Што се прави кога раководен кадар на партијата која победила на избори е осомничен за корупција?

05.05.2014 08:49
Што се прави кога раководен кадар на партијата која победила на избори е осомничен за корупција?

За секоја партија во светот огромно бреме претставува искажаниот сомнеж дека некој од раководството, или дури и самиот претседател на партијата, е вмешан во корупција. За партија која победила на избори и која треба да формира Влада, ова претставува уште поголем проблем.

Единствен начин да се ослободи од ова бреме е расчистување на случајот.

Тоа значи дека во моментот кога Никола Груевски беше осомничен за прекршување на законот, тој мораше во истиот момент да се повлече од раководната улога и да побара спроведување на судска постапка во која ќе треба да бидат докажани овие сомненија. Не постапка за клевета, туку постапка во однос на основното обвинување за корупција. Тоа значи контрадикторна постапка во која ќе бидат изведени и соодветно испитани сите наводи на оние кои обвинуваат и во која ќе биде или докажана вина или пак ќе биде ослободен од натамошно сомнение.

Доколку Никола Груевски нема сили за такво нешто, тоа требаше да го направи партијата на која ѝ припаѓа.

Посебно загрижува дека ниту Никола Груевски ниту ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да се изведе ваква постапка дури ни во ситуација кога целокупниот правосуден систем е партизиран и составен од луѓе кои нема така лесно да се спротивстават на владејачката структура. Со други зборови, се зголемува сомнението дека постојат таков вид докази кои нема да може да бидат пренебрегнати дури и од страна на партиски обоен суд.

Во отсуство на ваква постапка останува сомнението.

А вакво сомнение во однос на човек кој ќе стане премиер на државата, претставува тешко бреме за самата држава. Имено, кредибилитетот на државата е доведен во прашање. Доколку другите држави ја перцепираат Македонија како држава во која за премиер е поставен човек осомничен за голем коруптивен скандал, тие целата држава ќе ја перцепираат како корумпирана, несигурна и непожелна. Со тоа се намалува рејтингот на државата и таа стапува во кој било преговарачки процес во подредена улога.

На држава со така низок рејтинг и со багаж на корумпираност лесно можат да ѝ се наметнат неповолни решенија во кои било преговори и договори.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слика: Свирачиња