Неколку детинцќи зборови

21.04.2014 12:08
Неколку детинцќи зборови

Секоја мајка у нас ќе му зборуа на мало дете откоа ќе вати детето потроа да шошоли (да зборуа по некое зборче), близу до двете и трите години, спроти детето као да је зборливо, со еден друг јазик (детинцќи), од четириесе-педесе зборои, спроти како што ќе ји кажам подолу, во мајќинио разговор, со своето мало дете, замешани помеѓу многуто прави зборои.

Детинцќио јазик ќе се зборуа и помеѓу себеси као да си играат две-три мали деца што се научиле да зборуаат донекаде. За тоа нешто секој од вас го знаите оти је така, чунќи секој живеал со мали деца ји чул како им зборуаат мајките - и како си зборуаат децата помеѓу себе, со детинцќио јазик. Еве еден пример од една мајка коа да му зборуа на своето мало дете, во времето коа не можи детето ич да прогоори, ами разбира тоа што му зборуа мајка му.

ам - лапни: Стори го ам кокото, Стевче. (Јајцето коа се амка на Сирни поклади, му се дава и на малите деца да го амкаат; и другаш нешто му се дава да амкат.)

апо, апоче - на прошетка ќе го носат детето: Молчи ми, пиле, молчи ми, ај сега ќе ми те однеси мама на апоче за да ми паткаш.

бате - брате.

баш’ни - главата вртење: Ај да ми напраиш баш’ни.

блаже - алва, шеќер.

бобо - грозје, пченица, царевка: Дај му, мори цеце, на бате од бобото што јадиш ти, на Стевча тој да ми папи.

боо - боли: Е, е, боо, мамо! Боо ја, коа ми ти велеше мама да не го ваќаш пампоро, оти ќе ми ти го стори џиш прстето; ај молчи ми, молчи ми, ти не плачи ми, ти си ми кротко.

боор - просто: Стани ми сега, борче, ај сам бор, сам бор, стој ми.

буба - глушец, црв, бумбар: Ела ми при мама, ела ми, да не те папи бубата. (Понекоаш ’и плашат малите деца, со раката му лазат од пред нив велејќи им: „Лази буба - папи гуше, лази буба - папи гуше“, и ќе му ја пикнат раката под гуша и ќе му сторат: „Г’ц, г’ц, г’ц!“ да се насмеи детето. И долу му ја клаваат раката и инаку му велаат.)

буби - вошќи: Ајде ти ји изваи мама сите буби од главчето, што ќе ми те однесоа на воденица да ми те сомелат брашно.

бууц - глаа со глаа да се буцкат: Буууц, Стевчо, буууца пилето!

буче - месо: Нá ми ти и малце буче да ми папаш.

вини - врни.

геј се - греј се.

гозе - грозје.

гопо - госпо: Ај ќе ми те однеси цеца кај гопо, жлатнио гопо да ми ти даи здравице тебе, оти си боо (болно).

даше, бајче - јагне: Ја вати го бајчето, мори Пандо, на Стевчета, да му го визиш со една вивца да си го води.

игај си - играј си.

капуш - капење.

кени го - крени го.

коко - јаболко, круша: Ај ела ми при мама да ми ти даи коко.

мама - секаков мевлем али лапа: Дај сега прстето, да му визиме мама на пистето, да ми ти оздравеи.

мисули - мрсули: Ако, чедо, ако, мисулите ми ти ји избриша мама, каката, не плачи ми ти, не плачи ми.

опа, опаче, опини - стани: Ај опини, Стевето на мама.

папи мамоче - лади леб и манџа.

папо, папоче, папче - леб: Сакаш да ми ти даи мама папо?

патќи - раце: Дај ми патќите да ми те држи мама.

пачи - плачи.

птрута - вода: Ај папи ми папо и поце ќе ми ти даи мама птрута да ми се напиеш.

пум пум - тепање некого: Чекај да го сториме пампоро пум-пум со машата, оти ми те стори џиш прстето.

саташ - сакаш.

саташ попи - сакаш чевли?

тај тај - оди: Ај тај тај да ми праиш, чедо на мама, и пат, пат.

тато тум ќе стори - татко ти ќе те тепа!

ташини - плескање со рацете: Ај сега ташини, ташини, да ми напраи Стевчето со патќите шлак, шлак, шлак.

тикале вале - да се отркали наземи: Ајде Стевче, напраи тикале вале, да ми те види мама.

туди - студи.

ќиќе - блаже, шеќер, пекмез, мед и друго благо нешто: молчи ми, пиле, не плачи ми, ај мама ќе ми ти даи блаже.

цеца - сестра: Земи го, цеце пандо, Стевчето да го однесиме апо, земи го де, оти ми плачи со солзи.

циква - црква: Ај сега ќе ми те носи цеца циква, таташ (сакаш)?

чипи-чипи - чешлање: Дај сега мама да ми ти праи чипи-чипи на главчето, да ти изваи бубите.

чопи - чорапи: Дај чучќите да ми те обуе мама чопите.

чучи - седни: Чучи ми, чедо, чучи ми наземи и не пачи ми.

чучќи - нозе: Дај чучќите да ми ти измие мама.

чучќите - нозете.

џииш - ќе се изгориш: Не ваќај го пампоро, оти ќе ми ти го стори рачето џииш, чедооо!

џиџан - променет: Оф, оф, Стевчо што ми је џиџан со убаото антерииче!

Извор: Марко Цепенков, Материјали и литературни творби, книга десетта, Македонска книга & Институт за фолклор, Скопје, 1980. (Редактирал: Блаже Ристовски)

Слики: Mica Angela Hendricks