Изложбата „Скршено“ за почеток на осмиот Викенд на гордоста

01.09.2020 15:47
Изложбата „Скршено“ за почеток на осмиот Викенд на гордоста

Отворањето на групната изложба „Скршено“, на 2 септември во 20,30 часот, во Музејот на современа уметност, а со која официјално го отвораме и осмиот по ред Викенд на гордоста Скопје 2020. Групната изложба вклучува дела од Феликс-Гонзалез Торес, Полин Бодри и Ренате Лоренц, Карин Мичалски, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, и Хермес Питакос и Федерика Даури, а куратор на изложбата е Славчо Димитров.

„Во услови на сѐ поголемата закана од неолиберализмот, како и националистичките, хетеронормативни и маскулинистички идеали на единство, чистота, целовитост, едноликост, успех, сопственост и совршенство, нашата цел со СКРШЕНО е да понудиме критичка перспектива втемелена во претставата дека сме скршени на фундаментален и специфичен начин, и дека токму таа скршеност нуди можност за алтернативни политички хоризонти. Одовде, со изложбата сакаме да го истражиме концептот на скршеноста како одлучувачка позиција во рамките на пошироката кураторска тема на Фестивалот за суровиот оптимизам, од четири клучни перспективи: 1) Скршеноста како конститутивна социо-политичка онтологија на телесниот субјект; 2) Скршеноста како рефлексија на нееднаквата дистрибуција на искуството и социјалното условување да се биде скршен од страна на разни апарати на нееднаквост, експлоатација и угнетување; 3) Скршеноста како прекин со вложувањето и приврзаноста преку суров оптимизам, и 4) Скршеноста како концепт преку кој се создаваат нови репертоари на обмислување и практики на воспоставување на заедницата и политичкото“, пишува кураторот Димитров.

Делото на Феликс Гонзалез-Торес е поставено како концептуална позадина на изложбата со цел да се оддаде признание на огромната важност и влијанието што неговите дела ја имаат врз современите уметности и квир историјата, но исто така и затоа што го воведува концептот за скршеноста како еден од основните проблеми и оски на естетското и политичко креирање и критика. Феликс Гонзалез-Торес е уметник чиешто дело ја испиша и измести светската историја на уметноста во 80-тите и 90-ти години, а којшто за првпат го изложуваме со негово дело во рамки на Балканот.

Уметници кои ја сочинуваат плотта на изложбата го обработуваат концептот на ранливост, изложеност, назадни чувства, неизвесност, скршеност и суров оптимизам на комплексни и разновидни начини, и согласно сопствените естетски и уметнички стратегии, и отвораат копнежливи хоризонти и нови сознанија на искусување, интерпретација и отелотворување на субјективноста, светот, природата, екологијата, сексуалноста, моќта, насилството и слободата, токму преку искуството на скршеноста, отаде истоштувачките приврзаности и суровиот оптимизам.

Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни. Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е Суров оптимизам, со што му оддава почит на делото на Лорен Берлан за суров оптимизам (2011), се истражуваат и проблематизираат современите општествени, културни и политички состојби преку овој концепт како критичка алатка.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, во партнерство со Музејот на современа уметност, а се реализира со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, и ИЛГА-Европа.