Речник на ЛГБТ популацијата

14.11.2009 18:44
_flag_svg.jpg

Activism – активизам: политичко убедување дека делувањето на индивидуално или колективно ниво може да предизвика политички промени. Активистичкиот став не го негира значењето на конвенционалните институционални структури (правото, медиумите, образованието итн.), туку ги поттикнува луѓето директно да им пристапат. Иако активизмот по дефиниција не е нужно радикален, тој најчесто се јавува во доменот во кој одреден облик на ДИСКРИМИНАЦИЈА станал репресивен, и поради тоа често им се спротивставува на односите на моќта кои сакаат да одржат status quo.

Assimilation – асимилација: крило на лезбејската и геј политиката кое нагласува дека не постојат некои значајни разлики меѓу хетеро и хомосексуалците. Убедувањето кое владее овде се изразува во надежта дека на лезбејките и геј мажите, ако се однесуваат на начинот кој е прифатлив за ДОМИНАНТНАТА КУЛТУРА, кога-тогаш ќе им биде овозможен рамноправен пристап до сите ресурси и привилегии кои му се достапни на хетеросексуалното мнозинство. Но бидејќи општествената прифатливост е нешто што почива на контигентните фактори како класата, расата и родот, асимилационите тенденции често трпат осуда дека ги промовираат токму најмалку загрозените поединци (белите мажи на средната класа).

Aut (Out) – Ја опишува личноста која сексуално/родово/полово се идентификува во јавниот и/или професионалниот живот.

Аутирање – чин на јавно објавување дека некоја личност е геј, лезбејка или бисексуалец. Повеќето геј и лезбејски заедници сметаат дека е непристојно и се противат на тоа која било личност, освен онаа која е во прашање, да одлучува за тоа кога и кому ќе раскажува за сексуалната ориентација. Во одредени геј и лезбејски заедници овој израз се користи и за ситуации кога самиот геј или лезбејка ќе одлучи да раскаже некому за својата сексуална ориентација. Така, на пример, може да се каже дека некоја лезбејка му аутирала на татко и’, односно дека му кажала дека е лезбејка.

Biological sex – биолошки пол: одредување детерминирано од хромозомите (XX, XY), хормоните (естроген и прогестерон, тестостерон) и внатрешните и надворешните гениталии (вулва, клиторис, вагина, тестиси и пенис). Конструктивистичките теории тврдат дека полот (како и родот и родовите улоги) е конвенција (општествена конструкција).

Biphobia – бифобија: нетолерантност или насилство кон бисексуалните личности од страна на хетеросексуалните личности (во истиот случај ХОМОФОБИЈАТА е чест синоним) или лезбејките и/или геј мажите.

Bisexual – бисексуалец: личност чија СЕКСУАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА е насочена кон личностите од обата рода; или, личност која емотивно, општествено или психолошки се инвестира во личностите од обата рода.

Chosen family – друго семејство: мрежа на пријатели, партнери/партнерки и бивши партнери/партнерки од кои ЛГБТ личноста бара (и добива) поддршка, понекогаш за да го надомести она што и’ е ускратено во нејзиното поблиско опкружување.

Closet – прикривање: состојба на приватност, прикриеност. (Оттаму произлегува и изразот come out of the closet – да излезеш на виделина, да се покажеш).

1. Симболична слика на присилното затворање, криење и (лажната) сигурност која ги означува непријатностите на нехетеросексуалните личности кои им ги нанесува културниот код.

2. Во QUEER теоријата овој израз носи политичка тежина како „режим на цензура кој го спроведува доминантната култура“.

3. Синоним за хомосексуална личност која ја прикрива својата сексуална ориентација.

