Обраќање до Бога

13.05.2013 10:21
Националните поети

 

ОБРАЌАЊЕ ДО БОГА

Боже мој,
Во што се претвори тоа твое,
Ако е твое, здание и создание – Човекот,
Тој Адам твој, тоа чудовиште убаво.

Не е тоа, добри Боже, белки не е,
Дело само на твојот божји ум и наум,
Се чини дека ти Семожен,
Тој Шести ден си бил во ѓаволовата моба!

Можно не е, Семожен,
Дека е таа Бездна, тоа облачиште, тој кијамет,
Таа карабој, тој расап, таа понорница,
Само од твојата глава, Боже!

Чувствувам јас тука, Семожен,
(Во себе понекогаш ги гледам, слушам и наслушнувам)
Нечии други прсти, дело некое ѓаволско,
Провалија во која и нечестивиот се мачи.

Таков сум каков сум, Севишен,
Но на твојата свршена работа мана ѝ нема.
Да сум само јас твое дело, Семожен,
Оваа песна би ја пишувало некое совршено ништо!

ПОЕТОВИТЕ ЖЕНИ

I

Онаа првата
и не знаеше чија жена е.
Беше тоа време на сеопшто пишување поезија.

После првата брачна ноќ,
со утринското кафе и коњак „Звечево“
се осмели да праша од што ќе живеат.


II

Да не ги налути роднините
мажејќи се за човек без занимање,
втората поетова жена,
инаку глумица во престолниот театар,
тивко призна дека,
според сè, се омажила за поет!

Кога разбраа што тоа значи,
родителите ја наговорија,
разведувајќи се од поетот,
да ја одигра својата животна ролја!
– Добар ноќник е – рече глумичката.
– Ќе има и подобри – ѝ вети мајка ѝ!


III

Третата поетова жена, цицлеста како Јејтсовата
Мод Гон,
инаку наклонета кон природата, тревите и
ѕверовите,
го наговори да отидат во шума,
да избегаат од луѓето,
да живеат во колипка на карпа,
први соседи да им се орел и дивокоза,
да прават деца, керамички садови, јаслички и
стапови.

Кога виде каде сето тоа го води,
додека таа во шумата береше јагоди за ручек,
поетот ја запали колипката и побегна в град.
Орелот и дивокозата едвај се спасија!

Во тој голем пожар
изгореа доста од поетовите фотографии.
Денес му е најмногу жал за фотосите
на кои тој и жена му хранат две тукушто родени волчиња!


IV

Четвртата поетова жена, инаку Дукљанка,
влезе во неговиот живот едно жешко лето,
враќајќи се од море во сè уште мокар костум.
Додека не откри која е
му се причини дека кај него избегала
исончана и гола
ќерката на шпанската Циганка Кармен.

Таа е онаа која му раѓаше деца,
дукљанските планинци би рекле Синови.

Во прогонство единствена го посетуваше:
му донесуваше од дукљанското небо синило,
описот на раѓањето на нивниот внук, мајчината смрт и погребот,
гласното разбратимување на неговите браќа
и тивкиот трепет на поетовите
пријатели и непријатели
од неговото можно враќање!

ИМА НЕШТО

Има нешто, знам дека има, стопати има,
Стопати нема, пак има, велат има.
Сотона е, створител е, нечестивиот,
Се прикажува, побелува и поцрнува и поживува,
Среде умот, среде гората, среде тебе,
Има нешто мало, тајно, долготрајно,
Видено е, дадено е, затечено, вплетено,
Секаде кај ќе бидеш, кај никогаш нема да бидеш.
Враснало и разраснало па те следи, па те помни,
Има нешто, не знам ни што е ни какво е.

Има нешто што те гледа, демне, чува:
Можеби мало нешто, можеби коска е, можеби ѓавол,
Како доаѓа, каде ноќева, кај се крие?
Има нешто што ги патува твоите патишта,
Па те сепнува, превртува и пребарува.
Ко игла е, ко душа е, ко насетување е,
Има глава, едно око или повеќе,
Има нозе, опаш и срце, заби има, можеби има.
Ти било в куќи, во слемето под трпезата,
Знај дека има и ќе го има додека постоиш.

