1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Информацијата дека руски научници научно ја докажале моќта на основниот христијански симбол-крстот, според сите критериуми би бил една од главните вести на сите светски информативни медиуми, во моментот на обелоденувањето на таквото откритие. Поради тоа, овој напис разбирливо генерираше голем интерес на социјалните мрежи. Насловот во форма на тврдење („Научно докажана силата на крстот“) и цитирањето на називот на научната институција („лабораторијата за медицинско-биолошки технологии „НИИ“, за индустриска и морска медицина во Москва“) го осигурува првичниот интерес на читателот. Сепак, и површното истражување на оваа тема на Интернет фрла сосема поинакво светло и на самиот текст и на тематиката која тој ја обработува. Написот е пренесен текст, кој е, пак, превод на неодамна објавен текст на ВАСЕЉЕНСКА ТВ, српски православен веб портал и тој, со мали измени циркулира на Интернет веќе подолго време, речиси исклучиво на сајтови со религиозна или псевдонаучна содржина.
Истражувањето на влијанието на христијанската молитва Оче Наш и на знакот на крстот врз бројот на бактериите во водата, врз густината на водата или врз високиот крвен притисок, како и влијанието на степенот на нечија вера врз ефектите на прекрстувањето на водата, навистина било спроведувано од страна на А. Малаховскаја на Институтот, но тоа не е прифатено во научните кругови, поточно остро е критикувано од страна на официјалните изданија на Руската академија на науките уште во 2009 година и ставено е во ред на таканаречени псевдонаучни откритија. Меѓутоа, ова четиво, на читателите им се сервира како релевантно научно откритие без да се направи и минимален напор да се проверат фактите кои се пласираат или да се провери кредибилноста на изворот на информацијата како што налагаат стандардите на професионалното новинарство.
Линк до оригиналниот напис: Научно докажана силата на крстот
Датум и време на објавување: 2.09.2013
Датум на рецензирање: 10.09.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Не се гледа ниту обид на авторот за верификација на фактите кои ги донесува и ги пласира како научна вистина, ниту, пак, може да се забележи професионална дистанца од тврдењата кои ги пренесува, па не се гледа јасна линија помеѓу она што го кажуваат руските научници и она што е коментар и мислење на новинарот.
„Научниците експериментално докажаа дека крстот ги привлекува микроорганизмите и ги менува оптичките особини на водата.“
Но, ако ова донекаде изгледа прифатливо за медиум со јасна религиозна профилираност, каква што е српската Васељенска ТВ, истото е проблематично за еден информативен портал.
Извори на информации: Написот донесува резултати од истражувањето на руски научници од институт во Москва, кои го испитувале влијанието на религиозните симболи на христијанството врз природните елементи, пред сѐ, водата. Нивната научна репутација и релевантноста на нивните откритија се проблематизираат во научните кругови, но тоа не е спомнато во написот.
Содржајност: Не се работи за оригинален текст, така што оценката за сеопфатноста би се однесувала за написот на Васељенска ТВ, но вреди да се напомне дека пишувањето за вакви теми, какви што се научни откритија – потенцијални сензации, треба секогаш да биде со професионална дистанца за да се зачува објективноста на медиумот. Во текстот нема обид да се побара второ мислење од релевантно научно лице или институција, иако се работи за контроверзно тврдење на научници.
Пристрасност: Никаде не се наведува дека се пренесува преведен текст од странски портал, кој е со едностран и пристрасен пристап и кој промовира и фаворизира една конкретна религија, па според тоа не би можел да биде извор на кредибилни научни информации.
Оригиналност/Плагијат: Текстот претставува копија на текст објавен на српскиот сајт Васељенска ТВ иако тоа никаде не се наведува.
Квалитет на насловот: Насловот на текстот не информира, туку тврди дека силата на крстот е научно докажана.
Заклучок: Пишувањето за научни откритија за новинарот често претставува тешка задача. Но, за да не дојде во ситуација да пишува за нешто што самиот не го разбира и да ризикува да звучи дилетантски, тој на располагање го има методот на проверка на фактите за кои што пишува, преку истражување на расположливите податоци, барање на второ (и трето) стручно мислење или, доколку тоа не е можно, оградување од пренесената содржина ( на пример со ставање на наслов: „Руските научници тврдат дека крстот има моќ“).
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).