Coming out – разоткривање: синтагма која потекнува од фразата coming out of the closet, која се употребува во значење на јавно и отворено истапување и афирмирање на сопствената (хомо)сексуална ориентација. Се јавува во две нивоа: како самооткритие и како помалку или повеќе јавно објавување. Соопштување на себе си и на другите, односно, излегување од молкот за својот идентитет. Со излегувањето од молчењето се излегува од изолацијата и негирањето и на другите им се објавува правото на поинаков живот. Во активизмот и QUEER теоријата разоткривањето добива димензија на политички чин на опирање и спротиставување на хетеросексизмот.

Compulsory heterosexuality – принудна хетеросексуалност: синтагма која настанува во теоријата на лезбејскиот феминизам (Едриен Рич) и која упатува на многукратните облици на односи меѓу жените. Според лезбејските феминистки, жените се буквално присилени на хетеросексуалност, односно, на улогата на сексуално, емотивно и физичко (домашните работи и грижата за децата) служење на мажите. Од друга страна, со историското потиснување на говорот за животот на лезбејките и жените кои живееле независно од мажите, и благодарение на вербалните и физичките напади врз нив, хетеросексуалноста се нудела како единствена опција. Овој концепт во лезбејскиот феминизам беше клуч за толкување на начинот на кој функционира патријархатот. Од средината на 80-те години, сè почесто го користат и геј мажите за да ја опишат автоматската претпоставка дека секој, без разлика, е хетеросексуален.

Cross-dressing – транс-облекување: буквално, носење облека која се дизајнира за спротивниот пол. Во одредена смисла е синоним за драг-кралица и транвестит, но често се користи и за означување на праксата хетеросексуалните мажи кои облекуваат женска облека, а поретко и за жени кои исклучиво носат машка облека.

Discrimination – дискриминација: секој облик на злоставување и угнетување, кој може, но не мора да вклучува и физичко насилство. Заснована на принципот на разликување и различност, таа, идеолошки и со посредство на институциите кои поседуваат моќ да надгледуваат и казнуваат, ги лишува од правата сите оние кои на овој или на оној начин не се вклопуваат во доминантната матрица. Принципот според кој функционира дискриминацијата може да се врзе како за незнаењето така и за привилегираното знаење, но основата му се нетолерантноста и моќта на мнозинството.

Drag – транвестизам: (Dressed As a Girl), збор кој изворно се користел во Шекспировиот Glob театар како ознака за глумците кои имале женски улоги. Во основа, терминот се однесува на костимот и преоблекувањето (оттука доаѓа и изразот in drag – облечен во облеката од спротивниот пол). Со него најчесто се мисли на мажите кои на одреден начин настапуваат имитирајќи ги жените, и со тоа спроведуваат родов перформанс со што ја покажуиваат флуидноста на родовиот идентитет кој, инаку, по дефиниција се смета за „фиксиран“.

Drag-king – Драг-крал: лезбејка/жена која симулира маж.

Drag-queen – драг-кралица: геј/стрејт маж кој симулира жена.

Fag/faggot – педер: во ХОМОФОБИЧНАТА употреба, сленг кој во основа ги денотира геј мажите, а посебно го конотира РОДОВИОТ ЛИК на слаб и феминизиран маж. Самиот израз, според некои, води потекло од средновековната пракса на спалување на содомитите на снопови стапчиња (faggot).

Gay –основното значење на овој израз е весел. Во 19 век добива ново значење: женските проститутки со презир биле нарекувани „весели (геј) жени“, па истиот им се припишувал и на мажите кои ги користеле нивните услуги, како и на машките проститутки. Во раните години на 20 век неколку мажи и жени од Америка го присвојуваат овој израз како замена за клиничкиот назив ХОМОСЕКСУАЛНА ЛИЧНОСТ. Зборот влегува во широка употреба во 60-те и 70-те години, кога медиумите го прифаќаат залагањето на геј движењето изразот ХОМОСЕКСУАЛЕЦ, кој психијатрите го користеле при дијагнозата за ментално заболување, да се замени со ГЕЈ.

Геј – маж кого физички и/или емотивно го привлекуваат исклучиво личности од истиот пол.

„Геј паника“ одбрана – образложение за насилството или убиството засновано на тврдењето дека жртвата флертувала со насилникот. Во одредени случаи мажите, кои нападнале геј маж, наведуваат дека биле предизвикани на тоа бидејќи геј личноста флертувала и сексуално им се нафрлала, што предизвикало паника кај нив. „Геј паниката“ значи дека одбраната ја обвинува жртвата за злосторство од омраза, и сугерира дека флертот со личност од истиот пол предизвикува насилен одговор.

Genderphobia (родофобија) – дискриминација на основа на родот (родовите улоги, изразувања и норми) која произлегува од неприфаќањето и негирањето на правата на поединецот врз основа на личната концепција за половиот/родовиот идентитет и изразување.

Heterophobia (хетерофобија) – страв и омраза кон хетеросексуалните личности, институции кои се засноваат на хетеросексуалните односи (бракот, семејството) или институциите кои ги поддржуваат овие односи (црквата, државата).

Хетеросексизам – став дека хетеросексуалноста е единствената валидна сексуална ориентација. Хетеросексизмот често се манифестира преку игнорирање на лезбејките и геј мажите. На пример, во бројните статии за љубовта, паровите и односите кои никаде не ги споменуваат истополовите парови.

Хетеросексуален маж / хетеросексуална жена / хетеросексуална личност – личност која физички и/или емотивно ја привлекуваат исклучиво личности од спротивниот пол. Хетеросексуалната личност не мора да има сексуално искуство со личност од спротивниот пол за да се дефинира себе си како хетеросексуална.

Homophobia (хомофобија) – страв, нетолеранција, насилство или омраза кон геј мажите и лезбејките (како и бисексуалците). Се манифестира преку непроменливата верба во супериорноста на хетеросексуалноста која е поттикнувана од културните и институционалните општествени пракси. Таа верба раѓа насилство врз нехетеросексуалните личности кое се оправдува со убедувањето во сопствената супериорност. Насилството се одразува преку вербалните и физичките напади, одземањето на потомството на нехетеросексуалните родители, дискриминацијата при вработување, плаќање на данокот, пензијата, имиграционите постапки и сл.

Хомосексуалец – застарен клинички израз за личностите кои физички и/или емотивно ги привлекуваат исклучиво личности од истиот пол. Изразот е несоодветен и многу геј мажи и лезбејки го сметаат за навредлив.

Identity – идентитет: сексуален идентитет (лезбејка, стрејт, геј, би, асексуална личност) и родов идентитет (транвестит, транс-роден, трансексуална личност). Иако делуваат интуитивно, овие поделби не се строги и фиксирани. „Политиката на идентитетот“ го користи идентитетот како средство за здобивање политичка моќ, родова еднаквост, општествено уважување, културна легитимност, и тоа најчесто во облик на поголеми права.

Institutional opression – институционална дискриминација: општествен склоп кој се одразува во институциите на моќ (јазикот, медиумите, образованието, економијата, религијата и сл.) кои фаворизираат една група (или еден систем на карактеристики) наспроти другите. Современата теорија начелно се согласува дека таа „група“ е групата бели (раса) хетеросексуални (ориентација) мажи (род) на средна возраст (старосна група) од средна или висока средна класа (класа). Сите кои на некој начин отстапуваат од дадената „група“ се третираат како малцинства (дури и кога формираат група која е побројна од оваа). Моќта на оваа група се одржува преку споменатите установи.

Internalized opression – интериозирано насилство: интериоризирана омраза кон себе си која настанува како последица на прифаќање на негативните стереотипи кои ги создава опсесивната заедница. Тоа често подразбира конфликтни чувства дека нестрејт личностите се лоши и инфериорни или дека се супериорни и екслузивно добри; дека во светот не постои безбеден простор; дека може да им се верува само на припадниците на групата и дека на припадниците од истата група никако не смее да им се верува; дека секогаш треба да се криеш поради безбедносни причини, односно, дека секогаш и секаде треба да истапуваш и да откриваш кој си поради својата безбедност итн.

