Момчето што ја соголи египетската диктатура

09.07.2013 10:12
Момчето што ја соголи египетската диктатура

Видеото од едно египетско момче кое како сериозен политички аналитичар аргументирано и самоуверено ги објаснува причините за египетската криза и големиот бес кој се насобра кај граѓаните поради „владеењето со цврста рака“ на Муслиманското братство стана хит на интернет.

Видео интервјуто со ова момче, кое најверојатно има само 12 години, е снимено во октомври минатата година, за El Wady, пред соборениот претседател Мохамед Морси да присвои речиси неограничена моќ.

Момчето со име Али Ахмед, коe оди во прво одделение во подготвителното училиште во Египет (што е приближно седмо одделение од основно училиште) го соголува Муслиманското братство и детално ги изнесува своите мислења за теми како родовата нееднаквост, па сè до актуелните политички процеси во земјата, работата на парламентот и економската состојба.

Ахмед смета дека политичките процеси во земјата се бесмислени, истакнувајќи го проблемот дека во џамиите се мобилизираат гласачи, додека партиите ги базираат своите кампањи на запалива мешавина од религија и политика.

„Не се ослободивме од воениот режим за да го замениме со фашистичка теократија. Општествените цели на револуцијата допрва треба да пристигнат - да зајакне економијата, слободата и социјалната правда. Сè уште нема работа, а полицијата произволно затвора луѓе. Што се однесува до социјалната правда, како е можно водител на вести да има плата од 30 милиони египетски фунти, а некои луѓе сè уште да земаат храна од ѓубре“, вели Ахмед.

Тој се осврнува и на родовата нееднаквост.

„Политички гледано, каде е Уставот кој би нè претставувал сите нас? На пример, жените сочинуваат една половина од општеството. Како тоа има само седум жени во Уставотворното собрание, од кои шест се муслиманки?“, прашува малиот Ахмед. Тој објаснува дека нацртот на Уставот го прочитал на интернет и објаснува што му пречи.

„На пример, во Уставот стои дека жените и мажите се еднакви во секој поглед, освен ако тоа е во спротивност со исламскиот закон. Меѓутоа, исламскиот закон им дозволува на мажите да ги 'дисциплинираат' своите сопруги. Не може некој речиси да ја убие сопругата од ќотек и потоа да каже дека тоа е дисциплинирање. Тоа е насилство и лудило.“

Кога репортерката го прашува од каде ги „собрал“ таквите политички ставови, Ахмед одговара дека тоа се работи кои просто ги знае; чита весници, гледа телевизија и пребарува на интернет. Исто така, додава дека го користи својот мозок.

Иако снимката е стара повеќе од половина година, неодамна доживеа екстремна популарност на сајтот Reddit, а коментарите на видеото се многу позитивни.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото