„Life“ - изложба на Вања Штркова во Concept 37

25.03.2016 02:12
„Life“ - изложба на Вања Штркова во Concept 37

На 25 март во Concept 37 во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Life“ на Вања Штркова од Скопје. Вања е млад графички дизајнер и илустратор кој во таа област работи речиси 7 години.

Илустрациите со кои Вања се претставува пред скопската публика прво се работени на рака, а потоа дигитално обработени.

Темата на оваа изложба е секојдневието на една идивидуа која се обидува да пронајде баланс. Преку илустрираните ликови како тема на изложбата се прикажува секојдневната коегзистенција на анимата и анимусот во една личност и нивната константна игра на преовладување. Додека едниот ја има улогата на создавач на хаосот, другиот се обидува да го смири. Во улога на анимус и анима се појавуваат четири женски ликови, четири женски карактеристики или пак две деца кои се кријат во хаосот на анимата.

Во поголемиот дел од нејзините илустрации, машкиот дел односно анимусот е тој којшто е хармоничен, оној кој смирува, додека пак анимата е таа која што е детинеста, хаотична и емотивна. Иако во поголемиот дел анимусот е смирен, во некои илустрации се појавува како т.н. „бог на хаосот“ со насмевка на усните.

Хаосот е шарен и изобилува со боја која буди рефлексни емоции, додека смиреноста е црно-бела, јин и јанг, баланс на умот.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март.

Извор: supermodulor.mk

ОкоБоли главаВицФото