Глока куздра

15.11.2013 20:42
Глока куздра

Глока куздра је штеко будланула бокру и курдачи бокрича.

Есента 1925, Лев Владимирович Шчерба, тогаш предавач по Увод во лингвистика на Високата школа за историја на уметност, на едно од своите предавања им предложил на студентите да се позанимаваат со анализа на следната реченица: Глока куздра је штеко будланула бокру и курдачи бокрича. Оваа реченица е без канонска смисла, но бидејќи се сочувани вообичаените форми на јазикот, од неа може да се разбере дека некој или нешто, некому или на нешто на некој начин му направил/направило или дека нешто прави со детето или просто со младенчето од истиот вид. Смислата може да биде каква било: добра жена богато нахранила патник и го лула неговото дете. Или обратно: лошата волчица силно ја гризнала козата и го лови нејзиното јаре.

Ни се предочуваат сосема нејасни дејства на некој чиишто особини исто така се сосема нејасни. И тоа е баш она на што ние денес сме сведоци. Некаков вишок добрина на нашата куздра никако не може да ѝ се припише. Иако тоа ме раздразнува, одвреме-навреме се обидувам да најдам некаква смисла во постапките на куздрата. И наоѓам само една: стремежот по секоја цена да се зачува статус кво. Куздрата сака слатко да спие, богато да јаде и уште побогато да се забавува. А оние на кои не им се допаѓа тоа, ќе будат будланети и курдачени.

Кога сум веќе кај книжевните асоцијации, се сетив на Довлатов: „Ние непрестајно го проколнуваме другарот Сталин, и нормално, има зошто. Но сепак, би сакал да прашам: а кој ги напиша сите оние четири милиони достави?“ Куздра - тоа сме сите ние заедно. Друга работа е што нашата куздра не излезе одеднаш, туку полека растеше на плодното тло на нашата рамнодушност и зафатеност со други работи. Зашто, секогаш ни се чинеше дека на барикадите треба да оди некој друг, а не ние.

Додека денес работам на еден проект за историјата на дисидентското движење во СССР, постојано ми се наметнуваат разни заклучоци и паралели. Прво, куздра е нешто страшно. Ти со неа играш шах, а таа со тебе игра со ножеви. И кога ѝ се причинува дека ѝ се заканува опасност, куздрата нема да почитува никакви правила на игра, никакви закони и меѓународни договори. Оној кој ќе одлучи да тргне против неа, мора да смета на тоа дека влегува во зона на висок ризик. Куздрата располага со голем број начини на размножување. Освен природниот, уште и со помош на стап и морков, страв и подмитување, ласкање и сила, таа како вампир ги претвора другите во слични на себе. Малите куздри се исто толку страшни колку и големите, а бидејќи знаат дека власта стои зад нив, во повеќето случаи се дури и пострашни. Освен тоа, куздричињата брзаат што повеќе да накуздрат пред некој да ги одбудлани.

Сите куздри, и малите и големите, се апсолутно рамнодушни кон поимите пристојност, чест и достоинство. Иако, кога некој сака да ги повреди, тие одлично разбираат и веднаш превентивно ги оклештуваат забите. Куздрата не сака кога за неа се зборува лошо. Таа ги протега своите куздрини шепи во сите структури на општеството и слугите на законот наместо да му служат на законот почнуваат да куздрат, заштитниците на правото наместо да го штитат правото го прават истото, а законодавците наместо да носат закони, не да куздрат, туку куздрат безобѕирно. Министрите, градоначалниците, губернаторите, директорите, лекарите, офицерите, секретарите, научните работници и уметниците, учителите, новинарите, свештениците, од сите се одронува човечкиот лик и од него се појавува нејасниот лик на куздрата.

Тој живее со жените и мажите кои овде, пред негови очи, исто така куздрат, бидејќи ако не е така, тие уште одамна врескајќи би побегнале од тие монструми. Тие им се смеат на своите деца... Просто е невозможно да не сфаќаат дека работат против совеста. Да, а на кого не му се допаѓа - и тоа е она што суштински ги разликува 60-те и 70-те години на минатиот век од денешните - повелете надвор. Земјата е отворена за сите. И немојте да мислите дека ние сме будали кои ќе ги слушаат вашите приказни за париотизмот. Нема никаков патриотизам и тоа секоја куздра сигурно го знае. Постои закон „не мочај спроти ветрот“, постои затвор и постои затворски праг.

Одвреме-навреме куздрите сакаат да играат разни игри како со блиските соседи, т.е. со нас, така и со поблиските и подалечните партнери од странство. Тие тогаш зборуваат разни убави зборови и склучуваат секакви договори. Тие се зближуваат и разидуваат, го насочуваат и пренасочуваат текот на парите. Не-куздрите не припаѓаат на нивниот свет. Тие воопшто не им се потребни. Нивна задача е да не им пречат на куздрите, да не им пречат дури и во случај кога куздрите им го одземаат нивниот суверен простор.

Куздрите се грижат да ги отстранат сите негативни информации за себе, а кога некоја од нив и покрај сѐ ќе протече во јавноста, тогаш почнуваат безочно да лажат. Ние никогаш не можеме да бидеме уверени дека човекот кого со врзани раце го извеле пред министерот за внатрешни работи навистина е престапник. Ние никогаш нема да дознаеме зошто некој кој ги прогласува другите за непријатели на народот и притоа наведува некакви апсурдни цифри, никогаш нема да одговара за клевета и лага. Ние никогаш нема да можеме судијата или офицерот на полицијата кои го кршат законот да ги лишиме од мантијата или еполетите. Ние никогаш... ние во никој случај...

Главните не-куздри на сите времиња всушност се оние кои си забрануваат да се плашат од куздрите и кои за таа храброст биле спремни да се најдат и во лудница, прогонство, логор или дури во мртовечки сандак. Од општочовечка гледна точка тоа е навистина чудно: идеите се идеи, а што е со нагонот за самоодржување? Па ете, ништо. Но затоа лицето во огледало не се претвора во куздрина муцка.

Извор: Ежедневный журнал
Слики: Кортни Роуз

Слични содржини

Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Свет / Живот
Општество / Свет / Став / Живот
Општество / Свет / Историја
Општество / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото