Убиството на еднаквоста не е споредна работа

03.08.2013 06:50
Убиството на еднаквоста не е споредна работа

Со најновиот предлог за промена на Уставот со која во Уставот треба да биде дефинирана брачната заедница како заедница на еден маж и една жена, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да убие три зајаци со еден куршум.

Прво, ја убива еднаквоста со тоа што дава уставна гаранција на една дискриминаторска пракса базирана на монотеистичката религија, вкоренета во патријахалниот модел на живеење и зачинета со традицијата. На овој начин, секој обид за борба против нееднаквоста базирана врз сексуална ориентација ќе биде прогласена за противуставна. Уште повеќе, ќе биде оневозможено донесување на закони со кои ќе се овозможи еднаков третман на луѓето независно од нивната сексуална ориентација и ќе биде казнета праксата на промоција на еднаквоста независно од сексуалната ориентација.

Второ, го дефокусира вниманието од горливите прашања поврзани со падот на стандардот, неуспешната економска политика, влошените меѓуетнички односи, распродавањето на државата, шурувањето со светскиот организиран криминал и, се разбира, процесот на назадување во однос на влезот во ЕУ и со тоа и назадувањето во однос на имплементацијата на европските стандарди на развој на демократијата и владеење на правото.

Трето, создава привид на демократичност. Со изјавата на предлагачот Ѓорчев дека ваквата иницијатива била поддржана во огромно мнозинство од граѓаните, се убива суштината на борбата со оние видови дискриминаци кои имаат длабоки корени во минатите пракси на нееднакво постапување и каде што се бара такво делување на политичкото водство кое ќе ги разбие старите дискриминирачки пракси и ќе создаде услови за еднаков третман независно, меѓу другото, и од сексуалната ориентација.

И ова не е ново во демократското управување. Имено, мнозинството граѓани биле против еднаквоста на жените и мажите (а многу од нив и денес се против), меѓутоа, биле донесени закони со кои е гарантирана оваа еднаквост. Мнозинството граѓани сè уште не можат да ја разберат еднаквоста на децата и возрасните, па сепак се донесени закони со кои се гарантира оваа еднаквост. Мнозинството граѓани се против еднаквоста на луѓето од различна етничка припадност, меѓутоа власта ја гарантира со Уставот и законите. Мнозинството граѓани не ја разбираат еднаквоста врз основа на различно уверување, меѓутоа Уставот и законите ја гарантираат. Граѓаните воопшто не ја перцепираат потребата од еднаквост на луѓето независно од нивните физички, интелектуални или ментални попречености (па дури и отворено се спротивставуваат на овој вид еднаквост), меѓутоа Уставот и законите ја гарантираат. Не се работи овде за поддршката на мнозинството туку за нивото на цивилизацискиот развој.

Значи, да бидеме на јасно. Кецарошите од власта ни подметнуваат назадна, одамна отфрлена од цивилизираниот и демократски свет, примитивна и дискриминирачка флоскула. И ДУИ не може да се затскрие зад тесните националистички интереси кои ги негува и да изигрува надворешен играч. Нивната одговорност е истоветна со онаа на ВМРО-ДПМНЕ и секое миење на рацете никако не е ослободување и од вината.

И тоа не е никако споредна работа затоа што не се работи за тоа дали ги сакаме хомосексуалците или не, дали ја прифаќаме нехетеросексуалната ориентација или не, колку хомосексуалци има во Македонија и колку луѓе ги поддржуваат. Станува збор за тоа дали сме способни да ја разбереме еднаквоста на човечките суштества на нивото на современиот цивилизациски развој.

Ако утре во Уставот влезе оваа и ваква одредба, само прашање на време е кога ќе влезат одредбите за забрана на изразување, на здружување, на политички плурализам, на побуна, на штрајк, на демократија, на право.

Ако дозволиме да се отвори вратата на минатото во истиот момент ќе ја изгубиме иднината.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Свирачиња