Реидентификација - изложба на Кооперација

06.12.2013 13:07
Реидентификација - изложба на кооперација

Локација: Ул. Митрополит Теодосиј Гологанов, бр.70, локал 2, Скопје
Отворање: 06. 12. 2013, петок / 19:30
Изложбата ќе биде отворена до 14 декември

Снежана Алтипармак, Методи Ангелов, Мирна Арсовска, Дијана Богдановска, Урош Вељковиќ, Фотини Гусети, Марко Гутиќ Мижимаков, Сашо Димоски, Душан Дракалски, Димитрие Дурацовски, Инес Ефремова, Иван Ивановски, Јана Јакимовска, Владимир Јанчевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Авив Круглански, Ана Лазаревска, Владимир Лукаш, Оливер Мусовиќ, Миле Ничевски, ОПА, Нада Прља, Вахида Рамујкиќ, Игор Сековски, Александар Спасоски, Славица Тошевска, Игор Тошевски, Симон Узуновски, Неда Фирфова, Борис Шемов

„Реидентификација“ има за цел да проговори за анонимноста од аспект на анонимното, односно за преименувањето од гледна точка на обезименувањето. Следствено, основното тежиште во оваа поставка е токму проблематизирањето на идентитетот преку името како знак/обележје и секако, можните импликации на отвореното (јавното) наспроти прикриеното (анонимното) во контекст на неизбежниот сооднос помеѓу естетското и политичкото.

Се поставува прашањето дали може и како воопшто да се дефинира и одреди територијата на индивидуалното во однос на реалната просторна граница, а во рамки на општествениот простор? Ова посебно се одразува и во полето на современата уметност, каде во ерата на инсталацијата како тотално дело, таа ги инкорпорира не само разнородните медиуми и техники, туку и самиот простор кој природно станува нејзин составен дел. И можеби уште поважно е прашањето за тоа што конкретно имплицира ваквата поставеност на посебни ентитети/дела поместена на ниво на политичкото.

Од друга страна, покрај тоа што многу често може да се слушне дека „делото доволно говори“, доколку е тоа лишено од неговиот контекст, станува многу потешко, можеби дури и невозможно истото целосно да се протолкува. Но, токму во соочувањето со уметничкиот објект без посредство на неговите придружни елементи, кои во голема мера го оддават контекстот, Кооперација гледа сериозен предизвик. Оттаму, еден од условите за учество на оваа конкретна изложба беше барањето за свесното откажување (дури и ако е привремено или само симболички) од било какво обележје кое би посочило на идентитетот на авторот. Ова отстапување од стандардните современи музејско-галериски принципи понатаму би го позиционирало делото во состојба на несигурна интерпретација, состојба на дисбаланс, и следствено дисторзија во односот уметник-публика. Конечно, ваквата нестабилна конфигурација може да се протолкува како своевидна рефлексија на општествено-политичките состојби во кои егзистираме.

Затоа, „Реидентификација“ е обид да се преиспитаат одредени позиции на анонимноста преку процесот на соединување на автохтони дела од поголем број уметници кои од позиција на личното говорат за колективниот идентитет, како и за оној на самиот автор, за индивидуалната одговорност, авто-цензурата и други аспекти од општественото бивствување.


КООПЕРАЦИЈА се заблагодарува на Виолета и Сашо Конески за отстапениот простор.

*КООПЕРАЦИЈА е самофинансирана група на автори отворени за соработка со други домашни и странски уметници и колективи.