Има нешто што се вие, што постои,
Што било и што е, што се јавува
Од огниште, од пепел, од врата,
Ко зрно е и свети, а оживува и живо е,
Можеби створ е, можеби чудо над чудата,
Можеби збор кој бдее, кој лута.
Има, се знае, една болка, една темнина
Над тебе, среде патот и во тебе.
Насекаде ја има кај те има и твоја е,
Без неа не би бил ништо, дури ни пес.

Има нешто и го има во Брдата,
Се претвора ту во тебе ту во јаре.
Причекува па те снаоѓа и обзема.
Те изведува од свеста, од горчината.
Има нешто и во тебе сето се собрало,
И било како тебе и ти додека си бил:
Те мачело, се мачело и морало
Во твојот облик и во стапка твоја секоја.
Има онаа црна чизма од која си
Еднаш мора и низ тебе да проникне.

Има нешто, сигурно има, знаеш дека има,
Од што е и кај ли е во овој час?
Знае да биде и на едно драго лице,
Во очите кои ги гледаш како свои.
Може тоа и од гората да се јави,
Од изгниена стара книга да избие.
Може тоа, сè што може, во овој миг
Да ме викне и замае, да ме храбри,
Да ми биде спас единствен, едноумен,
Има нешто стопати има, знам дека има.

НАЦИОНАЛНИТЕ ПОЕТИ

Одвишно и слатко зло на секој народ се
Националните поети и националните поетеси,
Особено оние кои се напнуваат
Од петните жили и националните срценца
Да бидат во сè на народот свој посветени,
Понекогаш и од самиот народ понародни.

Да се биде трубач, ловец и ѕвонар народен,
Да му се подметне своето срце, урнатината срцева,
И во него непостоечките градови и кули,
Измислено минато, бакарен сјај и свила,
Ноќни садови и течности од принцови и принцези,
Уморни нимфоманки и рахитични дебили.

Да се биде корач, кловн, клепало и клатно
Кое се мрда по волја на дневниот чар,
Национална сачмарка, римувана пранга,
Барабанџија на славата на црвливи дворови и круни,
Певец на таткоубијци, родоскверници и чедоморки,
Фалител на грдилото и темнилото национално.

Служител при омразата на одредени и околни,
Слеп за слепилото на своите ослепувачи,
Лицекрасител на ништожници, тепачи и гниди,
Кривоклетници и крвораци велмошки –
Националниот поет и поетесата национална
Немајќи свои – се честат со националната чест.

Нека ми се случи сè што може да му се случи
На човек еден намачен со својата мака,
Нека и народот од кој сум ме исплука,
Нека и најсрамните ме сметаат за срамен,
Само никогаш она најстрашното да не ми се случи –
Национален бард и маченик да бидам!

ТАТКОВЦИ И СИНОВИ

Ќе биде и таков ден, мора да биде:
Пред нас ќе стојат нашите татковци,
Нашите татковци од победничката војна,
Нашите татковци од поразената, нашите татковци.

На таква средба долго се чека,
Треба ордените да потемнат, да слегнат,
Треба раните да зараснат, треба коски,
Твоите синови да пораснат, татковци да се.

Ќе биде тоа разговор на мртви и живи усти,
Небото и земјата ќе сакаат да наслушнат
Што татковците наши смислиле
За со нас да се ракуваат со чисти раце.

Оземјени татковци пред приземјени деца!
Тие уште млади – синовите веќе бабосани,
Тие уште воини – синовите инвалиди,
Тие уште во гора – синовите во домови старечки.

И оној мојот пред мене ќе застане,
Ќе му треба време да ме препознае,
Нема да му ѕиркам во рацете –
Што, ако тој во овие моиве се загледа?

Тоа истото ги чека и моите синови,
Еден таков ден, едно соочување:
Пред нас ќе стојат нашите деца
И ништо нема да ни простат.
А пак синовите на нашите синови,
Тие волчиња електрични кога ќе дојдат,
Со звуците на личните химни – четвороножно
Врз гробовите наши ќе играат.

Превод од црногорски: Игор Исаковски
Песните се преземени од книгата „Во материјата прозорец“ - панорама на црногорската поезија на XX век во издание на Блесок

Слики: Џозеф Пара

ОкоБоли главаВицФото