Европски дитирамб

04.05.2013 09:53
Европски дитирамб

Германските медиуми како да ги губат нервите: после пет години криза и сите оние финансиски инјекции вбризгани во малигното ткиво на периферијата на Унијата, извештајот на Европската централна банка за богатството на домаќинствата донесе нова епизода во популарната басна за распеаниот штурец и вредната мравка, покренувајќи напади на мрзливите, неодговорните и безобразно лажливите Медитеранци. Податоците од 2010, објавени на почетокот на април, покажуваат, имено, дека едно просечно германско домаќинство вреди 195.000 евра: речиси три пати помалку од шпанското (291.000) и италијанското (275.000), а едвај нешто повеќе од португалското (153.000) и грчкото (148.000). Бројката која уредниците, новинарите и нивните читатели посебно ги изнервира се однесува на Кипар: во новооткриената најслаба алка на еврозоната, која бара помош од богатиот центар, просечното домаќинство вреди фрапантни 671.000 евра.

Кога ќе попуштат нервите, јасно е, се бараат виновници. А ноторниот Билд повеќе не е единствениот кој ги претвора насловните страници во потерници: дури и угледниот Шпигел се реши за дебилидизација на јавниот говор, па на ударно место го детонираше насловот „Лага за сиромаштијата“. Во централниот прилог, до душа, се спомнува и по некое слабо место на истражувањето - да речеме, фактот дека богатството на домаќинствата почива првенствено на вредноста на недвижностите, а политиката на Бундес не ги насочува граѓаните кон купување куќи и станови, туку нивен наем - но медиумски насочениот бес на револтираните германски даночни обврзници, кои гарантираат за 100 милјарди евра досегашна помош за фрагилните национални економии од Југот, не се намали. Се чини дека нема да го зауздаат ниту неодамнешните настапи на Ангела Меркел: нејзините предупредувања дека истражувањето ја превидува поголемата социјална сигурност на германските граѓани, ентузијастичкиот повик на земјите од периферијата да продолжат со „непопуларните мерки“ и да се потсетат како и самата Германија „пред само десет години ја опишувале како европски пациент“ главно се протолкувани на фонот на предизборната реторичка гимнастика. Затоа, заклучокот остана: наместо да бараат помош од стабилизациските механизми преку кои ги црпат парите на своите работливи, штедливи и дисциплинирани спасители од Северот, на Кипраните, Грците и останатите штурци најпаметно би им било да ги откријат меѓу себе оние богаташи чијшто имот ја напумпал просечната вредност на домаќинствата, па да ги притиснат со нови даноци и построг фискален надзор.

Во ова заканувачко пријателско предупредување, секако, има одредена вистина, но таа е сериозно дисторзирана од визурата на националните интереси. Секој предлог тежиштето на баластот на кризата да се помести кон побогатиот пол на општеството вреди да се поддржи; меѓутоа, она што германските коментатори пропуштаат да го воочат, е фактот дека економската нееднаквост ги распнува и нивните граѓани, и дека тој дисбаланс никако не е ситна грешка на инаку успешниот економски систем, туку влез во логиката на неговото функционирање. Како, имено, оздраве оној европски пациент на кого Ангела Меркел нè потсетува? „Ниската вредност на германските домаќинства нема ништо со тоа што јужњаците, наводно, ги прават будали“, објаснува во Гардијан економистот Костас Лапавицас. „Во последните петнаесетина години германските влади строго ја спроведуваа политиката на многу мали зголемувања на платите, држејќи така стапка на инфлација пониска отколку во останатите земји од монетарната унија. Германија на тој начин ги задржа и ниските цени на својата извозна стока, создавајќи огромна предност за сопствените извозници во земјите на Унијата.“ Овој механизам уверливо го опишаа некои хетеродоксни економисти: угнетувајќи ги своите работници, Германија го подигна растот втемелен на извозот, но и експанзијата на кредитно финансирање на потрошувачката на периферијата, потрошувачка која сега го влече Југот низ должничката спирала.

Асиметријата на монетарната унија притоа и понатаму се репродуцира, наспроти рецесијата: еден од поистакнатите застапници на ваквата теза за системските корени на евро-кризата, Јанис Варуфакис, токму во деновите на наводното разоткривање на „лагата за сиромаштијата“ на својот блог објави податоци кои докажуваат дека германскиот трговски суфицит сè уште примарно ја храни потрошувачката на презадолжениот раб на еврозоната. Парцијално насочените истражувања, како ова на Европската централна банка, немаат никаква врска со таа темелна логика, таа по сè изгледа им се измолкнува; сеедно, во побогатиот дел на континентот добиваат неспоредливо поголемо медиумско внимание од оние статистики кои покажуваат, да речеме, дека грчките работници во просек работат повеќе од своите германски колеги. Така, накратко, гласи пораката на најновата инсценација на Езоп: за и понатаму да ги гази своите вредни мравки со висока стапка на експлоатација, на Германија ѝ е потребен идеолшки привид дека оние од периферијата живеат секојдневна ферија...

Во Хрватска таа поука никој не ја слушна, бидејќи целата расправа за вредноста на домаќинството помина помалку или повеќе незабележано. Додека земјата се занимаваше со првите избори за Европскиот парламент, а потпретседтелот на Владата ги информираша граѓаните дека речиси една третина од нив живеат под границата на сиромаштијата, големата полемика не заинтересира никого. Иронично: сиромашна држава на прагот на Европа и во предворјето на еврозоната не ја интересира тоа што во Европа и еврозоната не се зборува за сиромаштијата. Камо ли да разгледува модели за реорганизација на континенталното единство. Во таа ноншалантна индоленција кон сопствената непосредна иднина како да има нешто штуролико: ете ни, значи, нов кандидат за улогата на мрзлив јужњачки трубадур. Зафатен со подготовки за скорешното големо славје, летната фешта за примањето во одбраното друштво, тој просто не стигнува на да се запраша: дали Европа ќе умее да пее како што штурците пееја за неа?

Извор: www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото