Колку вреди Евроазиската унија на Путин?

28.10.2013 11:18
Колку вреди Евроазиската унија на Путин?

Во последниот период Русија од петни жили се обидува да убеди некои од поранешните советски републики да влезат во нејзиниот царински сојуз, но успева само во едно - конфронтација со соседите.

Агендата за своја „сфера на влијание“ во поранешниот Советски Сојуз, Кремљ ја турка од средината на минатата деценија, со бумот на ресурсната економска политика на претседателот Владимир Путин, поттикнат од високите цени на нафтата.

Москва управува со територија четири пати поголема од Европската Унија, но настојува на свои иницијативи, а се противи на туѓите, отаде границите на неверојатно огромната земја, во блиското соседство. Евроатлантските интеграции на повеќе земји како Грузија, Украина или Молдавија се во ќорсокак токму поради забраната од страна на Кремљ.

По кратката војна во 2008 и отцепувањето на делови од својата територија со помош на Русија, Грузија може само да сонува за влез во НАТО. Истото важи и за бедната Молдавија, која е условена со економски противмерки поради нејзините желби за европска интеграција. Со овие земји се води политика на морков и стап - првото е руски инвестиции на чиновничко-олигархиски групи со сомнително стекнат капитал, второто е закани со прекин на испораката на гас или со воена сила. Ерменија, на пример, одамна зависи од руските енергенси, а Москва за возврат ги обезбедува нејзините граници со Иран и Турција.

Од сите земји во регионите на средна Азија, јужен Кавказ и источна Европа, во специфична положба е Украина. За Кремљ, земјата отсекогаш припаѓала во рускојазичната културна орбита. Таа била суштествен дел од руската империја во текот на речиси сите фази од нејзиното постоење, сѐ до распадот на Советскиот Сојуз. Пред три години Москва издејствува продолжување на наемот на воената база во Севастопол, на Крим. Тоа е најважната руска воена база и пристаниште со пристап до топлите мориња, и Москва за неа плаќа годишна рента од околу 100 милиони долари.

Претстојното потпишување на договорот за асоцијација и стабилизација помеѓу ЕУ и Украина би било дипломатски пораз за Русија, онаков каков што Москва му нанесе на Вашингтон со стопирањето на планираната американска воена интервенција во Сирија.

Но, дали Русија, наспроти ЕУ, заслужува да биде водечка сила со своите сомнителни инвестиции и интензивното промовирање на „мека моќ“ во регионот?

Со помош на својата царинска унија, во која засега се придружија три земји, од кои две авторитарни (Ерменија, Белорусија и Казахстан), факт е дека Русија промовира слободно движење на луѓе и капитал. Неодамна Путин се спротивстави на барањата од некои опозициски групи за воведување визен режим кон бившите јужни советски републики, бидејќи тоа ќе го запре протокот на руски иницијативи во регионот.


Но каква е ситуацијата на терен, во Москва, Санкт Петербург и останатите привлечни дестинации за овие мигранти? Додека од нивните земји се бара да влезат во царинската унија, граѓаните од бившите светски републики се цел на националистички напади кога тие овде доаѓаат да барат работа.

По погромот на економски емигранти на зелениот кванташки пазар Бирјулево во Москва пред две недели, градската администрација воведе таканаречена „етничка милиција.“ Лесно вооружени, припадниците на оваа паравоена формација, во стилот на Златна зора во Грција, ги координираа и насочуваа рациите на властите во пренаселените живеалишта во подрумите и бараките на нелегалните емигранти по зелените кванташки пазари во Москва.

Руските политичари, јавноста, вклучително и опозицијата, немаа морални дилеми околу овие случувања.

Минатата година Путин им нареди на безбедносните служби да се борат против „етничкиот криминал“, како руското население да е безгрешно, а сите зла доаѓаат од бедните емигранти. Со сличен јазик, и рускиот патријарх Кирил предупреди на заканата од „етнички напади.“

Руската јавност е сѐ повеќе анти-емигрантски настроена. Нерус, или чурек се колоквијални, погрдни изрази што обичниот народ често ги употребува кога говори за припадниците на етничките заедници од поранешните јужни советски републики. Гастарбајтери, кои по големите индустриски центри обично работат тешки физички и по правило ниско платени работи во градежништвото и услужниот сектор. Во обичниот говор, чурек му доаѓа нешто слично како непожелен човек.

На многумина им е јасно дека без нивниот труд руската економија веднаш би паднала во криза. Но, гастарбајтерите кои и понатаму доаѓаат од поранешните советски републики како Киргистан, Таџикистан, Туркменистан или Молдавија, знаат дека се под смртна закана кога работат во Москва или Санкт Петербург.

Дали режимот на Путин, со вакви мерки и во ваква атмосфера, може да се надева на успех во создавањето на некаква Евроазиска унија? Да гради таков амбициозен и гломазен политички ентитет надвор од своите граници со истите тие граѓани кои ги презира дома?

Борис Камчев е новинар и писател, неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум

ОкоБоли главаВицФото