебитантско ЕП „Sun Is Gone“ (MTV). Сè што во уметноста ја носи придавката „ново“ нема цврсто поставени граници. Напротив, отвора простор за нови интерпретации. Така и овие Македонци чекореа по патот на модерниот психоделичен поп/рок, на кој, како што велат самите, испробале нови неконвенционални техники на снимање. Аналогните звуци и акустичните инструменти ги споиле со чудни компјутерски ефекти. Користејќи се притоа, како на пример во песната „Laika“, со своето етно музичко наследство. За полесно да ја предочат тематската позадина на своето првенче, му додадоа и краток опис што подразбираат под „Бегство“. Не, не станува збор за бегство преку граница на Запад, туку со пригодни цитати од Кафка и Ками зборуваат за она метафизичко бегство - главно без свртување назад, во слободата на сопствениот дух. Бегство за кое не се потребни никакви визи и документи, туку само „илегално размислување“. И на кое, за жал, навистина се осмелува само едно малечко малцинство од нас.

Резултатот, според звукот, е величествен, но во некои предели албумот е доста тежок за „варење“. Преку наместа прегустата меланхолија, стануваат жртви на сопствениот концепт. Повеќето песни не ја покажуваат состојбата на некој кој успеал да „побегне“, туку повеќе причините зошто го сака токму тоа. За тоа сведочи и тегобната атмосфера на песните како „Faux“, „Fade Away“ или „Thousands Years of Sorrow“. Тагата, потиштеноста и желбата конечно да се „победи болката“ овде се речиси опипливи, но пренесени во многу раскошни и со детали богати аранжмани. Но којзнае, можеби токму желбата за бегство е неговата смисла и цел? Во воведната „Bon Voyage“, а посебно во завршниот инструментал на „Escape“ се појавува еден речиси неовоземски, бартоновско-призрачен штимунг. Врските со дрим-попот овде можат да се најдат само во сличноста со прозрачната естетика на звукот, но без придружната типична леснотија на мелодијата. Освен во фино хармоничните „Crystal Night“ и „Sun is Gone“. Меѓутоа, постои и онаа друга страна на медалот на овој албум, која е повеќе рок и повеќе рол. Во песните како „Lover Doll“, „Let Me Out“ или „Magnum 44“ главни се мелодичната дисторзија и цврстата ритмика, како противтежа на претходно наведените психоделично затворени песни. И претставуваат мазиво кое го придвижува целиот албум. На крајот, албумот „Escape“ ни доаѓа како метафора за отуѓената и изместена состојба на модерниот живот. Свесни дека повеќе не можеме вака, мора да се осмелиме да чекориме во непознатото, во неизвесното, но повеќе од потребно бегство.

 

З. Марковиќ

Извор: terapija.net

ОкоБоли главаВицФото