Брза самопомош

09.04.2014 10:11
Брза самопомош

Управата на прилепската болница соопшти дека „против лицето што истакнало партиско знаме се преземени мерки согласно со законите и е суспендирано од неговото работно место до завршување на постапката“. Е, тоа е новото лице на Македонија, како што ни посочи кандидатот за втор претседателски мандат (ако го кажам, ќе знаете на кого мислам). И Управата не го соопшти името на тој што вееше партиско знаме на ДПМНЕ во возило на службата за Брза помош, но не го кажува за да не знаеме на кого мисли. Можеби со право, зашто во скандалов името е најмал проблем: станува збор за појава, движење, за феномен. За нешто многу посериозно, во секој случај.

Лицето, имено, постапило согласно со правилото кое во Македонија е посилно од кој било закон: партијата и пред и над сѐ. Знаело дека кога се во прашање нејзините интереси – сѐ (му) е дозволено. Злоупотребата на државата, пред сѐ! Колку повеќе ДПМНЕ станува движење, толку државата - приклучена на нејзиниот апарат за дишење - умира како сервис на граѓаните. Затоа партиските лидери може да простуваат долгови кога сакаат, да даваат помош кому сакаат, да земаат кредити според потребите, а да ги враќа државата според можностите, да ја впрегнат администрацијата да носи транспаренти, учителите да ја прекинат наставата, а чиновниците да ги затворат шалтерите за да може сите заедно да веат знамиња. Граѓаните во прилепскиот случај само се шокирани од сознанието до каде може да оди партизацијата.

За „завршување на постапката“, погубна за иднината, треба брза самопомош, итна суспензија и на возачот и на совозачот на државата. Веќе в недела.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото