Зошто поголемиот дел од Македонците го сакаат Груевски

04.04.2013 08:01
Зошто поголемиот дел од Македонците го сакаат Груевски

Во сеќавање ми остана онаа невидено комична сцена од видео сторијата на Сител вестите пред неколку месеци, каде Грујо вози точак на кеј у погрешна брзина, целиот наведнат, таков, мота ли мота, целиот се клати со слушалки во ушите... Изгледаше патетично, жално, смешно... Тогаш првата реакција ми беше: па зарем ова е можно, како неговата моќна ПР машина дозволила таков видео прилог да отиде во етер?!

Но како одминува времето, сè повеќе сфаќам дека тоа е дел од магијата на Груевски. Него голем дел народот го сака бидејќи се препознава себеси во неговиот лик и појава. Генерално народот е свесен за своите недостатоци и посматрајќи го Груевски, луѓето во него се препознаваат себеси. Кога го гледаат како говори со говорна маана, како оди така незграпно и смешно, кога го гледаат неговиот скромен лик, особено кога го гледаат со облека која изгледа како да ја купил на првата тезга у Шутка (а премиерот не само што никако да си ги погоди чевлите со сакоата и краватите, па дури и се труди навистина да се облекува како оџачар, што би рекла Цаци Паковска, сетете се како премиерот изгледаше на локалниве избори во фармерки и џемпери со кожни или виндјакни, како да отишол по леб додека е со семејството на одмор во планина, а не на митинг на владејачка партија) повеќето од Македонците се разнежнуваат, омекнуваат, им навираат солзи на очите, кај Грујо си го препознаваат синот, сопругот, татко си... Да бидеме реални, просечниот Македонец, па и секој граѓанин воопшто во светот, изгледа токму како Грујо, тотална анти-појава од ликовите од рекламите на билбордите и на малите екрани. Сите ние, односно повеќето од нас сме токму такви: патрави, грди, ниски, со меше, чопави, со говорна маана, со лузни, без или со криви заби, токму како ликовите кои ги црта Стевац во скечот во Фокус кога сака да ги долови симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ на митинзите...

Речиси никој не го анализирал до сега овој момент при анализата на високиот рејтинг на Груевски. Сите со право се фокусираат на купените полтронски и замолчаните критички медиуми, со поткупот на експертите и политичките аналитичари кои ја фалат владата и оцрнуваат опозицијата, и сосема случајно одлично им оди во покровителство на Министерството за култура со издавањето книги и организирањето уметнички изложби или пак членство во разно-разни комисии и регулаторни тела, или пак добиваат пари за филмови, документарци, или шанса да синхронизираат турски серии или да пеат на митинзи... Со право сите се фокусираат на субвенциите како поткуп на гласачкото тело, нерелано зголемените пензи и плати и огромната бирократија или к ранзо разните награди, стипендии кои опфаќаат илјадници членови на ова општество и од нив се прави гласачка армија. Со право сите се фкусираат и на национализмот и проектирањето на Грујо како заштитиник од внатрешниот а богами и надворешниот непријател...

Но, не сум прочитал некој да го анализира овој момент, а тоа е отсуството на класична харизма шарм и убавина на Грујо како фактор за привлечност кај народот. Знам дека ова звучи спротивно на сите правила за ПР и пропаганда, но еве анализирајте сами. Погледнете околу вас, распрашајте се кај оние кои го сакаат и ќе видите дека сите со тонот на гласот и нештата кои ги кажуваат, искажуваат една емпатија и љубов кон Груевски ко да го бранат својот син, или сопруг, или брат, а тие во повеќето случаи потсетуваат токму на Груевски: човече кое се труди, работи, трча, се поти и патем, нели, ненамерно греши, дава сè од себе, размислува колку што може логично, искрен, скромен, невин, мил, редовно пали по 5-6 свеќи замислено и покорно загледан во иконите од дедо боже, Богородица и Света Петка... Тој безмалку го реплицира моментот на Трајче Дрварчето, Белото Циганче, Калимеро, Бошко Буха, оној грбавиот камбанар од „Богородичната црква во Ппариз“ на Виктор Иго, сите ликови на Гоце Тодоровски во македонски народни приказни, вредно, мало, несмасно, скромно, мило, невино, несовршено човеченце кое е толку смешно и жално што му простуваш кога ќе го расипе млекото или скрши вазната или таблата со јајца... Патем, згора на сево ова, има и две слатки девојчиња за ќеркички и многу ги сака и е грижлив татичко, ги носи на прошетки целите со плетенки како куклички...

Затоа народот не го казнува за 24-ти декември, за сплетките околу несреќата со Мартин Нешковски, за нечистата игра со медиумите, за одмаздољубието кон Љубе Бошковски, за богатењето на братучедот и блиските олигарси, за грешките поради политикантство во нардворешната и економската политика... Затоа што народот е опиен и заљубен во тоа невино, скромно, смешно, обично човече кое си го сметаат за дел од своето семејство, и не можат да поверуваат дека ова работливо мило човече е способно за толку злобни активности...

Поголемиот дел од народот не успева да ја види суштината и вистината за ова човече. За да ја увиди ни треба лидер на опозицијата кој ќе делува убедливо и моќно, кој ќе привлече значителна маса зад себе од оние кои не се опиени од овој сон и ќе успее да го изведе на чистина и можеби и да го победи во тесна борба или барем да извади тесен пораз со кој понатаму би го намамил некако на тв-дуел каде ќе се види вистинското лице на овој лик кој за сега успева да ги лаже поголемиот дел од Македонците... Оваа битка ќе биде долга, и тешка и зависи од тоа до кога владава ќе може да се позајмува. Со губењето на можноста да го подмачкува системот со пари, ќе се отвори шанса народот да се разбуди од овој сон во кој има западнато. Овој факт кој се убедив да ви го доловам во колумнава е реалност и колку и да не ни одговара како критичари на оваа власт, сепак треба да сме свесни за тоа и да го земеме предвид при ковањето на стратегии за борба.

Извор: maktel.mk
Слики: Свирачиња