Грчките неонацисти сакаат граѓанска војна?

14.09.2013 11:56
Грчките неонацисти сакаат граѓанска војна?

Повеќе од 1000 Грци во петокот излегоа на улиците на Атина за да протестираат против нападот врз членови на Комунистичката партија кои беа брутално претепани од страна на црнокошулашите од неонацистичката партија Златна зора.

Девет луѓе се примени во болница со сериозни повреди во најсериозното насилство откако екстремистичката група е избрана во парламентот минатата година. Околу 50 мажи вооружени со метални шипки и дрвени палки ги нападнале левичарите додека лепеле плакати во близина на главното пристаниште Пиреа во четврток.

Во соопштението на Комунистичката партија на Грција се вели: „Начинот на кој дејствуваа и оружјето кое го имаа е доказ за убиствената природа на овој напад. Меѓу припадниците на Златна зора, од кои некои ги сокрија своите лица или носеа шлемови, беа и нивните лидери, добро познати фашисти и криминалци“.

Во момент кога Комунистичката партија го организира младинскиот фестивал кој ќе се одржи во следните денови, последниот напад дополнително ги подгреа стравовите дека десницата се обидува да направи атмосфера на граѓанска војна во Грција.

Познатите членови на оваа неонацистичка група отворено предвидуваа дека земјата заглавена во долгови се стреми кон граѓанска војна.

Димитрис Псарас, писателот кој го бележеше издигнувањето на Златна зора речиси четири децении од падот на воената власт, изјави: „Нивната агенда, тоа е јасно, е креирање на клима на граѓанска војна, поделба во која луѓето треба да изберат меѓу левицата и десницата“.

Тој вели дека последниот напад на активистите е индикација за таквата стратегија.

„Беше многу добро организиран и најсериозен напад до сега“, вели тој за Гардијан. „Тие сега ги немаат за цел само имигрантите среде ноќ. Намерно ги зголемуваат тензиите, ширејќи ја својата агенда на омраза со нападите врз левичарите“.

Претходно оваа година, Муслиманското здружение на Грција прими писмо со ознака на групата во кое се вели дека ќе бидат „заклани како пилиња“ доколку не ја напуштат земјата. Обележувајќи ја годишнината од нападите на 11 септември, партијата на својот сајт постави порака во која се осудува „ционистичкиот свет како архитект на глобалниот тероризам“.

Грција, чиишто политички поделби се вкоренети уште од крвавата граѓанска војна која уследи по бруталната нацистичка окупација, веќе шест години се наоѓа во рецесија која предизвика распространета сиромаштија и невработеност, фрлајќи ја земјата во најлошата криза во поновата историја.

Неодамнешните истражувања покажаа дека ниту една друга партија не профитирала од сѐ поголемото ниво на очај и безнадежност толку ефектно како Златна зора.

Едно неодамна објавено истражување потврди дека екстремистите се најбрзорастечка политичка група со 13 до 15 проценти поддршка, што ги прави трета најсилна политичка сила во земјата. Главната опозициска партија, радикално левичарската Сириза, се качи на врвот со 29% поддршка, малку пред Нова демократија на премиерот Самарас.

Многумина стравуваат дека Златна зора, која освои 18 места во парламентот со речиси 7% од гласовите, ќе продолжи да јакне по локалните избори закажани за следната година.

Според проценките на аналитичарите, нападот од четвртокот ја претставува сѐ поголемата самодоверба на членовите на Златна зора и можноста да ја шират својата идеологија.

Левичарите кои протестираа во петокот во близина на местото каде се случил нападот ја повикаа власта „конечно да преземе нешто и да ја избрише фашистичката група“.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото