Дали целиот идентитет се исцрпува со нацијата?

04.12.2013 10:22
Дали целиот идентитет се исцрпува со нацијата?

Делото на Димитар и на Игор Масевски, овој мултиетнички и полијазичен проект наречен „Корени“, ми буди сеќавања на една средновековна италијанска приказна, која сега ќе ви ја раскажам. Воинот, по завршениот бој и во полна опрема, чекорејќи бавно по патеката која води до неговиот дом, забележува врапче легнато на грбот, со малите канџи свртени кон небото. На прашањето, што се случува, врапчето му рекло на господарот дека слушнало дека ќе падне небото, па, ете, се подготвува да ја спречи катастрофата. Воинот не можел да ја сокрие насмевката, ниту да ги сопре зборовите: „Па зарем ти ќе спречиш да падне небото?!“. Навреденото врапче одговорило: „Секој го прави тоа што може!“. Така и со делото на Масевски, чиј труд е парадигма за сите оние кои прават тоа што можат за нашето општо добро. За тоа сме им длабоко благодарни.

Забележувам еден контраст меѓу она што го наоѓаме на страниците на „Корени“ и секојдневниот политички живот кој го живееме на Балканот. Во политичкиот живот, се пропагира опасната визија дека ние сме еднодимензионални луѓе, кои живеат само и само во својот и за својот национален или верски идентитет. Од друга страна, на страниците на списанието, во целосна хармонија се изразуваат, живеат, коегзистираат, комуницираат, се испреплетуваат и се надопонуваат мноштво културни идентитети. Всушност, „Корени“ ни помага подобро ја разбереме улогата на културата – која премостува јазови на национални поделби, недоразбирања, неразумни постапки или историски омрази... Зашто, додека во секојдневниот политички живот, често знаеме да им го треснеме в лице на „оние другите“, нашиот национален или верски идентитет, тоа едноставно не можеме да го направиме со некоја убава песна, убав расказ, роман или пиеса од друга култура.

Размислувајќи за сопствениот идентитет, се прашувам дали е можно целиот мој идентитет како човечко суштество да се исцрпува со мојот национален идентитет, оној создаван во минатото, кога сѐ уште не сум бил роден. Зарем нема никакво значење идентитетот кој е производ на искуствата и на влијанијата на кои сум бил изложен во текот на животот. Во мојот случај, да речеме, животот во Африка и на Блискиот исток. Нема сомневање дека и тоа е дел од мојот идентитет, како што се дел од мојот идентитет и среќните и тажните приказни на Арапите и на Етиопјаните со кои живееев, но и песните на „Битлси“ или на Реј Чарлс, списанијата „Њузвик“ и „Тајм“, литературата и филмовите од светската продукција, пред сѐ, американска и европска, со своите пораки и вредности, културата на другите народи на југословенската федерација...

Нашата битка за идентитетот, еве веќе две децении, се сведува на еден крик: „Ние сме Македонци“! Таа битка, дека сме Македонци со сопствена држава, ја добивме во 1945, а како учесник во настаните од првите години на нашата независност, знам дека ја потврдивме со членството во Обединетите нации, во 1993. Меѓутоа, после таа победа, остварена на европски начин, што ќе рече со мирни средства, ние прогласивме пораз, заради непризнавањето на името на новата држава. Поразот беше прогласен во исто време кога Европа и САД ни аплаудираа и нѐ поттикнуваа да истраеме во барање излез од несогласувањата со соседите преку дијалог. Ние, пак, се определивме за борба за нашиот идентитет. Не ни беше важно што тој идентитет веќе постоеше, зашто тој произлегува од нашиот јазик и култура, признати и прифатени во Европа и во светот. И што се случи? Откога, со непризнавањето на нашето уставно име, прогласивме пораз и разгласивме дека е загрозено нашето национално постоење, нѐ стаса клетвата наречена „мегаломанија на националната идеја“ во која нема место за разум и за дијалог. Паднавме во стапицата на националната еднодимензионалност, која се обиде да нѐ испразни од сите доблести на цела низа културни притоки кои се слеваат во нас како поединци и го исполнуваат нашиот базичен национален идентитет со универзални космополитски вредности. Притоки кои, нас како Македонци, само нѐ очовечуваат.

Вертикалната димензија на нашиот идентитет, која копа длабоко во историјата, се наметна над хоризонталната димензија на нашиот идентитет, која е производ на сите наши лични искуства во комуникацијата со други култури. На Балканот, тоа најдобро се гледа во одговорот на она збунувачко прашање, „Што си ти, длабоко во себе?“. Одговорот на нашите интелектуалци беше и сѐ уште е – длабоко во себе јас сум Македонец, Србин, Бугарин, Грк, Албанец и така натаму. А, вистинскиот одговор е – длабоко во себе, јас сум човечко суштество со сопствен идентитет, чиј живот има вредност барем колку нацијата на која ѝ припаѓам по раѓање.

Се сеќавам, беше некаде 2005 година, во центарот на Скопје, како домаќин на група професори од Западна Европа, обраќајќи ѝ се на една гостинка, по некаква балканска навика ми се лизнаа од устата зборовите во форма на прашање: „Вие сте Австријка?“. Со насмевка на лицето, таа ми одговори: „Јас сум Андреа Елмеиер“. Подоцна размислив: тоа, „Австријка“ се подразбираше, самото по себе, и во тој идентитет таа нема ама баш никаков удел, но во создавањето на својот личен идентитет има, и тоа каков. Во денешна Европа националниот идентитет е безбеден па оттаму и комично би било, не само да му се треснува во лице на соговорникот, туку и да се истакнува, на било кој начин. Всушност, во одговорот на гостинката од Австрија ја препознав спасоносната формула за балканските народи, истата онаа која ја спаси Европа од вековните војни на додогаш непомирливите национализми. Безбедноста на народите на Европа во рамките на Унијата и НАТО, е брана против манипулацијата со егзистенцијалните стравови на луѓето, во Македонија препознатливи во фразата „Дали ќе нѐ биде?“. Зошто такво прашање од народ кој „е“ и кој има своја држава? Одговорот го наоѓам во стравот и несигурноста на поединците. За „да ја биде“ нашата држава и нашата нација во овој модерен свет, потребни се поединци со сопствен идентитет изграден врз вредности кои почиваат врз достоинството на човековата личност, независно од разликите во однос на националната припадност, бојата, религијата, полот и сексуалните преференци или што било друго. Личности кои на прашањето „Ти си Македонец?“, „Ти си Албанец?“, „Ти си Србин?“..., ќе ја растегнат устата во широка и сигурна насмевка и гордо ќе си го кажат своето име и презиме: „Јас сум...“.

Благодарам


Куманово, 22.11.2013

„Корени“

П.С.

На свеченоста на која ми беше доделено признанието, се славеше и јубилејот на театарската претстава „Ленче кумановче“, на која кумановци покажаа како се сака својот јазик. Локалниот дијалект, оној истиот на кој мајките од кумановско им се обраќаат на своите рожби и на кој беше изведена претставата, стоеше во полно достоинство со литературниот македонски јазик на кој беа најавувани бројните нумери. Токму онака како што сакаме да стои нашиот македонски јазик во однос на големите светски јазици, зашто од аспект на изразување на идентитетот, и македонскиот и англискиот јазик имаат иста функција. Со една мала предност на наша страна: сигурен сум дека добар дел од младите луѓе присутни на промоцијата се жив доказ дека во рамките на идентитетот на една личност можат да коегзистираат повеќе јазици: го знаат и кумановскиот дијалект, и македонскиот литературен јазик и уште по некој од регионалните и светските јазици како англискиот, на пример. Да се сочува својот македонски јазик, кој од седум милијарди жители на светот го говорат помалку од два милиони или во случајот на кумановскиот дијалект далеку помалку, значи да се даде најдиректниот придонес кон зачувувањето на културната разновидност на светот. Ништо помалку. Таа вечер, во Куманово, во Македонија, трепкаше еден толку посебен идентитет, но толку свесен дека е дел од човештвото.

Текстот е обраќање на авторот на свеченоста во Куманово, на која списанието „Корени“ му додели признание за афирмација на македонскиот политички есеј во странство.

Слики: Jaume Montserrat

ОкоБоли главаВицФото