Интервју со Минчо Јорданов

24.05.2014 12:37
Интервју со Минчо Јорданов

Откако стивна изборната бура, како гледате на остварените изборни резултати на вашата партија Алијанса за позитивна Македонија? Зошто толку малку гласови? Можеби проблемот лежи во кампањата?

-Не гледам на изборните резултати. Си терам бизнис. А тоа со кампањата донекаде има врска со резултатите. Знаете, јас сум филантроп и хуман човек, па повеќе пари дадов за кампањата на ДПМНЕ отколку за нашата партија.

Натаму и мислевме да го водиме разговорот, господине Јорданов. Да позборуваме малку за вашата филантропија, општествена одговорност и бројните донации и спонзорства.

-Не е убаво кога човек го кажува тоа за себе, но така е, познат сум по сето она што го кажавте. Грижата за околината и луѓето околу мене котира високо на листата на мои приоритети.

Како реагирате на обвинувањата дека го труете цело Скопје со штетните материи што се испуштаат од Макстил?

-Не реагирам.

Но, сепак, станува збор за сериозен проблем кој може да го загрози здравјето на голем број граѓани. Зарем не можете да ги ставите тие потребни филтри?

-Не можам да ставам филтри, затоа што ми се може. Освен тоа, морам да го максимализирам профитот по секоја цена. Знаете, без сите тие милиони не би бил толку ефикасен филантроп. Филтрите можат да почекаат. Во меѓувреме, доколку граѓаните имаат проблем со здравјето, можат да побараат помош и во мојата болница во близина на Макстил. Ако имаат пари.

Не е ли противречно истовремено да го пропагирате здравиот живот и спортот, а да го загадувате воздухот?

-Што сакате да кажете? Јас дишам со моите сограѓани дури и кога тие не можат да дишат. Еве, кога сте запнале за тоа здравје, јавно кажувам дека сум спремен да го финансирам лекувањето на еден до двајца луѓе што имаат проблеми со дишните патишта.

Ајде да позборуваме малку околу спортот. Вие сте главен спонзор на ракометниот клуб Металург кој со години остварува големи успеси. Од каде кај вас љубовта кон ракометот?

-Немам поим.

Знаеме дека не треба да ги сфаќаме сериозно пишувањата во жолтиот печат, но сепак би ве прашале: дали планот на младинската школа на Металург е да создаде ракометари со повеќе раце, кои ќе бидат несовладливи? И тоа токму поради специјалните материи што ги испушта Макстил?

-Не читам жолт печат, а таков податок немам сретнато во весникот што го поседувам. Инаку, во принцип, не се мешам во работата на клубот, само давам кеш. Повеќе можат да ви кажат стручните спортски лица задолжени за тренирање на младите категории. Како и да е, верувам дека кога се работи посветено, темелно и трпеливо, ништо не е неостварливо. Така е и со евентуалните супер-ракометари што ги споменавте.

Имате ли некакво мото кое го следите во животот, некоја идеја водилка, можеби некаков рецепт кој ве направил толку успешен и ве довел овде каде што сте?

-Имам повеќе. Во оваа прилика ќе издвојам една: биди свој, до последната трансакција. Туку, ајде, ќе ве честам уште една: љуби го ближниот владетел свој, од секоја партија.

Познат сте како човек со стил. Добро, и како човек со Макстил. Веруваме во префинетоста на вашиот музички вкус, па за крај би ве замолиле да ги поздравите нашите читатели со некоја песна.

-Имам цела фонотека во главата, но прва на памет ми паѓа песната „Дишем за тебе“ од Шако Полумента. Особено ги поздравувам драгите скопјани со овој хит.

Господине Јорданов, ви благодариме за разговорот.

-И треба да ми благодарите.

Слики: Свирачиња