Изложба на Владимир Јанчевски - АНОМАЛИИ: Не-дисциплинарни (ест)етички конструкции / Политики и граници на интерпретацијата

23.06.2014 10:12
Изложба на Владимир Јанчевски - АНОМАЛИИ:

На 24 јуни (вторник) на ул. „Њуделхиска“ бр. 6 во Скопје во 21 часот ќе биде отворена изложбата „АНОМАЛИИ: Не-дисциплинарни (ест)етички конструкции / Политики и граници на интерпретацијата“ на Владимир Јанчевски.

Изложбата „Аномалии“ во основа се занимава со различни аспекти на сложените меѓуодноси помеѓу сликата и текстот, во насока на дефинирање и анализа на граничните позиции и точките на вкрстување на овие два доминантни претставувачки модуси кои се истовремено и комплементарни и спротивставени, но секогаш меѓузависни.

Делата, разработувани наизменично во периодот 2011-2014 година, се конципирани како „дијаграми“ за методолошка разработка на рефлексии кои се однесуваат на вербалното и визуелното, и истовремено се „во постојана потрага по својот дискурс“, наоѓајќи се во меѓузоните на визуелната уметност, теоријата на уметноста, ликовната критика, историско-уметничката херменевтика, критичката теорија, визуелните студии и теоријата на сликата.

Една од појдовните точки е тезата дека уметноста, особено по енормната екстензија на опфатот на нејзиониот поим, како модел за не-дисциплинарност, е позитивна и неопходна системска „аномалија“, особено кога се става во функција на демаскирање на општествените не-правилности кои наметнуваат нормативност.

Во ерата на енормна презаситеност од сликата и нејзината апсолутна доминација наметната преку развојот на технологијата, период дефиниран како „иконички / сликовен пресврт“ (pictorial / iconic turn), и време на интензивирање на пост-продукциските обележја на уметноста, идејата е да се потенцира важноста на контролата при процесот на сигнификација и оттука авторската одговорност во изборот. Притоа се поставува прашањето дали доменот на современата уметност може да биде солидна база за развој на „новата иконологија“ која би ги приближила одвоените домени на теоријата и праксата, заснована на цикличен процес на генерирање на „слики“ кои самите ќе бидат процесирани како предмет на анализа и дополнително ќе генерираат нови кои ќе излегуваат од првично поставената рамка.

Врската помеѓу интересот и изборот на практики кои во основа се игри базирани на алтерации, вкрстување на кодови, а посебно за анаграмите и концептот за границите на интерпретацијата, не е случајна. Така, анаграмското дестабилизирање присутно во „Анаграмскиот логички квадрат“ конструиран врз еден конкретен бином (предавник - патриот), е насочено кон проблематизирање и одбивање на упростената бинарна логика која се наметнува како општествена норма на различни нивоа.

Најчесто интервенциите во делата се сведуваат на дестабилизација на едноставни постоечки иконографски решенија и текстуални конструкции, но такви кои се насочени кон изложување на нивниот потенцијал за „контра-ефект“. Тоа се рефлектира и во односот помеѓу сликите и насловите како базична текстуална рамка, истовремено користејќи ги за тематизирање на некои од сложените општествени феномени како што е тенденцијата на доминантниот дискурс кој ја „профилира“ нашата стварност („Конструкција за класичен капител“, 2013), „Проблемот со името“ и обидот да се постигне „разумен компромис“, „без додавки и придавки“ („Анаграматика“, 2011-2014), потоа механизмите на институциите на културата низ кои се репродуцира системот како норма, за анонимноста, излегувањето од рамката како метафора за не-дисциплинарноста („Игра со класичен капител“, 2014) итн.

Намерата е не само да се деконструира тоа што е тематизирано, туку и механизмите кои ја овозможуваат циркулацијата на одредени проблематични слики и ја перпетуираат нивната ефективност.

***

Владимир Јанчевски (род. 1984, Скопје), дипломирал на Институтот за историја на уметноста (Современа уметност) на Филозофскиот факултет во Скопје. Во периодот 2009-2011 година е ангажиран како демонстратор по предметите за современа уметност. Од 2011 година учествува во активностите на Центарот за визуелни студии-Скопје, којшто е дел од Европската мрежа за визуелна култура.

Како самостоен истражувач, работи во доменот на современата уметност, теоријата на уметноста и визуелните студии. Од 2005 година до сега огранизирал повеќе изложби, предавања и дискусии, уредувал публикации, учествувал на неколку научни конференции, а автор е и на триесетина текстови.

Во мај 2012 година се приклучува на Иницијатива Кооперација и оттогаш учествува во конципирањето и реализацијата на сите проекти/активности (презентации, дискусии и изложби), а се јавува и како автор на индивидуални и колаборативни дела.