Десетте најдобри филмови инспирани од филозофијата на Жан Бодријар

23.02.2017 15:24
Десетте најдобри филмови инспирани од филозофијата на Жан Бодријар

Францускиот филозоф Жан Бодријар (1929-2007) беше еден од највлијателните постмодернистички теоретичари. Како што нашите животи стануваат сè позаситени и сè повеќе управувани од технологијата, така, значајните концепции на Бодријар сè повеќе се преземаат и употребуваат.

Според Бодријар, во нашата култура, симулацијата го владее реалното. Репрезентација на тоа се „симулакрумите“. Тој пишуваше дека вистината е толку реплицирана, што сме ја изгубиле. Сме го замениле релното со лажно и сме ја загубиле способноста да направиме разлика помеѓу реалното и симулацијата. Неговата идеја за хиперреалноста се однесува токму на неможноста да се направи таа разлика.

Во последните години, голем број филмови почнаа да ги преземаат неговите главни идеи, во обид критички да проговорат за современата култура и нејзиниот однос со медиумите, со технологијата, итн. Постојат најмалку десетина филмови кои покажуваат дека се под силно влијание на неговите поими, што се пренесени во животот. Иако, ако навистина некој сака да ги види неговите идеи во акција, може да се качи во преполн лифт и да изброи колку луѓе гледаат во своите телефони.


1. Матрикс (1999, Енди Вачовски, Лана Вачовски)


Ова е филм кој совршено ги отелотворува концептите на Бодријар. Неговата книга „Симулакрум и симулација“ се појавува во позадината на почетната сцена на филмот. „Матрикс“ се случува во блиска иднина, каде што човечкото општество е всушност симулација дизајнирана од компјутери. Режисерите Вачовски биле под толку силно влијание на Бодријар, што, кога го подготвувале филмот го поканиле да учествува со свои идеи во продолженијата на филмот, но тој ги одбил.

Поимите на Бодријар, хиперреалност и симулакрум се однесуваат на современите луѓе, кои преку опсесијата со технологијата и популарната култура, изградија вештачко општество.

„Матрикс“ оди чекор понатаму и покажува како луѓето, правејќи го она што го опишува Бодријар, на крајот дури и не забележале дека технологијата целосно ја заробила нашата раса. Бунтовниците што ги исклучуваат луѓето од ропството, им даваат избор, да земат од сината или од црвената пилула, да останат во матрицата или да се обидат да ја уништат.

За оние кои се одлучиле за црвената пилула, Матриксот е вистински и за нив, реалноста нема значење. Ова беше едно од стравувањата на Бодријар. Му се чинеше дека ќе влеземе во состојба, или веќе сме во неа, во која симулацијата е позначајна и поудобна од вистината.

Иако на Бодријар не му се допаѓал филмот и како што изјавил „најсрамен дел од филмот е што новите проблеми предизвикани од симулацијата се мешаат со класичниот, платоновски третман... 'Матрикс' сигурно е таков вид филм за матрицата, што би можела да го произведе самата таа матрица“, сепак, идеите во овој филм се инспиративни.


2. Соларис (1972, Андреј Тарковски)

Секогаш има филозофски идеи во делата на визуелниот поет Андреј Тарковски. Овој медитативен класик се фокусира на вселенското патување на еден психолог (го игра Крис Келвин) до станица во вселената, што лебди над мистериозната планета Соларис, за да ги испита причините за ненадејната некомуникативност и лудило на екипажот.
Кога доаѓа на бродот, тој се шокира кога открива дека и неговата почината сопруга се наоѓа во истиот вселенски брод. Другите лекари објаснуваат дека тоа е заради близината на планетата. Таа ги чита нивните мисли и ги реплицира личностите од нивното минато. Копиите се толку прецизни што речиси воопшто не се разликуваат од вистинските верзии.

Во филмот се следи реакцијата на Келвин на оваа симулација. Отпрвин, тој се спротивставува, но потоа ѝ попушта на репликата на неговата сопруга. На крајот, тој одлучува да не се врати на Земјата и наместо да го напушти Соларис, тој целосно ја прифаќа симулацијата како реалност.

„Соларис“ прецизно ја потретира идејата за симулакрумот. Симулациите на вселенската станица предизвикуваат Келвин да копнее по оригиналот, но оригиналот го нема и тој ја прифаќа копијата. Бодријар зборува за три степени во кои нашата култура сосема ги замагли границите меѓу реалното и симулацијата.

„Соларис“ јасно го отсликува третиот степен, во кој лажното целосно го прифаќаме како реално. Ова претставува дефинитивен крај на разликата помеѓу двете. Изборот на Келвин да не се врати на Земјата, ја покажува неговата желба да се оддалечи од реалното и да ја прифати симулацијата. 


3. Шоуто на Труман (1998, Питер Вир)

Филмовите за крајноститите до кои оди телевизијата за да се здобие со што повеќе гледачи („Network”, „Nightcrawler“ итн.) од година во година, стануваат сè повеќе релевантни. „Шоуто на Труман“ беше филм пред своето време.

