Светот го сврте погледот настрана

24.08.2013 09:04
Светот го сврте погледот настрана

Интервју со Орхан Памук: кратки забелешки за Арапската пролет.

Колку сте запознаени со ситуацијата во Египет и што во врска со неа посебно ве лути?

Сè ми е многу добро познато. Ќе седнам да пишувам, но потоа веднаш станувам и одам до компјутерот или телевизорот и ги следам случувањата во Египет, со секогаш присутно чувство на вина. Абдел Фатах ал-Сиси, командирот на египетската војска направи нешто што би можел да го опишам со насловот на познатиот роман на Габриел Гарсија Маркез – „Хроника на најавената смрт“. Два дена пред војската да ја преземе власта тој му го најави воениот удар на целиот свет. Светот го сврте погледот настрана, првенствено западот, не сакаа да знаат ништо за тоа. А сега војската убива и убива, а владите на САД и ЕУ, и тоа не само тие, туку и јавноста во западните земји, се однесуват како да не се соучесници.

Можеби тоа е така затоа што можностите за некој вид притисок или влијание се прилично ограничени, па дури и кога се работи за САД. Блискиот Исток е во еден голем метеж.

Можеби е вистина дека влијанието на западот по т.н. Арапска пролет значајно се намали. Но не се работи за тоа. Можеа да кажат барем едно „Не“. Јасно и гласно: „Не, воениот удар не смее да биде средство за решавање на политичките судари“. Наместо тоа, најзначајните политички институции на западот не беа во состојба ни два дена по ударот да ја наречат акцијата на војската со нејзиното вистинско име.

Немоќта најдобро се гледа кога нешто јавно критикувате, но по таа критика не следуваат никакви дела.

Тоа е слаба одбрана. Ајде да размислуваме за нештата крајно старомодно: или постои нешто што се вика западни вредности, како што се идеалите на демократијата, слободата на мислењето итн., или тие не постојат бидејќи сè повеќе се потчинуваат на политичките и економските фактори.



Зошто таа разлика е толку важна?

Затоа што ризикуваме многу работи. Овде се наметнува прашањето дали идеалите на демократијата и на слободата на мислење воопшто важат кога населението на една земја му го врти грбот на западот. Дали западот може да ја толерира демократијата во која гласачите се одлучуваат за незападно ориентирана партија? Со ова прашање се занимавам и во мојот роман „Снег“, само што таму се работи за ситуацијата во Турција. Меѓутоа, сега овој проблем е глобален. Се работи за недоразбирање помеѓу демократскиот идеал од една страна, и западните интереси од друга страна.

Извор: Süddeutsche Zeitung, 19.08.2013

Слики: Барбарос Кајан

ОкоБоли главаВицФото