Се извини живинарската фарма на која е снесено јајцето што го погоди Груевски во Тирана

05.11.2013 11:31
Се извини живинарската фарма на која е снесено јајцето што го погоди Груевски во Тирана

Скопје, 5 ноември 2013

Живинарската фарма „Големи јајца“ од Дебар се извини бидејќи во нејзините кокошарници е снесено јајцето со кое македонскиот премиер Никола Груевски при ланската посета во Тирана беше погоден од дебранецот Таулант Цапа.

Средбата со претставниците на „Големи јајца“ се одржала во просториите на владата и поминала во опуштена и пријателска атмосфера.

„Снесувањето јајца со кои премиерот може да биде погоден не значи дека е знак на револт или нешто слично. Напротив, ја почитуваме нашата држава и власта, како и работата на Груевски како премиер. Можноста за средба со премиерот толку ја возбуди целата фарма, што заборавивме да ја испратиме денешната пратка за Тирана“, изјави првиот човек на „Големи јајца“, Мудо Јајчаревски.

По завршувањето на средбата, Груевски на живинарската фарма ѝ посакал успех и снесување на уште поголеми јајца, но изразил надеж дека раководството во иднина повеќе ќе внимава на поведението на јајцата што се снесуваат кај нив.

Неофицијално, по извинувањето на Таулант Цапа и раководството на фармата „Големи јајца“, треба да се одржи и средба на премиерот со кокошката која го снесла инкриминираното јајце од Тирана.

Од кабинетот на премиерот, за сега, не ја коментираат оваа информација.