Сенди Стоун: Мора да се живее со сите препреки

31.01.2014 11:28
Сенди Стоун: Мора да се живее со сите препреки

Во склоп на овогодишниот уметнички фестивал „Екстравагантни тела“ во галеријата „Кловичеви двори“ во Загреб, свој перформанс изведе и американската теоретичарка, професорка и уметница Сенди Стоун. Нејзината претстава која го носи името „Допри ме, те допирам: Неовагинални монолози“ се темели на нејзината лична трансродова животна приказна која започнала во четвртата година од нејзиниот живот, кога за прв пат станала свесна дека е родена во тело на маж и дека затоа е поинаква. Приказната ни раскажува како хромозомите влијаат на нечиј пол, но не и на тоа дали е некој маж или жена. Енергијата и бојата на гласот на оваа уметница не беа препрека за загрепската публика која повеќе од час и половина беше прикована за столчињата, а за тоа најмногу придонесе наративот кој започнува од времето кога Сенди носела црн капут, имала долга брада и била тон-мајстор за познатите музичари, меѓу кои и на Velvet Underground и Џими Хендрикс. Цело едно поглавје беше посветено и на нејзиниот личен придонес за феминистичкото сепаратистичко движење формирано околу групата „Оливија Рекордс“. Приказната се однесува на 70-тите години, кога таа била една од првите трансродови личности кои го промениле полот, продолжувајќи до нејзината денешна академска кариера, концентрирајќи се и на уште една невралгична точка во нејзиниот живот, нападот на истакнатата феминистка Џенис Рејмонд.

Денес Стоун предава нови медиуми на Тексашкиот Универзитетот во Остин, во рамки на сопствената програма наречена ACTLab. Моментално се занимава со комуникација и наскоро планира да постави инсталација чија тема би била неразбирањето, кое го смета за главен фактор на развојот. Таа смета дека погрешната комуникација на генетско ниво значи еволуција, како и тоа дека луѓето се киборзи кои не можат да живеат без најразлични машини, па и во буквална смисла – имено, станува сосема нормално и медицината да ги вградува во нас. За тоа колку е посебна нашата соговорничка говори и фактот дека кон почетокот на 80-тите изградила и свој сопствен компјутер и се посветила на програмирањето.

Не се каам за моите избори

Вашиот перформанс во Загреб го започнавте со зборовите „Добредојдовте во светот на чудаците“, бидејќи на одреден начин трансродовите личности и понатаму не се целосно општествено прифатени, дури ниту од страна на хомосексуалците и лезбејките. Дали барем во САД уживаат некаква поинаква позиција во однос на онаа која се чини дека им беше доделена низ светот на шоу-бизнисот, како во случајот со филмот „Париз гори“ на пример, по кој поп-иконата Мадона контекстуализираше цела една субкултура воведувајќи ја во мејнстримот – и притоа профитираше?

На почетокот ни беше најтешко да пронајдеме иста цел со хомосексуалците и лезбејките. Во седумдесеттите и осумдесеттите овие групи почнаа да добиваат политичко влијание, па беа исплашени мислејќи дека ако „транс-луѓето“ бидат видливи во нивната коалиција тоа ќе резултира со нарушување на нивниот кредибилитет и ќе ја намали можноста за прифаќање. Во тоа време живеев во Санта Круз, кој беше екстремно либерален град, а мојата присутност како трансвестит ја подели лезбејската заедница. Ги поделив на две фракции, од кои едната се лутеше поради тоа што сум воопшто таму. Се сеќавам дека кога бев на сцената со имиња како Глорија Стајнем, некои жени не сакаа ни да бидат ставени во истиот кош со лезбејките, а уште помалку со трансродовите лица. Откако хомосексуалците и лезбејките собраа пари, се организираа и добија добри адвокати и лобисти, и нам ни беше полесно, бидејќи можеше да се чуе нашиот глас и пораката дека сме заедно во сето тоа. Политички гледано, радикално десничарскиот светоглед не е став на мнозинството, барем не сè уште (а се надевам дека никогаш и нема да биде), но сепак е многу моќен. САД е заедница од хетерогени држави и сè зависи од тоа каде сте: во некои делови трансродовите лица се директори на компании, глумци или адвокати, бидејќи луѓето сфаќаат дека се работи за личности кои се како и сите останати, а во медицинската заедница расте свеста дека треба да бидат прифатени со повеќе сочувство. Но во југоистокот на САД, на пример, може да ви биде загрозен и животот. Јас лично се одлучив за либералната Калифорнија, што може да се протолкува и како кукавичлук, бидејќи не одбрав да живеам во Џексон, Мисисипи, да речеме.

За време на перформансот споменавте дека во животот сте можеле да бирате помеѓу две патеки: да бидете доследни на својата природа и да се одлучите за промена на полот или да живеете во лага и да го негирате она што всушност сте. Делувате како силна личност која има поминато низ различни битки: дали некогаш зажаливте поради својата доследност?

Никогаш, ниту во една секунда не се покајав за своите одлуки, но постоеше еден момент кога зажалив: имено, на самиот почеток на мојата транзиција бев во љубовна бура со жена со која делев духовни и интелектуални искуства, а потоа таа ме предаде поради сепаратистичкото движење кое не ме прифаќаше. Седум години откако раскинавме ми се извини и повторно се заљубивме една во друга иако поминувавме низ истата патолошка спирала. Во тој момент посакав да не се одлучев за транзицијата, бидејќи таа сакаше хетеросексуална врска, си помислив колку би било убаво да останев машко, да се венчавме и да имавме деца, но тоа беа само глупости... Тоа никогаш не би се случило, но за момент поверував во приказната. Подоцна сфатив дека љубовните врски се најлошиот мотив за менување на сопствените одлуки и на она што имате намера да го направите во животот. Нашата врска се распадна веднаш после мојата транзиција и никогаш повеќе не се најдов во слична ситуација. Морав да поминам низ болката на разделбата, но пораснав и станав разумна. За трансродовите лица е многу примамливо да ги конституираат своите животи низ транзицијата, низ промената на полот, за време на која поминуваат низ пекол, но потоа веруваат дека ја достигнуваат целта и уживаат во нејзините плодови.

Морате навистина да се чувате од таквиот наратив, иако луѓето сакаат да го слушаат, па и јас самата во некоја мера го користам во моите перформанси. Но вистинскиот живот не е никогаш толку едноставен и праволиниски. За навистина да бидете она што сте, морате да го живеете животот со сите негови препреки, а тоа не е ни најмалку волшебно.

Оаза на либералноста во Тексас

На одреден начин, луѓето кои се поинакви можат многу повеќе да ги поместуваат општествените граници: пример за тоа е и вашата академска кариера, иако не сте типична професорка...

Постои сила во различноста: луѓето кои го преживуваат фактот дека живеат поинаку мораат да поминат низ пекол, но потоа стануваат посилни и стануваат помалку чувствителни на притисоците на поширокиот свет. Всушност, Универзитетот во Тексас е остров на либералноста во однос на она што го опкружува. Успеав да се изборам за своето место на овој универзитет и да направам простор за радикална програма за уметност и технологија. Знам дека се откажав од институционалниот континуитет, дека целата програма ќе колабрира откако ќе си заминам, бидејќи другите оддели едноставно ќе ја уништат, ама тоа е разумна цена за дваесет години од мојот труд. Да, во право сте – ако некој се реши да остане во жабјарникот, тешко дека ќе оствари некаков прогрес.

Сметате ли дека улогата на универзитетите е променета и дека во иднина факултетите ќе бидат само оние кои издаваат уверенија и дипломи за посебни подрачја, како на пример во областа на медицината?

На интелектуалците секогаш ќе им биде потребно место на кое ќе можат да се собираат, како во некаков манастир. Универзитетот ќе продоложи да ја има таа функција. И покрај тоа што голем број универзитети изумираат, бидејќи капиталот полека ги убива со својата смртоносна прегратка, како што се случува и со сè останато, на голем број интелектуалци им треба неговата структура. Иако многу универзитети не сакаат да зборуваат јавно за тоа, знаат дека станале складишта на студенти: ги подучуваат, а тие потоа не наоѓаат работа. Нивната улога како места за интелектуални активности полека згаснува. Неодамна еден татко ме праша дали неговиот син ќе може да добие добра работа по завршувањето на мојата програма. Но, што по ѓаволите значи тоа кога за поголемиот дел од работите кои можеш да ги најдеш – како менување гуми, подготвување хамбургери... – не ти ни треба факултет?! Можеби сепак можеме да направиме граѓани од студентите, да ги подучиме на етика, да им објасниме што значи да се биде добра личност во општеството. Но ни тоа не се случува, барем не често.

Мислите ли дека неолиберализмот во целосност ќе ги укине хуманистичките и уметничките факултети од кои нема директен профит?

Не во целост. Среќна сум бидејќи во Остин два проценти од данокот се одвојуваат за уметностите, што е освежувачка практика за САД. Уметноста не изумира, ама на некој начин е протерана во ќошот. И во тоа има многу контрадикции. Голем број градови се многу скапи, и културниот живот во нив е уништен, бидејќи луѓето кои ја произведуваат културата не можат да си дозволат да продолжат да живеат во нив. Во Њујорк луѓето од Менхетен се селат преку реката, во Бруклин, но сега и таму е прескапо, па одат подалеку... На Менхетен може да се пронајде само оној вид уметност кој е поддржуван од богатите, како операта или балетот. И во Остин започнува тој процес, тоа се случува насекаде. Сите пари се наменети за врвот на пирамидата, а сите останати се препуштени на она што самите можат да го направат. Не знам каде води тоа, но знам дека сè уште имаме привремени автономни зони во кои уметноста и културата ќе преживеат.

Среќниот полумртов Хендрикс

Бевте активен дел од рок-сцената во времето на нејзиниот полн замав, соработувате со Velvet Underground, Grateful Dead, Jefferson Aeroplanе, The Byrds, Хендрикс...?

Во тоа време од животот бев многу наивна и едноставно ја сакав музиката на Хендрикс. Не бев дел од неговата приказна на суперѕвезда која беше грда, токсична и болна за гледање. Доаѓаше во студиото опкружен со луѓе кои таму се забавуваа и консумираа дрога, додека ние се обидувавме да работиме. Во една прилика им реков дека мора да замолчат или дека сите ќе ги исфрлам надвор. Па тогашната љубовница на Џими, Девон ми се закани дека ќе ја изгубам работата, но и така ми беше сеедно, па сите тие глупости најпосле прекинаа. Џими користеше два големи појачувачи на звук од марката Маршал, кои ги пушташе до крај: ги свиреше рифовите држејќи го јазикот во аголот на усните и гледајќи во таванот... Беше апсолутно среќен, иако речиси мртов. Го прашав дали би му било подобро кога сите тие луѓе би ги исфрлиле надвор, а тој, малку засрамено ми одговори: „Не, тоа се моите пријатели човече!“

Не можев да останам на тоа работно место, бидејќи кариерата на тонски снимател не ме задоволуваше, барав интелектуална стимулација која не ја наоѓав на тоа место. Во „Оливија Рекордс“ поради овој интелектуализам буквално ме гаѓаа со вреќи со песок, бидејќи тоа се косеше со нивната политика.

Но прекинот на соработката настана како резултат на други причини?

Знаеја дека сум трансродова личност, но не и дека планирам операција, тоа го сметав за лична информација. Со текот на времето тоа стана страшна тајна, многу јасна демаркација. Не сфаќав дека физичките гениталии се проблем, но по неколку години тоа стана јасно. Тогаш морав да си заминам од „Оливија Рекордс“.

Извор: Новости

ОкоБоли главаВицФото