Вежби по критичко мислење: Дали зборот „Словени“ е навредлив за Македонците?

06.11.2014 00:37
Вежби по критичко мислење: Дали зборот „Словени“ е навредлив за Македонците?

Идниот амбасадор на САД во Македонија, Џес Липинкот Бејли (во средина), на прославата на Денот на независноста во конзулатот во Адана, Турција, каде што беше заменик шеф на мисијата. (Со амбасадорот на САД во Турција, Френсис Џ. Ричиардоне, на крајот десно, и со сопругите). Фото: Стејт департмент на САД, 2013

 

1. Дали употребата на изразот „Словени“ значи „негација на постоењето на македонскиот народ“?

Медиумската хајка почна по следново јавување на дописникот на МИА од Брисел:

„Во Македонија живеат мнозинство Словени и малцинство етнички Албанци. Со ваква негација на постоењето на македонскиот народ, новиот американски амбасадор Џес Липинкот Бејли доаѓа на служба во Република Македонија“ (Бејли: Во Македонија живат мнозинство Словени и малцинство Албанци)

Медиумската хајка прогресираше дотаму што некои провладини „експерти“ изведоа ваков заклучок:

Да потсетиме, во Сенатот, каде по традиција се „преслушуваат“ новите амбасадори, Бејли рече дека овде живеат „Словени, Албанци и други…“ значи, кратко и јасно – нема Македонци!“

Ако новинар(к)ите, пред да известат, направеа елементарна проверка на фактите во обраќањето на амбасадорот, ќе имаа можност да ги постават следниве критички прашања:

-Дали употребата на уставното име и кратенката Македонија (за држава), како и употребата на изразите „Македонци“, „македонски печат“, „етничко албански и македонски населенија“, претставуваат „негација на постоењето на македонскиот народ“?

-Ако изјавата: „Во структурата на македонското општество има повеќе Словени и Албанци“ е „опасна теза“, зарем не е исто толку „опасна теза“ и дефиницијата на изразот „Македонци“ во „Македонска енциклопедија“ како „словенски народ во етничка, културна и национална смисла, што живее во РМ, на територијата на етничка Македонија и во дијаспората“? (МЕ, стр. 894)

Извадок од учебник за седмо одделение

-Зошто одредени новинар(к)и и политичари се чувствуваат „навредени“ од употребата на изразот „Словени“, кога и во македонските учебници децата учат дека Македонците спаѓаат во словенската група народи (на пример, во учебникот по географија за VII одделение)?

Од претходните примери, јасно е дека употребата на изразот „Словени“ не ја исклучува, ниту, пак, негира употребата на изразот „Македонци“. Зошто тогаш беше поведена медиумска хајка против новоназначениот американски амбасадор?

2. Зошто не е навредливо кога македонски политичари нè нарекуваат „Словени“?

Навистина, зошто медиумите се скандализираа од употребата на изразот „Словени“ од страна на американскиот амбасадор, а не се скандализираат кога македонски политичари реферираат на Македонците како Словени?

-Зошто медиумите не поведоа хајка против претседателот на Собранието кога истакна дека благодарение на сесловенските просветители „Македонскиот народ ја доби можноста на свој разбирлив јазик да ги шири христијанските вредности…“?

-Зошто не го претставуваа како навреда или срамота честитањето од страна на премиерот на „Денот на македонските и сесловенските просветители, светите Браќа Кирил и Методиј“ или, пак, неговото гордеење со „првиот словенски универзитет“ на св. Климент Охридски?

-Зошто медиумите не го претставија како скандалозно контроверзното цитирање од страна на претседателот на државата на книгата „Кралство на Словените“, ((ФОТО) ИВАНОВ ВО МОСКВА: И РУСИТЕ ЗБОРУВАЛЕ КАКО ДРЕВНИТЕ МАКЕДОНЦИ), чиј автор ги дефинира Македонците како Словени?

3. Некритичко пренесување на реакцијата на МНР

Најголем дел од медиумите само ја пренесоа реакцијата на МНР дека „Ваквото ословување го доведува во прашање идентитетот и ги повредува чувствата на македонскиот народ.“ (на пример: МНР со протестна нота до САД: Ние не сме Словени).

Останаа непоставени следниве критички прашања од страна на новинар(к)ите:

-Како е можно да се доведува во прашање идентитетот на македонскиот народ од страна на амбасадор кој го употребува уставното име и изразите „Македонија“ , „Македонци“, „етничко македонско население“ паралелно со изразот „Словени“?

-Зошто МНР немаше слична реакција во однос на последниот извештај на ЕК, во кој не се спомнуваат ниту уставното име, ниту македонскиот јазик, ниту етничкиот идентитет „Македонци“?

-Зошто немаше медиумско скандализирање кога претседателот на државата го примил извештајот и „изразил задоволство од потврдената препорака“, неисполнувајќи го своето ветување од 2011 дека „во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат“?

4. Историски и медиумски срамови

Наместо скандализирање и јавно поттикнување на чувство на срам поради употребата на изразот „Словени“, новинар(к)ите ќе постапеа етично ако ја пролистаа, на пример, „Македонската енциклопедија“ и ја известеа јавноста колку пати и во кои контексти се употребува изразот „Словени“. И површното пребарување на „Македонска енциклопедија“ можеше да ги поттикне да ги постават следниве критички прашања:

-Дали треба да се срамиме од „Лозарите“ кои го популаризирале името „Македонци“, како име на словенски елемент?

-Дали граѓан(к)ите на Битола, Прилеп, Велес… треба да се срамат од словенските имиња на нивните градови?

-Што има срамно во тоа што „Македонската лига“ во 1880 г. се сметала за „единствен легитимен претставник на словенското мнозинство од населението во Македонија“?

-Дали треба да нè навредуваат насловите на книгите на Ангел Динев (родум од с. Смоквица) „Македонските Славјани“ (1938) и „Етнографската идеја на Македонските Славјани“ (1944)?

-Дали треба да се срамиме од Григор Прличев, кој сакал да создаде граматика на словенско есперанто?

Извадок од „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков

-Најпосле, дали треба да се срамиме од Крсте Петков-Мисирков, кој во книгата „За македонцките работи“, пишува за „наiсилната македонцка народност – словените“ и се залага за „iедно обшчо за сите македонцки словени име – името „македонец““?

-Зошто најпознатите македонски преродбеници гордо се изјаснувале како Македонци и Словени, а сегашниве „преродбеници“ се скандализираат од изразот „Словени“?

(Продолжува: Дали на експертите од „Димитрија Чупоски“ им е срам што се изјаснувал како „Словеномакедонец“?)

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото