Новиот центар на Скопје (2)

25.09.2013 11:29
Новиот центар на Скопје (2)

Првата средба на конкурсното жири, заради утврдување на условите и програмата на конкурсот, е одржана во Скопје на 11 и 12 декември 1964 год., а во првите јануарски денови 1964 г. на сите учесници им беа испратени појдовните материјали за конкурсот. Во февруари истата година, се состанаа сите учесници на конкурсот со организаторите и со претставници на жирито. Во таа прилика заеднички ги дискутираа целите и задачите на конкурсот, а учесниците се запознаа со теренот и со порано направените урбанистички студии за повторна изградба на Скопје.

Рокот за завршување на проектните работи беше одреден уште во условите на конкурсот: 31 мај 1965 год. до кога беа испратени завршените проекти од сите учесници.

Конкурсното жири, во полн состав, заседаваше од 12 до 25 јули. Според конечната одлука на жирито, од пристигнатите осум проекти беа издвоени два, со тоа што 60% од сумата одредена со условите на конкурсот, беа доделени на проектот што го изработи екипата на Кензо Танге од Токио, а 40% од сумата, за проектот на екипата на Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер, архитекти од Загреб.

Својата конечна одлука жирито ја образложи на следниов начин:

„Жирито заклучи дека немаше ниту еден проект кој би бил основа за обнова на центарот на градот Скопје. Секој од проектите содржи богатство на предлози и идеи кои ветуваат. Поради тоа, жирито се сложи дека целата награда не може да биде доделена на еден труд. Со вообичаената процедура на гласање, со мнозинство гласови, жирито одлучи сумата за наградата да се подели на овие два труда, кои според неговото мислење даваат најдобри идеи од две различни гледишта. Наградата е доделена на групата на Кензо Танге од Токио, поради високите квалитети на општото решение на композицијата на центарот и деталните решенија на помалите површини. Наградата им е, исто така, доделена и на Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер, архитекти од Загреб, поради нивниот придонес во ефикасната и практична реализација на обновата и изработката на решенија за малите површини во рамки на проектот“.

Како документ со кој се завршува работата на конкурсното жири, дадени се мислења за сите осум труда, како и конечни препораки, кои би послужиле како патокази во понатамошните проектни работи посветени на градскиот центар. Тие документи се веднаш објавени и вклучени во јавната изложба на конкурсните проекти која се одржа во Скопје од 21 јуни до 5 јули 1965 г. Сите проекти беа повторно изложени во октомври истата година во рамки на изложбата што ја организираше градската власт на Скопје, под наслов „Скопје на иднината“.

Треба да се нагласи дека проектот за центарот на градот наиде на голем интерес кај граѓаните на Скопје, за што зборува и големата посетеност на изложбата, која ја видоа околу 40.000 посетители.

Резултатите на конкурсот беа презентирани и на редовната седница на International Board of Consultants, кон крајот на јуни 1965 год. Тие беа оценети многу позитивно, а препораките на Бордот, формулирани по дискусијата, станаа насоки за понатамошни проектни трудови.

Конкурсот беше завршен, а неговите резултати, сестрано проанализирани во Заводот за урбанизам на Скопје, послужија како основа за разработка на дефинитивната концепција на просторното зацртување на новиот центар на градот. Бевме сведоци на жестоки професионални дискусии. Понекогаш тие дискусии беа фрапантно контрадикторни (концепција на „ѕид“ околу стариот центар на градот), другпат радикално спротивставени (скалести градби во центарот). По вака богатата и креативна расправа, можеше со значително поголема сигурност, да се прецизира просторната концепција на конечното решение.

Но, и најдобрата урбанистичка концепција, сама по себе, не одлучува за успехот во изградбата на градот. Начинот и можностите на реализацијата, координацијата и концентрацијата на инвестиционата дејност, координацијата на архитектонското планирање, авторската одговорност за поединечните архитектонско-просторни ансамбли – тоа се основните фактори за идниот успех при изградбата на новиот центар на Скопје.

А, гледајќи на досегашната урбанистичко-градежна активност во Скопје по катастрофата, длабоко сум убеден дека локалната власт и скопските архитекти ќе го постигнат тој успех.

ПРЕПОРАКИ НА ЖИРИТО

За понатамошна работа на планот на центарот на градот, жирито предлага да се земат предвид извесен број вредни предлози од сите трудови и некои идеи кои се произлезени од дискусиите. Исто така, се верува дека ваквиот проект ќе одговори на двете основни потреби: хумана пропорција во помалите ансамбли и чиста хармонична форма во понагласената димензија на центарот на градот. Дадени се посебни препораки за некои елементи на проектот. Следните набројувања не се дадени според приоритет.

РЕКАТА ВАРДАР

Потребно е максимално искористување на реката Вардар како обединувачки елемент во композицијата на центарот и заради тоа изградбата на двата брега на реката треба да се интегрира во единствена просторна концепција. Според мапата на сеизмичка микрореонизација на Скопската котлина, површините по должина на речниот брег имаат највисок степен на сеизмичка подложност. Поради тоа, густината на градби покрај реката треба да биде помала отколку во останатите делови на центарот. Зградите треба да бидат со лесна конструкција и поставени на зелени површини. Ова дава можност за создавање специфичен урбанистички карактер на овој дел од Скопје, кој се базира на природните услови и градежната технологија.

РИТЧЕТО КАЛЕ

Како најголем природен елемент во централниот дел на градот, ритчето Кале треба да игра битна улога и треба да се доведе во хармонија со другите важни елементи на централното подрачје. Треба да се избегнува локација на наметливи објекти пред Кале. Треба да се сочува природниот изглед на калето, а во исто време тоа треба да биде во фокусот на интерес на луѓето. Тоа ќе се постигне со лоцирање на такви рекреативни и културни објекти, кои на некој начин ќе ја зголемат и промовираат неговата природна убавина. Потребни се некои рушења заради подобрување на погледот од калето, како и преуредувања на пејзажот.

ИСТОРИСКИ СПОМЕНИЦИ

Главниот архитектонски и историски ансамбл – турската чаршија не смее да биде третирана исклучиво како некој фолклорен музеј, таа мора да биде реставрирана и градена како интегрален дел на модерниот центар на градот, со извесни корисни функции.

Некои проекти северниот булевар го лоцираат на подрачјето на Бит Пазар, и кон север. Оваа модификација на Генералниот урбанистички план е пожелна заради можноста за спојување на сите историски споменици, вклучувајќи ја Иса-беговата и Султан-Муратовата џамија, во една единствена композиција во рамки на центарот на градот.

ЖИВЕАЛИШТА

Густината на становите во станбените квартови во центарот на градот кои треба да се обноват, мора да биде одредена во согласност со социјалните, техничките и економските фактори што се применливи во секој случај поединечно. Мешовита изградба е во поголема согласност со желбите и потребите на жителите. Во некои станбени зони може да се добие посакуваната густина на население со мешовита градба, особено во северниот дел од центарот, а жирито предлага дополнително да се простудираат ваквите решенија. Ова мора да биде базирано врз модерната технологија на планирање на инфраструктурата, но во склад со хуманите аспекти на рекреативните потреби на семејствата и децата. Градбите на теренот меѓу Кале и Гази Баба мора да бидат во хармонија со природните елементи.

СПОРТ И РЕКРЕАЦИЈА

Спортските и рекреативните објекти по должина на реката Вардар, предвидени со Генералниот урбанистички план на Скопје, непосредно на исток и запад од центарот на градот, треба да бидат дополнети со објекти од помали размери во рамки на станбените и нестанбените делови од центарот.

СООБРАЌАЈ И ТРАНСПОРТ

Расте потребата од сообраќај и во иднина мора да се обезбеди можност за проширување на сообраќајниот капацитет, без да се става акцент на автомобилите. Решението за сообраќајот во центар мора да се базира на интегрирање на различни транспортни средства и за граѓаните и за вработените, кои тука влегуваат или проаѓаат. Истовремено, ова решение би требало да биде соодветно интегрирано во транспортната шема на градот и целиот скопски регион. Треба да се посвети посебно внимание на леснотијата на движење на пешаците и нивната сигурност. Испитувањата и предвидувањата околу сообраќајот кои штотуку се завршени во врска со Генералниот урбанистички план на Скопје, треба да бидат почетна точка на ова планирање, кое мора да резултира во ефектна корелација на различни видови транспорт. Треба да му се даде предност на јавниот сообраќај. Привлечен е предлогот за жичарница на Водно.

ИЗГРАДБА ОКОЛУ УЛИЦАТА МАРШАЛ ТИТО

Компактниот карактер на станбената и работната површината околу улицата Маршал Тито беше нарушен со уривањето. Со различни решенија и трудови се укажува дека треба да се простудира начинот на кој, во иднина, на овој простор ќе му се даде поконкретен карактер и форма.

ГРАНИЦИ НА ЦЕНТРАЛНАТА ОБЛАСТ

Со изградбата на нови сообраќајни артерии околу центарот на градот, се создаваат проблеми во обликувањето на површините кои се наоѓаат во негова непосредна близина. Многу трудови го имаат запоставено погледот околу овие патишта и оставија незавршени остри маргини на овие простори. Во конечниот проект, се препорачува обликувањето и третманот на пејзажите на овие гранични подрачја да биде внимателно земен предвид и разработен. Овие патишта мора да бидат вклопени во пејзажот, без да создаваат физички препреки помеѓу деловите на центарот и самиот град.

КЛИМА И ПЕЈЗАЖ

За понатамошно планирање и обликување на градскиот центар потребно е да се земат предвид постоечкото знаење и искуство за подобрување на условите во самите градби, како и микроклиматизација на самите градови. Потребна е правилна ориентација и распоред на волуменот на дрвјата, како и соодветно архитектонско обликување и ефективна употреба на материјалите за подобрување на локалните климатски услови.

ЗАКЛУЧОК

Ние, членовите на жирито, чувствуваме огромна чест што учествувавме во оценувањето на трудовите на овој меѓународен конкурс. Сметаме дека резултатите ги оправдаа очекувањата на организаторот и дека градот Скопје ќе добие проект за неговиот центар кој ќе биде достоен на широкиот светски интерес и помошта која ја доби. На жителите на Скопје и на оние кои работат за нив, им посакуваме успех во планирањето и обновата.

Претседател на жирито:

Вајсман Ернест, с.р.

Членови:

Jan Canaux, с.р.

Adolf Ciborowski, с.р.

Тиберие Киријас, с.р.

Arthur Ling, с.р.

Урош Мартиновиќ, с.р.

Војислав Мидиќ, с.р.

Љубе Пота, с.р.

Саша Седлар, с.р.

Потпишано во Скопје, 20 јули 1965 г.

Кон првиот дел

Извор: Извор: Čovjek i prostor, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb бр. 156; март 1966

Превод: Сенка Наумовска

Слични содржини

Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото