На токсикологија примени 246 лица кои претерале со дишење

08.12.2015 03:35
На токсикологија примени 246 лица кои претерале со дишење

Скопје, 8 декември 2015

На клиниката за токсикологија во Скопје вчера биле примени дури 246 лица кои во текот на денот се предишале. Докторите имале полни раце работа, а малку фалело да се јави и недостиг од боци со кислород.

„Загрижени сме што од 246 лица, околу 200 беа малолетни. Трендот на предишување кај младите не е новина, но сè повеќе зема замав“, вели д-р Катран Белодробчев.

Тој смета дека треба посериозно да се работи на превенција и едукација во врска со проблемот со предишување, особено меѓу младите, но и кај повозрасните граѓани.

„Дишењето не мора нужно да биде лошо за здравјето, воздухот во мали количини може дури да биде и корисен, но во сè треба да се има мерка. Умереноста е клучот за добро здравје“, објаснува д-р Туморка Канцерџиева, и додава дека бројот на случаи на предишување обично е поголем за време на викендите и празниците, кога граѓаните се опуштаат.

Канцерџиева истакнува дека културата на носење гас-маски во Македонија е на премногу ниско ниво, што само го усложнува проблемот со претераното дишење.

„Секој ден во нашата клиника доаѓаат сè повеќе предишани лица и работиме 24/7 . Не можеме да дојдеме до здив – што е добро!“, изјави за Пара вести Димче Смогов, вработен во клиниката за токсикологија.

Слични содржини

Екологија / Око

ОкоБоли главаВицФото