Филмот ја раскажува приказната за Труман (Џим Кери), кој полека открива дека целиот негов свет е фабрикуван и дека целиот свој живот, буквално од своето раѓање, тој е телевизиски феномен. Архитектот на шоуто, Кристоф (Ед Харис, во една од неговите најдобри улоги), инсистира Труман да не ја дознае вистината; неговиот свет мора да биде целосна симулација. Јавноста ужива во шоуто, бидејќи тоа ја засилува реалностичноста на нејзиниот сопствен свет.

Труман, во суштина, е олицетворение на четвртата фаза од симулакрумот во која ништо не е реално и знаците се само рефлексија на други знаци. Тој е вистинска личност, но неговиот живот се базира на хиперреалноста. Неговата реалистичност е јукстапозиција на лажноста на неговото опкружување.

За телевизискиот гледач, неговата автентичност како личност, само го засилува доживувањето кога го гледа шоуто, бидејќи телевизијата е добра само кога е автентична. Но, потоа целото искуство се поништува, бидејќи она што мислат дека е реално - е лажно.

Автентичноста на шоуто (несвесноста на Труман) е поништена со откритието дека се заснова на манипулација. Кристоф се обидува да ја потисне свеста за сопствената состојба на Труман, во обид да ја зачува симулацијата. Така, симулацијата добива поголемо значење од реалноста.

4. Евтини приказни ( 1994, Квентин Тарантино)

Хиперреалноста е очигледна во „Евтини приказни“. Филмската мешавина од референци од поп културата во животите на ликовите од филмот, илустрираат како вистината е засенета од измисленото. Ликовите ноншалантно дискутираат за нивните омилени бендови и ТВ емисии.

Во ироничниот пресврт, ликовите го градат својот идентитет врз основа на славни личности чии идентитети веќе се филтрирани и искривени низ објективот на медиумите и на публиката. Ѕвездите со кои ликовите се поврзуваат и се идентификуваат, се пазарни производи и не се реални личности.

Како што Бурстин, аналитичарот на Бодријар забележува, „опасно се приближивме до тоа да се лишиме од сите вистински модели. Ги губиме од вид мажите и жените кои се славни бидејќи се одлични, наместо оние што се славни само затоа што се познати.

Затоа, „сè поблиску сме до деградирањето на славните во озлогласени“. Овој цитат заедно со ликовите во филмот, зборува за тоа како може да се формира идентитет врз основа на некој лик кој веќе е креација и како границите меѓу реалното и нереалното стануваат нејасни како резултат на оваа културна фетишизација.

Во сцената кога ликовите на Џон Траволта, Винсент, и наУма Турман, Миа, одат на вечера во „Jack Rabbit Slim“, уште повеќе се засилува чувството на хиперреалност. Се работи за ресторан во кој луѓето се маскираат во познати личности, без разлика дали се живи или починати. „Jack Rabbit Slim“ е јасен пример за тоа што Бодријар сакаше да каже, кога пишуваше за функцијата на
Дизниленд во современото општество.

Според Бодријар, такво место постои само за да се создаде разликата помеѓу реалното и симулацијата. Фетишизирањето на познатите личности оди во прилог на аргументот на Бодријар за хиперреалноста: „симулацијата станува реалност, фетишизмот на изгубениот објект: веќе не е објект репрезентација, туку екстаза на негирање и на својот ритуал на истребување: хиперреално“.

5. Wag the Dog (1997, Бери Левинсон)

Во 1991 година, Бодријар беше цел на напади откако ја објави книгата „Заливската војна не се случи“. Во текстот со овој наслов, тој тврди дека војната во заливот не се случила (тоа не го мислел буквално), бидејќи се работеше за војна која беше на големо проследена и посредувана од медиумите.

Телевизиите, во тоа време, донесоа генерали кои со компјутери и макети ги симулираа борбите. Јавноста немаше друга референтна точка и мораше да ги прифати овие симулации како факт.

Покрај тоа, ова беше една од првите војни која се водеше исклучиво од воздух. Американците речиси не го предизвикаа непријателот во каков било вид на копнен напад. Тоа беше војна која се водеше со технологија и се пренесуваше со напредна технологија.

Ова нè води до филмот „Wag the Dog“, кој во детали прикажува како може да се манипулира јавноста со користење слични методи на известување. Во филмот, владата вработува еден филмски продуцент (Дастин Хофман, кој наликува на Роберт Еванс), за да се создаде медиумска слика дека државата е во војна со Албанија, со цел да го одвлече вниманието на јавноста од секс скандалот во кој е вовлечен претседателот.

Во филмот се прикажува како медиумите во голема мера може да ја залажат јавноста, без да се постави какво било прашање за тоа што го објавуваат. Симулацијата на војната станува вистинска и тоа е неприкосновено.

 

6. Север, северозапад (1959, Алфред Хичкок)

Во овој филмски класик од времето на Студената војна, трилер на Алфред Хичкок, следиме еден успешен маркетинг агент, Роџер Торнхил (Кери Грант), како одеднаш е заплеткан во сложен заговор, направен од страна на ЦИА, кој вклучува шпиони и владини агенти. Во еден момент, тој е препознаен како Џорџ Каплан, двоен шпион, кого и двете страни сакаат или да го заштитат или да го демаскираат. Всушност, ЦИА го измислила Каплан и го пренела неговиот идентитет на Торнхил.

Овој филм го покажува принципот на симулакрум на Бодријар. ЦИА оди толку далеку во желбата да го збуни непријателското контраразузнавање, што креира личност и го чува нејзиниот идентитет. Каплан има своја хотелска соба, гардероба и телефонскиот број.

Оваа лажна личност станува толку „вистинска“, што го презема идентитетот на Торнхил. Сепак, Каплан е измислица и без разлика колку реално може да изгледа, тој никогаш не постоел. Со филмовите како овој (како и претходно споменатиот „Wag the Dog“), не е изненадување што идејата на симулакрум се поврзува со тајните владини дејствија. Овие идеи станаа уште повеќе релевантни во денешниот свет на беспилотни воени летала.

7. Inception (2009, Кристофер Нолан)

Ниеден список за замаглувањето на границите меѓу реалното и симулираното, не би бил комплетен без барем еден филм на Кристофер Нолан. Филмот ни ја претставува идејата дека нашите мисли може да се манипулираат преку технологијата.

Тимот предводен од Коб (Леонардо ди Каприо) се вклучува во нечиј сон, со цел да вгради една идеја. Различните слоеви на светот на соништата стануваат нераздвоиви од реалноста. Коб и неговата сопруга се губат во нивниот сопствен сон и неговата сопруга ја губи способноста да прави разлика меѓу реалноста и сонот. Всушност, хиперреалноста го презема нејзиниот живот.

Ова го покренува прашањето на симулакрумите наспроти реалноста. Ако она што луѓето се способни да го стимулираат станува поголемо од реалноста, тогаш реалноста е второстепена. Нолан ни претставува тешки идеи за она што е реално и она што е нереално и го остава гледачот да се прашува дали „нашите нивни“ мисли, навистина се нивни.

8. Таа (2013, Спајк Џоунз)

„Таа“ е тивка медитација за тешкотиите на живеењето во светот што стана заситен од технологија. Главниот лик, Теодор (Хоакин Феникс) се изолирал од светот околу него. Тој започнува љубовна врска со неговиот оперативен систем.

Во филмот, сè станува симулација, па и сексот. Хуманата димензија се губи, како што Теодор бавно влегува во чувството на хиперреалност. „Таа“ прикажува некои од вознемирувачките идеи на Бодријар, во врска со нашата сегашна состојба на меѓучовечките односи, кои се толку многу посредувани од технологијата.

Сепак, приказната е спакувана како еден вид комедија.

9. Blade Runner (1982, Ридли Скот)

Постмодерната филозофија не би можела да биде комплетна без научно-фантастичниот, нео-ноар на Ридли Скот. Филмот се врти околу Рик Декард (Харисон Форд), поранешен „Блејд ранер“, кој е задолжен за пронаоѓање и уништување на репликанти.

Се работи за киборзи, кои во минатото извршиле државен удар и сè уште претставуваат опасност за општеството. Репликантите практично не се разликуваат од луѓето и матни се карактеристиките што ги одвојуваат.
Сè уште се живи дебатите за тоа дали Декард и самиот е репликант, бидејќи е толку ефикасен во пронаоѓањето и отстранувањето на другите репликанти.

Покрај тоа, целата иднина на светот претставена во „Блејд ранер“ е еден вид на вештачка фасада составена од големи (личат на киберпанк) реклами и постојана изградба на уште повеќе празни згради. Во оваа смисла, потребата да се уништат репликантите добива ново значење.

Луѓето мора да го ослободат нивниот свет од овие киборзи за да се зачува и зацврсти идејата дека нивниот свет е реален, кога е во реалноста, оваа иднина е многу нереална, или со терминот на Бодријар, е хиперреална. Парадоксално, граѓаните се спротивставуваат на симулакрумот, но продолжуваат да живеат во лажен свет.

10. Вештачка интелигенција (2001, Стивен Спилберг)

Стивен Спилберг во своите славни години правеше филмови за распаѓањето и за единството на семејството. „Вештачка интелигенција“ претставува еден таков филм. Првично, тоа беше проект на Стенли Кјубрик, додека не го презеде Спилберг.

Во овој филм, Спилберг ја воведува сентименталноста. Се работи за семејство кое посвојува дете робот. Дејвид (Хејли Џоел Осмент) се обидува да ја пополни празнината во животот на семејството, кога неговиот сопствен син паѓа во кома. Врската со Бодријар е видлива уште од насловот.

Дејвид учи да ги чувствува работите како што ги чувствуваат луѓето и се разликува од другите момчиња, само според научните методи. Во филмот е прикажано како симулацијата може да го заземе местото на реалното и како можат да се заматат границите меѓу реалното и нереалното. Дури и кога општеството се обидува да се ослободи од овие роботи, тие сè уште формираат емоционална врска и станува сè потешко да се отфрли симулацијата.

 

Извор: Taste of cinema

ОкоБоли главаВицФото