Еднаквоста, правдата и солидарноста се темелите на кои треба да ја градиме иднината

23.06.2017 09:39
Еднаквоста, правдата и солидарноста се темелите на кои треба да ја градиме иднината

Го пренесуваме говорот на министерот за култура Роберт Алаѓозовски од отворањето на Викендот на гордоста во Скопје, на 22 јуни во Мала станица. Овој чин претставува историски чекор, бидејќи вакво нешто прв пат се случува во Македонија – министер за култура да отвори културно-уметничка манифестација, која во преден план ја има квир културата и прашањата за родот и сексуалноста.

 

Почитувани,

Дозволете ми најпрво да ги изразам задоволството и честа да бидам дел од отворањето на овој важен настан и фестивал, Скопскиот викенд на гордоста, годинава тематски и концепциски насловен ТРАНС-ФОРМАЦИИ. Дојдени сме вечерва за да видиме, слушнеме и доживееме уметнички сензации, кои го поместуваат хоризонтот на вообичаените перцепции, што ги прави ваквите настани важни за нашето мултикултурно општество.

Досегашните културни политики се засноваа претежно на застарени концепти за културата, кои треба да се заменат со стратегии коишто ја земат предвид плуралноста и хетерогеноста на различните култури и културни практики, кои ги изразуваат потребите, спецификите, желбите, интересите, верувањата и светогледите на различните групи во општеството. Критичкиот однос кон овие аспекти, во светски рамки, веќе неколку децении е извор за создавање на некои од најзначајните дела во историјата на модерната и современата уметност, додека во Македонија, кон овие прашања, сè уште се пристапува срамежливо и спорадично. Затоа, овој фестивал, од една страна е одлична можност за вреднување на уметничкиот квалитет на овој пристап во уметноста, а од друга страна треба да биде поттик за македонските уметници да им пристапат на овие прашања на отворен начин.

Ваквите манифестации придонесуваат за разбивање на изолацијата на различните граѓански сектори, градење на мостови на соработка, размени и дијалог, односно интерсекторска соработка. Фестивалот дава добри насоки за развој на модели на соработка помеѓу граѓанскиот сектор посветен на борбата за човекови права, културниот сектор, културните работници, уметниците и различите културни установи и институции, како и истражувачите, теоретичарите и академската заедница, односно за трансдисциплинарен пристап кон културата и уметноста.

Токму ваквите манифестации имаат значајна улога во борбата со стереотипите, дискриминацијата и насилството во нашето општество. Со нашето присуство тука, потврдуваме дека еднаквоста, правдата и солидарноста се темелите на кои треба да ја градиме иднината на нашата земја, како иднина на демократско и отворено општество, еднакво за сите граѓани. Уметноста е едно од најмоќните оружја за да стигнеме до овие цели. Да ја ползуваме и искористиме заедно, на најдобар можен начин!

Ви благодарам и уживајте во изложбата на извонредниот уметник Касилс.

Фотографии: Жарко Чулиќ