Животот е краток, Скопје е вечно

07.10.2013 11:37
Животот е краток, Скопје е вечно

Не толку одамна, делегатите на Собранието на градот Скопје на заедничка договорна седница дебатираа на тема иднината на градот. Најавена е единственост во заложбата во битката да се осмисли егзистенцијата на првиот македонски мегалополис, чиј растеж го болуваат без можност за одболување повеќе генерации скопјани во текот на последниве (барем две) децении.

Меѓу другото, на оваа седница, проговорено е за потребата од изработка и донесување на Просторниот план и Планот за измени и дополни на Основниот урбанистички план. Оваа потреба е акцентирана како неопходност, особено денес, кога се почувствувал недостиг од континуирано планско следење на урбаниот развој во процесот на забрзаната и нагласена реализација на амбициозната програма за обнова и изградба на градот!

Вака гласеше новинската информација.

Бездруго, најобична дневна вест, една од многуте, со кои сме клукани во текот на денот недоброј пати. Меѓутоа, за пољубопитните и за мислечките скопјани оваа вест подотвора процес на извесни размисли - обновени или постојано присутни - кои бараат свое најново резиме: како е насочено Скопје накај иднината, имаме ли на располагање доволно елементи и уште обмислен повод за разговор на оваа тема, дали на Скопје треба да му се одреди и насочи рамковна димензија на урбан модел? Дали и каков?

Прашањата се на претек и поради нивната слоевитост, бројност, сложеност и сериозност, најчесто не стигнуваме дури ни да исцедиме од своите најскромни заложби и легитимни обврски на граѓани ниту капка инвенција, визија, прецизиран предлог...

Сепак, Скопје расте и се грчи во сопствениот растеж под товарот на илјадници неразрешени проблеми, пред кои не умее ни да подзапре, колку да земе здив, ниту пак да се растовари од бремето на многуте апсурди, инерции, хаотични последици, неразумности...

Постои ли логика во овој забрзан тек на растеж на нашиов град, во кој сме казнети со задоволството да живееме и да му ја подаруваме, сакале-нејќеле, по пат на една ирационална трансфузија, својата припадност, своето потекло, својата определба, своите способности, своите перспективи, своите соништа и своето јаве?

Мене лично ваквото прашање не ме возбудува. Бездруго дека живеачката воопшто си има една своја надразумска логика. Безбели и Скопје си ја има истава вткаено во својата судбина на град што во текот на вековите се разминувал со среќата и несреќата подеднакво, па во името на тие светли и темни историски шанси да се извиши во траен образец на една монументална урбана средина, најчесто поради недостиг на нешто што спаѓа веројатно во сферата на субјективните фактори на осмислувањето, речиси по правило не успевало да си ја трасира патеката на накај иднината.

Токму затоа ми се чини дека треба секојдневно да се зборува за Основниот урбанистички план на градот, да се зборува со предзнаења и знаења, со стручна квалификација и граѓанска емоција, со жар на фанатичка вљубеност и со острината на тешкиот и прецизен збор, со занес и со илузии, но и со нови идеи и стар егоизам, со бол и со гнев, со самосвест и со горчина.

Многушто за Скопје треба најпрвин да се раѓа во нашите недоволства од она што е реалност, потоа да се храни од соковите на нашата инвенција и да се освежува од чистотата на брановите на младоста. Секојдневно треба да го врамуваме нашиот град во рамките на иднината, да гледаме низ привидот на опсесијата чунки сме зачекориле низ остварувањата на планираното: да претпоставаме дека Скопје не е најнечистиот град на Балканот, дека се измирени конечно многуте нескладности на архитектонското обликување, дека е воспоставен јазик на разбирање помеѓу центарот на градот и населбите, дека на реката и е прецизирана и привилегирана функцијата, дека натурбетонот е прогласен за анахронизам и на општо задоволство е вратена довербата во печената тула, украсниот камен и благородното дрво, дека скопјаните имаат на располагање и мир и светлина и простори за прошетка и забава и неограничени количества шарпланински воздух и најголем процент на зелени површини меѓу поголемите градови на Балканот, и - серија прекрасни паметници, јавни монументи, и - културна пулсација, на која можат само да ни позавидат.

Животот е краток - Скопје е вечно.

Би било добро оваа сентенца да се вреже во некој од градските јавни монументуми, или пак со оваа мисла претседателот на градот редовно да ги отвора седниците на Собранието!

Иако Скопје не живее на сметка на својата богата историја (каков што е случајот со многу стари градови ширум светот), Скопје за жал има најлош однос кон сопственото минато. Речиси ништо системно и високо-стручно не е преземено да се издвои на показ барем дел од она се со кое Скопје како град со долга и богата историја го располага. Фактот дека тоа бесценето минато може да биде не само извор на приходи, туку пред сè предмет на сеопштото внимание на општествената заедница, како да се одминува со години и децении. Малку градови не само на Балканот и Европа, туку и во светот го имаат она што го има Скопје - десетина манастири од XII до XIX век, римски аквадукт, стариот мост на Вардар, паметници на исламската верска и профана архитектура од XV до XVIII век, итн. Од сето ова најголемиот дел е вон јавната комуникација - Прочуената Саат-кула на Бит-пазар веќе две децении е умртвена. Никој не умее да објасни каде е механизмот, за кој Евлија Челебија има напишано дека е донесен од Унгарија во почетокот на XV век. Никој не умее да објасни каде е исчезната плочата со турски натпис од стражарницата на Стариот каменен мост, или зошто римскиот аквадукт којшто е редок историски паметник се наоѓа зад жиците на дворот од една скопска касарна, или зошто не се урнат еднаш за секогаш прилепените дуќанчиња околу прекрасните градби на Сули-ан, Капан-ан, Куршумли-ан, Чифте-амам? Зашто затаил нервот на градските обликувачи!

Сожителството на старото и новото во Скопје не е регулирано. Сè уште Калето, во самиот центар на градот е простор вон грижите на стручните служби на Собранието. Толку ли е тешко да се престори во добро уреден парк?

Можеби поначесто низ нас, како скопјани што сме поврзани со извесна сентименталност кон минатото, нè иритира напливот на новото, на сите оние категории на сегашноста кои се наметнуваат без пардон, меѓутоа, сигурно е дека хаосот (пред сè во архитектонското обликување на Скопје) е привид или можеби нужно зло, со кое ќе се навикнеме пополека и со многу отпор. Тоа е онаа состојба за која во XIX век Димитрија Миладинов изнајде прекрасна дефиниција преку поговорката - ,,Ела зло, бидејки без тебе е позло". Шаренилото во архитектонскиот изглед на градот е последица на брзиот растеж на градот и ако не треба да се толерира, треба секако да се сфати како неизбежност и помало зло од секакви догматски стилизации кои би биле далеку поголемо зло.

Скопје како слоевит поим е буквално шаренило во сè. Од надворешниот изглед до многуте внатрешни структури. Скопје е етнички конгломерат„Скопје е Вавилонија од јазици, Скопје е Македонија во мало или, подобро речено, најсестраната јавна витрина на Македонија, или, како што напишав во предговорот на мојата книга стихови „Скопјани" (од 1981), Скопје:

„Живее, блика и блескоти небаре најсјаен бесценет камен врз дијадемата на Македонија... како алфа на еден национален полет".

Извор: А, списание за култура на простор, број 2, 1985

ОкоБоли главаВицФото