Интерсексуална личност – личност која се раѓа со полови и репродуктивни органи кои не се дефинирани како посебо женски или машки. Овој израз го заменува политички некоректниот термин ХЕРМАФРОДИТ.

Лабрис – симбол од критската митологија кој претставува секира со две сечила. Лезбејското движење во САД за време на 60-те години го зеде овој симбол за една од своите ознаки.

Lesbian – лезбејка: жена која емотивно, општествено или психолошки се инвестира во други жени. „Лезбејка“ е еден од најстарите и најпозитивни изрази за нехетеросексуалните жени, кој во лезбејската феминистичка теорија не го означува само сексуалниот идентитет кој се соочува со конвенционалните родови очекувања од жената туку и општествениот и политичкиот идентитет изграден во опозиција на машкиот шовинизам, патријархат, хетеросексизам и фалоцентризам. Самото име потекнува од грчкиот остров Лезбос каде е родена поетесата Сафо која ја воспевала љубовта меѓу жените.

LGBT/ЛГБТ – кратенка за лезбејки, геј, бисексуални и трансексуални личности.

LGBTTIQ – кратенка за лезбејки, геј, бисексуални, трансексуални, интерсексуални и квир личности.

Misogyny – мизогинија: буквално – омраза кон жените или женскиот род воопшто.

Patriarchy – патријархат: норма на која е заснована структурата на општеството; низа стратегии за воспоставување и одржување на постоечките системи на односи на моќта и повластици кои во континуитет им се доделуваат на мажите.

Пол – класифицирање на основа на репродуктивните органи/функции и гениталии на машки, женски и интерсекс. Општествено прифатени се само машкиот и женскиот пол.

Полов идентитет – индивидуално идентификување по прашањето за полот и половата припадност која не зависи од полот кој е припишан од раѓањето.

Queer theory – квир теорија: школата на книжевна и културна критика, која во САД се појави во почетокот на 80-те години, своето интелектуално потекло им го должи на феминистичката теорија и француските филозофи како Мишел Фуко и Жак Дерида. Квир теоретичарите ги анализираат сите видови текст со цел разобличување на темелното значење, дистинкција и односите на моќ во културата кои ги произвел текстот. Анализите откриваат сложени културни стратегии со кои е овозможена регулација на сексуалното однесување, што често резултира со репресија и дискриминација на сексуалните дисиденти кои ги кршат сексуалните табуа или не се вклопуваат во културно санкционираните родови улоги. Целта на квир теоретичарите е дестабилизацијата на културните идеи за природноста, нормалноста, сексуалноста и термините на хетеросексуалноста и хомосексуалноста кои се користени со цел дискриминација на личностите кои не се вклопувале во западниот идеал за моногамен хетеросексуален брак.

Queer – зборот првенствено се однесува на сето она што се разликува од конвенционалното на некој необичен начин (синоним за чудно, ексцентрично). Во почетокот конотациите на овој израз во геј употребата биле негативни, па дури и денес постои отпор кон овој израз, особено меѓу постарите хомосексуални личности.

Порано овој збор во англискиот јазик се користел како погрден назив за нехетеросексуалните личности, но денес станува сè поприфатен меѓу LGBTTIQ популацијата.

Род – Општествен конструкт на полот кој по дефиниција ги одредува само општетсвените улоги на мажите и жените, т.е. личностите од машки и женски пол. Исто така, индивидуален конструкт на сопствениот идентитет/изразување кој ги потврдува, негира и/или надминува општествено зададените и формирани полови и родови улоги на мажите и жените, како и целата бинарна основа на „машкото“ и „женското“.

