Македонски министер на хирургија успешно одвоен од министерската фотелја

30.07.2013 14:08
Македонски министер на хирургија успешно одвоен од министерската фотелја

Скопје, 30 јули 2013

На клиниката за политичка хирургија во Скопје денес успешно е изведена операција за раздвојување на македонски министер од неговата министерска фотелја, дознаваат Пара вести.

Ваков сложен медицински зфат за прв пат е успешно изведен во нашата земја, но и во југоисточна Европа.

„Ова е голем успех на стручњаците од нашата клиника. Постапката на раздвојување траеше повеќе од 12 часа и можам да кажам дека е сосема успешна. Двајцата пациенти се во стабилна состојба; министерската фотелја полесно го поднесе зафатот, додека министерот сè уште е во постоперативен шок. Меѓутоа, тоа е вообичаено во случаи кога сраснувањето на министерот и фотелјата траело подолг временски период“, вели Александар Скалпелоски, шеф на тимот кој ја изведе операцијата.

Лекарите очекуваат дека министерската фотелја брзо ќе се врати во кабинетот, додека закрепнувањето на министерот ќе трае значително подолго.

„Министерот некое време ќе остане во шок соба, а потоа постепено ќе почне да се навикнува на животот без својата фотелја. Светските искуства говорат дека тоа може да биде долготраен и многу мачен процес за пациентот“, истакнува Скалпелоски.

Тој додава дека денешната успешна операцја дава надеж дека во иднина полесно ќе ги одделуваме државните функционери од нивните фотелји, и дека реконструкциите на владата или распишувањето вонредни избори во следните години ќе биде сè помалку комплицирано.

За успехот на македонските лекари веќе покажаа интерес и останатите држави од регионот, кои исто така имаат проблем со сраснувањето на министрите и нивните фотелји.

Како што неофицијално дознаваме од скопскиот клинички центар, веќе се во тек подготовки за извршување на значително посложени операции од денешната, а станува збор за раздвојување на функционерите од службените автомобили и мобилните телефони, за кои многу стручњаци сметаат дека е невозможно да се изведат успешно.

Извор: www.njuz.net