10 цитати од Хичкок

14.08.2013 10:48
10 цитати од Хичкок

Режисерот Алфред Хичкок, кој почина во 1980 година, е роден на 13 август 1899 година. Вчера беа одбележани 114 години од денот на неговото раѓање. Во негова чест, ви пренесуваме неколку негови познати цитати.

1. За јајцата

Јас сум преплашен од јајца, повеќе од преплашен, згрозен сум од нив. Тоа кружно бело нешто без никакви дупки, а кога ќе го скршите, внатре има жолто нешто, кружно, без ниедна дупка... Бррр! Дали некогаш сте виделе нешто поодвратно од лушпа на јајце која се крши и од која се разлева жолта течност? Крвта е весела, црвена. Но жолчката е жолта, одбивна. Никогаш немам пробано јајце.

Интервју од 1963 година

2. За насилството во филмовите

Насилството во филмовите предизвикува насилство кај луѓето, само ако тие луѓе веќе имаат болни умови. Прочитав некаде дека еден маж признал убиство на три жени и рекол дека ги убил жените откако го гледал „Психо“. Па, сакав да го прашам кој филм го гледал пред да ја убие втората жена. Тогаш би го забраниле и тој филм, нели? А ако откриеме дека пиел млеко вечерта пред да ја убие првата жена, би требало да го забраниме и млекото, нели? На сетот на „Психо“ ми пријде младо момче – имаше околу 9 или 10 години – и ме праша: Што користевте наместо крв – кокошкина крв? Јас му реков дека користевме прелив од чоколадо... Поентата е дека ме праша што сме користеле. Знаеше дека се работи за филм, дека е фикција.“

Интервју од 1969 година за Њујорк Тајмс

3. За сопругата, Алма Ревил


Ако прекрасната г-ѓица Ревил ја одбиеше понудата за доживотно партнерство со г-динот Алфред Хичкок пред околу 53 години, г-динот Алфред Хичкок можеби ќе беше во оваа соба вечерва, но не на оваа маса, туку меѓу келнерите. Ја споделувам оваа награда, како што го споделив и целиот мој живот, со неа.

Од говорот при доделувањето на наградата за животно дело на Американскиот филмски институт – АФИ

4. За „Психо“

Еднаш направив филм наречен „Психо“. Неговата содржина бескрајно ме забавуваше и го сметав за голема шега. Бев ужаснат кога забележав дека некои луѓе го сфаќаат сериозно. Неговата намера беше да ги натера луѓето да врескаат, да се дерат итн., но не повеќе од што би се дереле да се во некој забавен парк. Веројатно јас сум човекот кој прашуваше: колку далеку треба да одиме? Ако навлезете премногу длабоко, вресоците ќе продолжат, како што автомобилот ќе лета кон амбисот, убивајќи ги сите. Затоа не смеете да одите премногу далеку, затоа што сакате луѓето да си заминат од паркот, задоволно смеејќи се.

Интервју од 1964 година за англиското ТВ-шоу Монитор

5. За игрите со зборови

Игрите со зборови се највисоката форма на книжевност.

ТВ интервју со Дик Кавет од 1972 година

6. За разликата меѓу мистеријата и напнатоста

Овие две нешта се целосно различни. Мистеријата е интелектуален процес, како во детективските романи. Но напнатоста е суштински емоционален процес. Оттука, можете да ја одржите напнатоста само ако споделувате информации со публиката. И се осмелувам да кажам дека сте гледале многу филмови кои се навидум мистериозни, не знаете зошто човек го прави тоа, и треба да изгледате третина од филмот за да сфатите што всушност се случува. За мене, тоа е целосно залудно трошење филм, бидејќи нема емоции во сето тоа.

Семинар одржан од Американскиот филмски институт

7. За она што го прави среќен


Мојата сопруга одлично готви, би можел да умрам јадејќи. Нештата кои ме прават најсреќен на целиот свет се јадењето, пиењето и спиењето. Спијам како бебе. Пијам како риба, дали некогаш сте виделе толку црвено лице како моето? И јадам како свиња. Па дури и ако поради тоа стварно заличувам на свиња.

Интервју со Ориана Фалачи од 1963 година

8. За убиствата

Пред многу години, тоа беше исплатлива опција, навистина. Особено во Англија. Прво, речиси никој не можеше да се разведе, зашто тоа чинеше многу пари... Луѓето го правеа тоа од очај. Апсолутен очај. Немаа каде да одат, тогаш не постоеја мотели, па мораа да спијат зад грмушките во паркот. И во очај тие убиваа... Масовните убијци се психотични. Тие се апсолутно психотични. Многу често се импотентни. Како што покажав во „Бес“. Човекот таму беше целосно импотентен и се возбудуваше само преку убиствата. Но денес, во доба на револверите, има повеќе пиштоли во домовите отколку на улиците. Знаете? И луѓето ги губат главите...

Интервју со Енди Ворхол, септември 1974 година

9. За младоста

Јас сум за младоста. Го напишав моето прво сценарио кога имав 22 години и го режирав мојот прв филм на 25 години. Јас сум за младите. И кога луѓето денес велат дека имам 70 години,велам дека тоа е само една бедна лага. Имам само два пати по 35, тоа е сè. Два пати по 35.

Интервју за Њујорк Тајмс од 1969 година

10. За драмата

На крајот на краиштата, драмата не е ништо друго освен живот кому сте ги одзеле досадните делови.

Од книгата „Хичкок“ на Франсоа Трифо

Извор: Mental Floss

ОкоБоли главаВицФото