Скопје 2014 – грешка која ги дискредитира архитектурата и урбанизмот

17.03.2014 13:03
Скопје 2014 – грешка која ги дискредитира архитектурата и урбанизмот

Архитектурата е најекспонираната уметност, од проста причина што не можеме да ја избегнеме или да се изолираме од неа. Таа е уметност која реално им служи на луѓето. Секоја грешка во архитектурата ја гледаат сите, а секоја грешка на лекарите ја покрива земјата.

Проектот Скопје 2014 претставува архитектонска и урбанистичка грешка уште пред реално да го доживееме. Тој ги дискредитира архитектурата и урбанизмот како професии, ја убива креативната творечка моќ, ја уништува сегашноста и нема никаква релација со иднината и се коси со сите архитектонски, урбанистички и естетски принципи. Овој проект нема перцепција за околината во која се наоѓа, ниту за времето во кое треба да се изведе. Тој арогантно се наметнува во градот, и духовно и физички ги менува сите вредности кои градот ги има. Урбанистички, објектите на левиот кеј на реката Вардар и верскиот објект на плоштадот се поставени на потполно несоодветни локации. Не секој празен простор треба да биде изграден, и не секој неизграден простор е празен простор. Празните простори понекогаш имаат многу повеќе да кажат од оние што се веќе изградени. Проектот Скопје 2014, покрај другото, целосно го негира нашето архитектонско наследство од времето на модерната кое има свои незаменливи вредности и има јасна цел да го избрише неговото постоење. И повторно се прават истите грешки како во минатото. После носталгијата која ја имаа луѓето за објектите срушени во земјотресот, за многу кратко време денешните генерации ќе ја имаат носталгијата за објектите од модерната изгубени со овој проект, а тоа се објекти со кои денес се идентификува градот и неговите жители. Дали е целта на архитектурата да уништи архитектура која е создадена пред неа, или има цел таа да биде континуитет на веќе постојното?

Проектот Скопје 2014 има за цел да создаде идентитет на градот. Но зошто? Зарем некогаш Скопје го изгубил својот идентитет? Идентитетот на градот веќе го имаме со многу градби кои имаат свој огромен придонес во архитектонската креативност и кои веќе се наоѓаат во центарот на градот. Тој идентитет може да се надополнува со современи градби кои само ќе го пренесат тој идентитет во новото време. Не е точно дека идентитетот го има само во антиката. Многу земји во светот (како Холандија, Јапонија…) успеаја да создадат своја современа архитектура која ги носи нивните белези креативно преточени во современ израз. И тоа е многу покреативно од копирање на еклектични стилови и барање инспирација во други градови. Впрочем, како можеме да создадеме идентитет на Скопје, кога овој проект јасно копира елементи од други градови?!

И конечно, кога се роди желба за градење во нашиот град, зошто Скопје да не биде дел од современите светски градови, пример за своето време и инспирација за новата светска архитектура? Зошто да немаме интернационален конкурс на кој се понудиле многу различни решенија за центарот на градот и каде не би имало некој што е против проектот, туку секој би си имал свој фаворит и на крајот да се одбере најдоброто? Зошто во сè сакаме да одиме напред, а само во архитектурата да се вратиме назад? Од историјата треба да влечеме поуки, а не да ја наметнуваме како бледа копија. Имаме доволно историски вредни објекти кои веќе постојат и кои треба да ги одржуваме, а ние не сме ни свесни за нивната вредност и постоење.

Авторот е студент на Архитектонскиот факултет во Скопје

Извор: Порта 3, 18 јуни 2010

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото