Економската пропаганда во Југославија

18.03.2013 12:02
Економската пропаганда во Југославија

Крајот на 1960-тите години во Југославија го одбележа обидот за големата стопанска реформа, односно одлучното и одлучувачкото воведување на пазарот во социјалистичката економија. Промените во стопанскиот систем довеле до вистинска револуција во односот на стопанското производство и потрошувачите. Претпријатијата и банките почнале да се борат за својата позиција на пазарот, барајќи го својот простор во јавноста. Воспоставувањето нова пазарна економија родило и нова естетика. За опстанокот и остварувањето на новиот проект излегло дека еден медиум е најдоминантен – рекламите во весниците.

На изложбата POLET се прикажани најрепрезентативните реклами објавени во неделникот „Економска политика“, во периодот од 1969 до 1980 година. Се работи за своевидна антологија на тоа време што преку визуелен наратив го отсликува односот на пазарот и стопанството, потребата за приближубање до потрошувачите и проширување на маркетиншките правила и филозофија.

Изложбата е поставена во два галериски простори: во Ликовната галерија и во галеријата PODROOM во Културниот центар на Белград. Богатата визуелна граѓа е систематично категоризирана во повеќе од 100 светлечки паноа, во коишто се вклопени и конкретните податоци, така што целата изложба функционира како голем инфографик што на многу добар начин го пренесува духот на времето и сведочи за општественото уредување во тие години.

Несекојдневен спој на тогашните западни огласувања од една страна, и социјалистичкиот естетизам од друга. Прогресивна ликовност, духовитост, високи концептуални достигнувања и lifestyle во процес на создавање! Почувствувајте го огласувањето на југословенски начин!

Изложбата POLET ја поддржа NIS како општествено одговорна компанија во рамки на програмата наречена Култура без граници. Организатор на изложбата е студиото Метаклиника.

За неделникот „Економска политика“

Првиот број на неделникот „Економска политика“ излегол на 4 април 1952 година. Владата на Југославија согледала дека има проблеми во функционирањето на економијата и решила на голема врата да го вовлече економскиот либерализам во економијата на еднопартиската држава. Оттогаш, „Економска политика“ станал авангарда за реформата и гласен заговорник на пазарната економија. Стекнал голем углед во земјата, но и надвор од неа, посебно на запад. Весникот врз својот пример ја докажал сериозноста на ставовите на редакцијата – прв се одрекол од државните донации и успеал да издржи на пазарот. Не се продавал во трафиките, но управата на секое претпријатие што држела до себе била претплатена на „Економска политика“. Значителен дел од своите приходи ги остварувал преку рекламите. Во 1969 година, како едно од првите списанија на СФРЈ, „Економска политика“ почнал да го применува форматот на списание што се печатело во боја. Во ликовно-техничката редакција тогаш биле Душан Петричиќ, Томислав Петернек, Предраг Кораксиќ Corax, Бора Коларевиќ, Бранко Турин, Милан Јанковиќ, Воислав Петровиќ, Ранко Грубач. Во почетокот на 2000-тите, „Економска политика“ тивко згасна.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото