Зошто е важно да се биде детинест и несериозен

29.11.2013 19:47
Зошто е важно да се биде детинест и несериозен

Ако сакате извештај од лице место за тоа зошто и како настанува мислењето, обратете им се на малите деца, единствените живи и автентични сведоци на оној драматичен миг кога сѐ уште неразвиените сетила и свест за прв пат го сретнуваат и го запознаваат дел по дел големиот свет и за прв пат можат да се идентификуваат самите себеси.

Говорот и симболите со кои се служат и комуницираат возрасните го заборавиле убавото и возбудливо детство на зборовите. Изгубениот рај на личното запознавање и именување, на конкретниот, сетилен, животен повод за мислата и зборот - тие сликовити предели припаѓаат во далечните и дамнешните денови на раното детство. Без искуство, без памтење и знаење, прв пат овде, децата допираат со очите, ушите, со сите сетила, и на тие непосредни и бурни доживувања им даваат свои, автентични имиња, вредности и карактеристики.

Првата средба и допир, првото искуство, првиот обид за именување, одгатнување и разбирање. Тој еден малечок збор, тоа едно, субјективно и делумно толкување - тука е целото богатство на светот и нашите доживувања. Само на почетокот на откривањето и созревањето нашите доживувања ја имаат температурата на таа толку среќна произволност, таа неограничена разновидност. Само тие неколку први години, додека сѐ уште осознаваме и учиме сами, без учител, школа и стандарди.

Само младите и гладни за радост, зачудените, можат да видат и доживат толку. И никој освен нив не знае толку различни имиња за една работа или појава. Богатството на тие доживувања и имињата на овие мали незнајковци се во спрега со секогаш новите и поинакви конкретни околности. Сѐ за нив е ново и со ново име, ако се јави во нови околности и со нова функција.

Тие најпрво не знаат ништо, а потоа долго патуваат, талкаат и откриваат додека не осознаат „сѐ“.

И тука се завршува најубавата човекова авантура, после само неколку години спонтан и некористољубив живот без смисла и цел. Се оддалечуваме од детството, а не се приближуваме до целта. Нема цел, цел на животот, го нема самиот живот, и ние носталгично почнуваме да се враќаме во времето кога сме биле најблиску до животот и себе. Целата уметност, ми се чини, е обид повторно да се доживее животот, но на оној начин, со оние сетила и глад, онака богато, слободно и невино. Да се биде детинест и несериозен, бидејќи сѐ друго е помалку сериозно и мудро.

Извор: 6yka.com
Сликa: Ване Костуранов

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото