Алхемија на 21 век

16.07.2013 07:17
Алхемија на 21 век

ПАТУВАЊЕ

На љубената

Те оставив сама
за да те чуваат ѕвезди
потопени во бејлис,
за потоа секоја милисекунда
да мислам на тебе
и да сфатам,
дека никаде не тргнувам без тебе
и те чувам како пасош
во внатрешниот џеб на срцето.


* * *

На љубовта, за сите нешта некажани, а помислени, па проголтани

Немаме покривка со која ќе се заштитиме од стварноста,
останува само да се прегрнеме со овој плашт
на „Те сакам“ и „И јас тебе“
нашата најдобра ХТЗ опрема дадена привремено на користење
уште од Адам и Ева
па сè до надежта
дека утре ќе биде поубаво и потопло,
Немај гајле мило.
Те спремив и тебе и себеси
заедно да ги дочекаме дождовите, грмотевиците
и апокалипсата,
прегрнати, па сè до крајот,
но,
контролорите на стварноста ме будат и од овој сон.


* * *

„Градот е мојата транзиција на духот“

Бетонот на нашата прва средба
сега изгледа како море
изгубено во нашите сеќавања,
како лузни на платеник во војна
за срце, наместо нафта,
тоа е море што го барам низ пустина,
таму те нема со илјадници години,
додека небото добива темносина боја,
мракот го има налегнато самракот
во мисионерска поза,
јас и ти се сретнавме тука,
усните ти беа жилет што ме расече до страст
како оној берберски потег во Андалузискиот пес,
а се поврзавме како небо и земја во бура,
никогаш и не се одлепивме,
без да ги сретнеме нашите погледи на
„знам колку те љубев вчера,
а денес за 300 светлосни години повеќе,
ме возљуби во сутлијашот наместо појадок,
ме испи во нес-кафето“.

Те нема во оваа носталгија,
ти нема да се вратиш тука,
а за читателот што очекува хепиенд,
ти веќе ме чекаш дома,
гола,
но покриена
со здив на тирамису,
кој те воскреснува
како чоколадна божица на оргазмот.


TO AN EVE

Не ги сакам местата каде што те нема тебе, Ева.

Нашата плажа сега е изгубена пустина.
Ни едно зрно песок,
Ни еден здив на ветрот
Не те најавуваат, Ева.

Сите збогувања се исчезнувања,
А сегашноста лежи во нејзиното исцедување.

Би сакал сè одново да проживеам со тебе, Ева.

Нашите појадоци и
Нашите пладниња
Нашите вечери кога
Ја засведочувавме егзекуцијата на сонцето.
Но само мои утра додека те набљудувам како спиеш, Ева.
Минливи се нашите тела, Ева,
Иако парадоксално,
Ги вооружуваме за лов на Вечноста.


* * *

Можеби ќе звучам поразително,
но од своите две ребра
ќе позајмам едно
за да ја пресоздам Ева,
а од другото - гилотина за неа.
„Полесно ќе ја убиеме вистината
ако ја внесеме во неа душата
на целиот свет.“


ПОЕТИКА

Велат дека вистинскиот порив се чека
како невестата својот сакан,
упорно,
упорно и тажно,
но со надеж.
Тоа е ковчег кој се отвора секојдневно со мечта,
а еднаш годишно со солзи,
додека не го наполниш со вода,
па целата инспирација да ти стане потоп
кој ќе ти ги проголта:
спомените, љубовите, запалените цигари, пијаните шанкови,
ѕвездите што се твојот GPS на стварноста, мамурните утра
во кои денот ти се лути што ќе ручаш во три и половина недоистрезнет,
потопот ќе ги проголта прочитаните книги,
философски изџвакани текстови, смс-пораките што си ги праќал
Па, да те видам тогаш ,
слушај за Стерната на Блаже
и за Рембо и неговото грозничаво пишување,
додека ти го чекаш
твојот водоинсталатер на тагата,
да ти ги затвори солзите во грлото
и да ги пушти да течат на PC-мониторот.

Песните се преземени од книгата „Алхемија на 21 век“ во издание на Антолог.

Слики: Ото Рап

ОкоБоли главаВицФото