Свештеници реагираат: горењето канцероген отпад е пагански обичај

03.01.2018 02:04
Свештеници реагираат: горењето канцероген отпад е пагански обичај

Скопје, 3 јануари 2018

Во пресрет на низата новогодишни и божиќни празници, меѓу христијанските верници се развива традиционалната полемика - дали да се палат огнови на Бадник и Василица.

Покрај повторените апели на свештениците од МПЦ да не се палат огнови на отворено, овојпат тие упатуваат уште еден повик, кој најмногу се однесува на индустриските капацитети, но и на домаќинствата.

„Возљубени празникољупци, драги верници, чеда божји, сопственици на осветени и неосветени, легални и нелегални погони, во пресрет на празниците, апелираме да не учествувате во палењето коледарски и бадникарски огнови, бидејќи тоа е пагански обичај кој не е во духот на христијанската традиција. Особено голем грев е палењето канцероген отпад, кој го зголемува нивото на ПМ 10 честички во воздухот“, велат свештениците, оставајќи простор верниците кои ќе направат еколошки грев да се покајат преку одредена парична донација кон црквата.

Нивниот апел не наиде на добар одзив кај газдите на фабриките, компаниите што управуваат со отпадот, љубителите на дивите депонии и дивите погони. Напротив, поради нивната активност загаденоста повторно е на енормно високо ниво, а властите велат дека за промени е потребно време.

„Навиките на тајкуните и мафијашите тешко се менуваат. Кога нешто ќе се претвори во традиција, тогаш не е лесно да се искорени. Од друга страна, треба да ги почитуваме и граѓаните кои сакаат да ги негуваат старите обичаи, како што е горењето пластика и автомобилски гуми“, велат од Министерството за животна средина.

Оттаму додаваат дека немаат прецизен увид кои се загадувачите, бидејќи не можат да ги видат од чадот и маглата.

Слика: Александар Дојранлиев