Родов идентитет – индивидуално чувствување на себе си и самосвест како полово/родово општествено човечко суштество кое не зависи од полот кој му е припишан од раѓање. Подразбира личен концепт/конструкт кој може да биде во склад со општетсвено пропишаните дефиниции во поглед на полот/родот или може да ги негира, надминува и менува.

Родово изразување – визуелна или надворешна презентација на секоја личност која се одразува низ облекувањето, телесните ознаки, фризурата, однесувањето и говорот на телото.

Сексуална ориентација – емоционална и/или физичка привлечност или наклоност која може да биде кон личностите од истиот и/или спротивниот пол.

Sexism – сексизам: дискриминација и/или ставови, услови и однесување низ кои се врши промоција на стереотипите и репресивните општествени улоги и норми врз основа на полот и родот. Посебно се однесува на нормите, вредностите, убедувањата, структурите и системите кои ги маргинализираат и подредуваат жените доделувајќи им моќ, привилегии и предност на мажите.Облик на насилство врз жените кое се врши индивидуално или институционализирано.

Sexual identity – сексуален идентитет: се однесува на тоа како се нарекуваме и перцепираме себе си. Тука спаѓаат називите „стрејт“, „геј“, „би“, „квир“, „неодреден/а“, „неодлучен/а“, „асексуален/а„ и др. Нашето сексуално однесување и начинот на кој се одредуваме (идентитет) себе си претставуваат работа на можен избор/одлука.

Стил на живот – израз кој често се користи за да се деградира животот на лезбејките или геј мажите.

Straight (str8) – стрејт: означува, пред сè, нешто вистинско, без свртување (девијација), нешто конвенционално, што не отстапува од нормите кои се прифатени како вообичаени, „нормални“ и „природни“. Неутрална ознака за хетеросексуалните личности во queer заедницата.

Transgender – Трансродово: сеопфатен израз кој се користи за опишување на различни личности, однесувања и групации кои имаат заедничко делумно или целосно противење кон наметнатите родови и полови улоги. Трансродовноста не се однесува на сексуалната ориентација на личноста.

Трансексуална личност – личност која има јасна желба и намера да го промени својот пол, како и личност која делумно или целосно го преобразила (физичка и/или хормонална терапија и операција) своето тело и презентација, изразувајѓи го својот родов и/или полов идентитет и самоперцепција.

Transphobia – трансфобија: облик на дискриминација, заснован на стравот, незнаењето и омразата, насочен кон трансексуалните, трансродовите личности и луѓето со „ДВЕ ДУШИ“.

Трансродова личност – личност чиј родов идентитет и/или родово изразување не е во склад со уважените (наметнати) традиционални родови улоги и норми.

Транвестија/транвестити – транвестити се личности кои сакаат да носат облека од спротивниот пол. Транвестијата, т.е. преоблекувањето не е поврзано со сексуалната ориентација. Транвеститите можат да бидат и хетеросексуални и истополово ориентирани личности.

Триаголник / црн триаголник / розев триаголник – за време на Втората Светска војна нацистите во своите концентрациони логори со розев триаголник ги обележувале геј мажите, а со црн лезбејките, Ромките и проститутките. Во нацистичките логори беа убиени десетици илјади истополово ориентирани луѓе.

Woman-identified-woman/(woman-loving-woman) – жена идентификувана како жена/ (жена која сака жена): термин кој се користеше во лезбејското феминистичко движење и ги опишуваше жените кои целиот свој живот го организирале околу друга жена. Преку таа синтагма започна одредувањето на лезбејството кое не вклучуваше сексуални односи.

Знаме со боите на виножитото – симбол на единството и различноста кое се користи ширум светот како обележје на мировното, феминистичкото и LGBTTIQ движење.


Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Квир / Теорија
Општество / Активизам / Квир / Историја
Ирена Цветковиќ
Општество / Активизам / Квир / Живот

ОкоБоли главаВицФото