Националните поети

08.02.2016 13:15

Одвишно и слатко зло на секој народ се
Националните поети и националните поетеси,
Особено оние кои се напнуваат
Од петните жили и националните срценца
Да бидат во сè на народот свој посветени,
Понекогаш и од самиот народ понародни.

Да се биде трубач, ловец и ѕвонар народен,
Да му се подметне своето срце, урнатината срцева,
И во него непостоечките градови и кули,
Измислено минато, бакарен сјај и свила,
Ноќни садови и течности од принцови и принцези,
Уморни нимфоманки и рахитични дебили.

Да се биде корач, кловн, клепало и клатно
Кое се мрда по волја на дневниот чар,
Национална сачмарка, римувана пранга,
Барабанџија на славата на црвливи дворови и круни,
Певец на таткоубијци, родоскверници и чедоморки,
Фалител на грдилото и темнилото национално.

Служител при омразата на одредени и околни,
Слеп за слепилото на своите ослепувачи,
Лицекрасител на ништожници, тепачи и гниди,
Кривоклетници и крвораци велмошки –
Националниот поет и поетесата национална
Немајќи свои – се честат со националната чест.

Нека ми се случи сè што може да му се случи
На човек еден намачен со својата мака,
Нека и народот од кој сум ме исплука,
Нека и најсрамните ме сметаат за срамен,
Само никогаш она најстрашното да не ми се случи –
Национален бард и маченик да бидам!

Препев: Игор Исаковски

Еврем Брковиќ (1933), црногорски поет и писател. Во опусот има над педесетина книги. Со децении е активен и темпераментен учесник во бројни полемики околу идеолошки, национални и естетски прашања. Како политички емигрант, бегајќи од режимот на Милошевиќ, со години живеел во Хрватска.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото