Политички мотивиран скопјанец умрел од дишење

15.12.2017 13:22
Политички мотивиран скопјанец умрел од дишење

Скопје, 15 декември 2017

39-годишниот Влатко З. од Скопје, доцна синоќа, поради политички и теснопартиски интереси, починал на Клиниката за пулмологија, јавуваат извори од Клиничкиот центар, а веста ја потврди и неговото семејство.

Како што дознаваме, тој отсекогаш имал на ум само една работа - да му наштети на скопскиот градоначалник Петре Шилегов и да ја загрози неговата политичка кариера, а откако не успеал во својата замисла преку коментари на социјалните мрежи, се решил на ваков радикален чекор.

„Влатко повеќепати коментираше на Фејсбук дека не се преземаат доволно краткорочни мерки за намалување на загаденоста на воздухот, дека не е во ред градоначалникот за време на кампања да се слика на велосипед а да оди на работа со автомобил, дека поскапувањето на дизелот и не е некоја мерка за борба против загадувањето... и тоа сѐ со цел да го урниса рејтингот Петре Шилегов“, вели Марјан, соседот на Влатко.

Откако не успеал во својата намера, Влатко почнал да се однесува чудно, тенденциозно да кашла, да носи маска на лицето кога излегува од дома или воопшто да не излегува од дома, да не го користи својот автомобил, а најавил и дека неговите деца ќе го бојкотираат училиштето, што оправдано ги отвора сомнежите за искреноста на неговото делување.

Од Министерството за животна средина и Град Скопје стравуваат дека ова не е изолиран случај и дека масовно се подготвуваат нови смртни случаи, како и тенденциозни канцерогени заболувања, во рамки на популистичката борба против градскиот татко.

Ваквите наводи за Пара вести ги потврди 37-годишната Е.А. од Скопје, мајка на две деца, која планира да оди на закажаниот саботен протест против загадувањето на воздухот. Имено, кога новинарот на Пара вести ја запраша за нејзините мотиви за протестирање, таа силно се закашла и не можеше да престане, што јасно зборува за нејзината партиска инструираност.

Слика: Милчо Велјаноски