American Ecstasy

31.12.2013 14:49
American Ecstasy

Барбара Нитке го гледала првиот порно филм кога имала 19 години, а на 30-годишна возраст почнала да работи како фотограф на сетовите во порно индустријата. Тоа било во почетокот на осумдесеттите години, време кое авторката го нарекува Златно доба на порнографија, време во кое порнографските филмови сѐ уште се снимале на 35-милиметарски филм со екипа од минимум дваесетина луѓе, со сите елементи на вистински филм, од сценарио до монтажа.

Работејќи во таа индустрија повеќе од една деценија, Нитке го изучила својот занает, го запознала светот на порнографијата „од прва рака“ и создала завидна колекција фотографии кои документираат сѐ што се случувало на сетот и околу него. Уште од 1985 се обидувала да ги објави фотографиите во книга, но дури кампањата на Кикстартер ѝ го овозможила тоа. „American Еcstasy“ е книга фотографии во која светот на сексуалните фантазии се меша со реалноста. Додека индустријата се претставува како една голема и континуирана оргија во која сите се зависници од секс, стварноста која Нитке ја фатила на своите фотографии е поблиска до реалниот живот.

Авторката сама вели: „Моја инспирација и поттик беше да се фати убавината и човечноста на луѓето кои ги сретнувам. Би било погрешно да се прикажат како секс машини, тие се многу покомплексни.“ Така, на фотографиите гледаме порно глумци и глумици кои се досадуваат помеѓу снимањата, се одмораат на сетот или само размислуваат за нешто друго чекајќи ред за својата сцена. Говорејќи за порно индустријата на тоа време, фотографиите откриваат многу и за продукцијата. Нитке сака да ги истакне оние смешните, како кога режисерите влегуваат во сцената коментирајќи ја изведбата на глумците или кога цела оргија се прекинува поради замена на филмска лента во камерата.

Порнографијата денес во многу нешта се разликува од онаа која авторката ја донесува во оваа книга - како по условите за работа, така и по стандардите за убавина. Затоа нејзините фотографии се важен документ на едно време, време во кое и фантазијата изгледала многу похумано од денес.

Извор: pogledaj.to