Крвта на Унгарците

20.11.2013 10:09
Крвта на Унгарците

(1957)

Не припаѓам меѓу оние кои сакаат унгарскиот народ повторно да се фати за оружје и да се крене на востание осуден на пропаст пред очите на западниот свет кој не би го удостоил ниту со аплауз, ниту со христијанска солза, туку би отишол дома и би ги навлекол домашните папучи по неделниот меч од фудбалскиот шампионат.

Веќе има премногу мртви на стадионите и можеме да бидеме великодушни само со сопствената крв. Унгарската крв е толку драгоцена за Европа и слободата, што треба да ја чуваме секоја нејзина капка.

Не припаѓам ни меѓу оние кои сметаат дека треба да се прилагоди, макар привремено, на стравовладеењето кое има толку право да се нарече социјалистичко, колку што инквизициските џелати имале право да се нарекуваат христијани.

На денешната годишнина од слободата, се надевам од длабочината на срцето дека немиот отпор на унгарскиот народ ќе истрае, дека ќе зајакне и со одекот на нашите гласови кои отсекаде се креваат ќе го поттикне меѓународното јавно мислење на едногласен бојкот против тираните.

И ако тоа јавно мислење е премногу млитаво и егоистично за да му оддаде признание на еден маченички народ, ако нашиот глас е премногу слаб, сакам унгарскиот отпор да истрае до оној миг кога контрареволуционерната држава на исток од сите страни ќе пропадне под товарот на своите контрадикции и лаги.

Совладаната и фрлена во окови Унгарија направи повеќе за слободата и правдата од кој било народ во светот во последните дваесет години. За да ја разбере оваа историска лекција западното општество со затнати уши и затворени очи, требаше да се пролее многу унгарска крв која сега веќе се суши во нашето паметење.

Во изолирана Европа само така можеме да останеме верни на Унгарија, ако никогаш и никаде не го изневериме она за што унгарските јунаци ги дадоа своите животи, ако никогаш и никаде - па ни посредно, не ги оправдаме убијците.

Ние тешко можеме да бидеме достојни на жртвите. Меѓутоа, мора да се обидеме да бидеме тоа, заборавајќи ги своите кавги, преиспитувајќи ги сопствените грешки, зголемувајќи ги своите напори, својата солидарност во Европа која најпосле се обединува.

Веруваме дека светот напредува, паралелно со силите на неслободата и смртта кои ја замрачуваат историјата - се појавува силата на животот и вербата, огромно движење за еманципација кое го нарекуваме култура и кое истовремено е плод на слободата на создавањето и слободата на трудот.

Унгарските работници и интелектуалци покрај кои стоиме денес со толку немоќна болка го знаат сето тоа, тие се тие кои направија да ја разбереме подлабоката смисла на сето тоа.

Затоа, ако го делевме со нив нивното страдање, ја делиме со нив и нивната надеж. И покрај својата беда, своите синџири и своето прогонство, ни оставија величествено наследство кое мораме да го заслужиме: слободата, која не ја освоија, но која во еден единствен ден ни ја вратија нам!

Извор: Le sang des Hongrois, 1957