Вмровски вандали!

12.11.2013 02:40
Вмровски вандали!

Сакате да jа научите историјата на вашата земја? Сакате да се запознаете со вистинските вредности и продукти на македонското културно-историско наследство? Тогаш, потсетете се на сѐ што ДПМНЕ има осквернавено, избришано, запуштено, навредено, отстрането, украдено или присвоено, било на материјален или на духовно-морален план од нашето минато и историја.

Толку многу во овие години е напишано, толку зборови се потрошени за историско-моралниот ревизионизам на режимот, за нивното фалсификување на историјата, за уништувањето на нашиот идентитет преку идеолошко-криминалниот проект на антиквизација - СК 2014, што повеќе човек не знае како да се изрази, просто занемува од болка и јад пред културолошки самоубиствената мисија на режимот.

Вчера дознавме дека е комплетно срушен споменикот на стреланите скопјани кај Камениот мост. Замислете, спомен местото каде на 13 ноември 1944 година германските фашисти стрелаат деветмина граѓани, само неколку часа пред ослободувањето на Скопје, е урнат. Зошто? За да се создаде простор за нивните кичерајски кнауф градби од дубиозен и псевдоуметнички карактер со кои испраа милиони евра и сѐ уште ги перат мозоците на луѓето. Па, ова е таков срам и неправда. Произлегува дека тие жртви на нацистите по втор пат се убиени. И ете, ова го дознаваме два дена пред 13 Ноември, големиот празник на ослободување на Скопје. Јас лично сум револтиран, не можам да се помирам со уште еден вандалски чин врз нашите најсветли спомени на вистинска борба и жртва за македонската слобода.

И колку вакви случаи имаме, не само на материјално уништување на нашата колективна свест и меморија? Премногу. Ги извадија буквите на Тито и којзнае каде ги сокрија. Ги избркаа и им ги украдоа просториите на борците. Ги сменија имињата на улиците и на училиштита, нѐ преплавија со идиотски сали со уште поидиотски квазипатриотски називи. Го заборавија и го маргинализираа АСНОМ и сите празници од НОБ од нашата историја, го наполнија својот партиски музеј со восочни фигури на големобугарски крвници на македонскиот народ, му изградија огромен споменик на Тодор Александров, го прогласија југословенскиот социјализам за сталинистички комунизам, се откажаа од нашето словенско потекло. Примерите за ревизионизам се толку бројни, толку многу штета е направена, што тешко е човек сите да ги наведе и наброи.

И тоа го направија најголемите фанатици и споменик-манијаци во историјата на модерна Европа, кои постојано се фалат дека нешто градат и дека претходните генерации не се грижеле за спомените на нашата историја.

Тоа што најмногу треба да нѐ загрижува и што многумина не го разбираат е дека историскиот ревизионизам на ДПМНЕ покрај својата моментална и политичка позадина, има и една долгорочна цел. Како прво, моралната димензија на нивната ревизија е опасна. Се однесуваат како единствени носители на хуманоста и пиететот кон македонската историја. Второ, ја монополизираат и се самоидентификуваат преку селективно одредување на тоа што навистина е нашата вистинска историја. И трето, преку историскиот ревизионизам, нивната цел е да ја уништат секоја историска, актуелна или идна алтернатива на нивниот режимски систем.

Всушност, ДПМНЕ и како политичка пракса и како идеолошка творба, ги измени, ги избриша или ги проголта сите вредности, сета наша историја, ги присвои сите негативни и позитивни карактеристики од нашето минато, за таа да биде единствената политичка, идеолошка, вредносна опција што може да егзистира во Македонија.

Земаа сѐ, инглобираа или втопија сѐ што можеше да се апсорбира, и додека вистинските вредности и историја ги пуштија низ дигестивниот тракт и дебелото црево на режимскиот монструм, се крунисаа и ги поматија умовите на луѓето со наводното откривање на болната, но глориозна „вистина“ за македонскиот народ, историја и култура. Сите пред нив не вредат ништо, затоа што тие ги криеле или ги минимизирале идеите и вистините кои ДПМНЕ му ги откри на македонскиот народ.

А кои се тие вистини? Дека сме библиски народ, дека сме Антички Македонци, дека сме лулка на западната култура и цивилизација, описменувачи на континентот, освојувачи на целиот антички свет. Или помодерната верзија, дека само ВМРО постои во модерната македонска историја, само ВМРО се борел за независна Македонија, или како што кажа Трајко Вељаноски на партискиот празник на ДПМНЕ, само вредностите на ВМРО постојат во Македонија, идеалот на ВМРО е најсилниот македонски идеал, ВМРО е почеток и крај на сѐ поврзано со Македонија и Македонците, ВМРО ја определува вредноста на сѐ што е национално, идејата која со себе ја носи ВМРО ни го покажува единствениот исправен пат.

Гледате, ревизионизмот на ДПМНЕ е покомплексен, тој не сака само да отстрани, тој сака да поклопи, сѐ да присвои, сѐ да асимилира, за потоа од сѐ да може повторно да селектира и да стеснува, додека сѐ не стане ДПМНЕ. Што и утре да видите или да помислите, треба да го евоцира ДПМНЕ. Што и да каже утре ДПМНЕ, тоа е вистината. И целта на таквата перцепција не е да помине без несогласување, нив тоа не ги загрижува, врвната идеја е лека полека, пред соопштената вистина вие да не се сеќавате, ниту пак да можете да замислите каква било алтернатива.

Ваквиот хегемонизам не е само политички проблем, тој е пред сѐ еден културолошки проблем. И проблемот денес не е што ние сме поделени или што немаме споделена меморија за нашата историја. Камо среќа да опстои таквата ситуација, тоа би значело дека имаме надеж. Проблемот е што ДПМНЕ сака национално да нѐ пацифизира или помири зад сопствената хегемонија и безалтернативност. Односно, проблемот е што победува во таа битка и што сѐ повеќе луѓе се предаваат на нивната хегемонија, стануваат исти како ДПМНЕ. На полето на нарација, битката е одамна изгубена. Секој што прокламира поинаква историја, вредности и политики од ДПМНЕ е прогласен за нелигитимен, односно, легитимен непријател на народот воден од ДПМНЕ. И на ова поле само еден мал број интелектуалци и новинари и понатаму издржуваат.

Проблемот сега е што и на полето на политичкото дејствување сѐ повеќе губиме. Токму затоа секогаш инсистирам дека борбата со ДПМНЕ треба да се води на антиподите. Комплетна дистанца од режимот, разликување во сѐ, тотална спротивставеност. Средината е изгубена, поклопена е од режимот, нема наоѓање на половина пат. Или ќе бидеш дијаметрална спротивност на режимот или ќе те проголта како и сето останато. На Македонија очајно ѝ е потребна организирана политичка акција која легитимитетот ќе го црпи од нашата вистинска историја и меморија и од преостанатите граѓани кои не се согласуваат со режимот, додека комплетно не ја снемало и меморијата и луѓето кои сѐ уште се спротивставуваат. Ова е културолошки предизвик, но должноста да се контрастира режимот на Груевски е пред сѐ политичка задача и обврска.

Културолошкото самоубиство со овој режим е неминовно, но агонијата може да трае премногу долго пред комплетно да колабира. Нашите животи, амбиции, нашата потреба од права и слободи, од достоинствена егзистенција, немаат време, ние самите биолошки не може да траеме и да се натпреваруваме во издржливост со општествените процеси.

Ако актуелните генерации не се изборат за промена на режимот, режимот едноставно ќе нѐ надживее. И тогаш, сѐ ќе биде изгубено, сѐ ќе биде ирелеватно. Затоа, режим се менува со политика и со народ, тие се впрочем и општествените катализатори.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото