1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Последните неколку денови сум изненаден од огромната поддршка која институцијата на американската војска ја добива од страна на американската (но и меѓународната) ЛГБТ+ заедница и нејзините сојузници и не можам да не прашам: каде згрешивме?
Сè почна со неколку твитови на Доналд Трамп во кои тој најавува мерки против трансродовите лица во американската војска. Трамп на нив го става товарот на трошоците за хормонска терапија и хируршки интервенции кои наводно го оптоваруваат воениoт (а со тоа и државниот) буџет. Ова понижување тој го продлабочува со тврдењето дека „трансродовите лица внесуваат немир во редовите на американските трупи“. Ваквите изјави се континуитет на хомофобичната/трансфобичната администрација на Трамп, која гледа решение на овие проблеми во намалувањето на буџетот за здравство. Секако, на штета на граѓаните на Америка.
Споменатите изјави на Трамп поттикнаа реакции. Поддршката за транс лицата не се засноваше на критика на нивниот нееднаков пристап до здравствениот систем, вработувањето или станарското право, туку се сведуваше на величење на транс луѓето како дел од гордите американски трупи. За само неколку часа од објавата на твитовите на Трамп, омаловажувањето на транс заедницата е ставено во служба на афирмација на американскиот милитаризам и империјализам. Вредноста на животите на транс лицата исто така е сведена на нивната одлука да ги штитат државните интереси и да го дадат својот живот во име на американската надворешна политика. Главниот аргумент гласи: зарем и ние, ЛГБТ војниците, не сме подеднакво спремни да правиме сè што прават и не-ЛГБТ војниците во име на одбраната на интересите на нашата земја?
Токму во оваа точка се поставува прашањето: дали постоењето на ЛГБТ+ лицата во војската е рамноправноста која ја сакавме? Дали учеството на ЛГБТ+ лицата во војните е дел од визијата за свет на еднакви, свет на владеење на човековите права на кои ЛГБТ+ лицата постојано се повикуваат? Дали како маргинализирана заедница која тежнее кон тоа да биде прифатена на патот кон еднаквоста ја изгубивме идејата за светот во кој стравот, насилството и војните одат во историјата? Како во Америка се изгуби идејата за ослободување на ЛГБТ+заедницата од системот кој ја угнетува?
Одговорот ќе го најдеме во милитаризмот како систем. Тој не се огледува само во постоењето на војната, војската или индустријата на оружје; милитаризмот е комплексен систем кој ја одржува хомофобичната и трансфобичната репресија жива. Кога ЛГБТ+ заедницата се бори за своите права во војската, таа си пука во нога со оружје на кое пишува - еднаквост. Еднаквоста за ЛГБТ+ лицата во војската не значи напредок за човековите права, туку значи перфидна инклузија на маргинализираната група во репресивниот систем, и тоа ситем кој истата таа група ја понижува и ѝ ги укинува сите права. Долготрајно.
Војната како врв на милитаризираната свест нужно го подигнува степенот на хомофобија и трансфобија. Таа е втемелена врз силен националистички сентимент, а национализмот е опсесивно хетеросексуален и нужно репродуктивен. Во лажно отворената институција на војската, ЛГБТ+ војниците и жените војници се добредојдени само како топовско месо и како соучесници во злосторствата против човештвото. Да се биде ЛГБТ+ лице и да се биде војник значи да си го одземете гласот и да си ја поништите сопствената болка во име на прифаќање од страна на угнетувачот. Нас, ЛГБТ+ лицата ширум светот, милитаризмот нужно нè става на листата за отстрел: тој ни кажува чии животи ќе се чуваат, а чии ќе се уништуваат. Со прифаќањето да бидеме дел од која било војска, ѝ даваме согласност на раката која ни дава орден за храброста и нас да нè впише на листата за отстрел.
Во визијата за свет во кој сите луѓе се еднакви и живеат достоинствен живот нема место за војна, нема место за војска, ниту за каква било идеја за милитаризам. Сè додека се согласуваме да бидеме дел од таквиот систем во име на рамноправноста, се согласуваме на продолжување на агонијата и стеснување на просторот во кој можеме да дејствуваме и да го кренеме својот глас против хомофоијата и трансфобијата, зашто одговорот ќе биде: зарем ова не беше ваш избор?
Изјавите на Трамп се само доказ дека лажниот напредок на човековите права во вид на отвореност на вооружените сили за ЛГБТ+ лицата не води кон ништо друго освен кон сè полоша положба на ЛГБТ+ заедницата, зашто насилството во кое сме прифатиле да учествуваме произведува насилство кое е против нас.
Можеби водечката сцена за човекови права во Америка би можела да научи нешто од ЛГБТ+ движењето на просторите на поранешна Југославија, кое е втемелено на силна антимилитаристичка политика. Како активист на ова движење не се залагав само за партикуларните ЛГБТ+права во Србија, туку учествував и во акции кои ја осудуваа војната, воените злосторства, геноцидот во Сребреница, силувањето на жени во војната, како и хомофобичното злоставување на затвореници од страна на американската војска во Абу Граиб.
Жал ми е што голем дел од американските ЛГБТ+ активисти ја повикуваат тамошната војска на почитување на правата на ЛГБТ+ лицата и жал ми е што врвот на еднаквоста го гледаат во тоа ЛГБТ+ лицата да се чувствуваат сигурно во закрила на воениот систем. Кажано со милитаристички речник - тоа не е наша битка.
Зарем не би било покорисно да се посвети енергијата на барање за укинување на воените трошоци и насочување на парите на многу поважни потреби од оние за воружување? На транс луѓето, како и на сите други луѓе, пред сè им е потребен подобар образовен и побезбеден здравствен систем; потребни им се добри услови за работа и живеење, за унапредување на нивните таленти. Ако веќе бараме, да бараме најмногу.
Зарем ЛГБТ+ движењето во Америка и ширум светот не се бори со децении против предрасудите без основа во реалниот живот? Зошто тогаш да не ја јакнеме идејата за тоа сите луѓе да живеат во мир, во свет каде сите ресурси се инвестираат во мир. Војската не дава гордост - таа ја одзема.
Извор: Peščanik.net, 02.08.2017.