Фабриките како знак на општествена траума

17.04.2014 10:54
Фабриките како знак на општествена траума

Дарко Алексовски е млад македонски уметник роден во Велес. Прехранбената, текстилната, хемиската и металуршката се само некои од индустриите во кои во втората половина од дваесеттиот век бил вработен голем дел од населението во тој град, и кои со својата важност го дефинирале идентитетот на градот. Процесот на транзиција и приватизација на индустријата во Велес ѝ ја донел добро познатата судбина. Приватизираната, уништена и распродадена индустрија и масовната невработеност како последица се дел од заедничката понова историја на државите од поранешната СФРЈ. И покрај пропаста на индустријата, зградите на фабриките и денес доминираат во предградијата на Велес, иако повеќето не функционираат. Така, тие се физичка трага на едно време, носители на сеќавањето како на тешкото време на транзицијата, така и на времето кога фабриките го хранеле градот.

Дарко Алексовски во своите дела се занимава со колективни и партиципативни проекти, па и делото „Фабрики“ кое се занимава со фабриките во Велес и самото е такво. Виенскиот издавач на книги за уметност Марк Пецингер неодамна издаде серија од 15 постери во голем формат со цртежи од велешките фабрики од овој млад автор. Но, цртежите на постерите не се завршени. Тие се направени како детски боенки во кои броевите укажуваат на тоа со која боја треба да се исполни одредено поле. Работничкото самоуправување, како партиципативен начин на создавање и управување со фабриките, уметникот овде го префрла во уметничкото дело кое зборува за фабриките. Така, посетителите не се пасивни набљудувачи на неговото дело, туку се вклучени во самиот процес на негово настанување. Преку партиципација во уметничкиот проект, авторот потсетува дека зад напуштените згради на фабриките се кријат и напуштените работници и нивните семејства.

Алексовски им ги посветил овие цртежи на своите родители. За него ова е лична семејна приказна. Роден во 1989 година, и самиот пораснал во времето на транзицијата, а неговите родители биле работници во некои од фабриките кои авторот сега ги претставува во цртежите. За тоа самиот зборува вака: „Пораснав во време на транзиција на општеството и приватизација низ која поминаа како фабриките, така и работниците. Пораснав со проблемите со кои колективно се соочи целиот град, а индивидуално и моите родители. Тие секојдневно се потсетуваат на тие времиња и во еден момент сфатив дека она што јас како уметник можам да го направам за нивната болка, како и за болката на целата нивна генераиција, е да направам дела со кои би можел барем да се обидам да ги ублажам или пресвртам негативните последици на овој процес, така што ќе сугерирам дека фабриките имале некои позитивни аспекти кои треба да се запамтат.“

Избегнувајќи ја хрониката на пропаст на самите фабрики, со која и денес е исполнето македонското секојдневие, приказите на фабриките кај Алексовски се видлив знак на општествената траума на неуспехот на еден систем. Таа траума се ослободува преку самиот процес на настанување на делото кој става нагласок на партиципацијата и сликата на фабриките се ослободува од негативните спомени. Така спомените стануваат позитивни, а партиципацијата сама се наменува како модел за одговорно општествено дејствување, било да се работи за создавање уметност или пронаоѓање нови општествени модели.

Првата јавна презентација на постерите на Алексовски се одржа на 14 март во Centre de Documentation, Fonds Régional d’Art Contemporain во Марсеј. Други дела од овој уметник може да погледнете на неговиот блог.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото