Хип-хопот и Хајдегер

27.05.2014 16:49
Хип-хопот и Хајдегер

Кога слушам хип-хоп, мислам на Хајдегер.

Да, на германскиот филозоф, ученик (и наследник) на славниот феноменолог Едмунд Хусерл. Всушност, не толку на Хајдегер колку на неговото влијателно и сложено дело „Битие и време“, објавено 1927 година. Како и повеќето филозофи, мислата на Хајдегер се менувала во текот на годините, поради што е потребно точно да се одреди периодот на негово дејствување на кое се упатува. Кариерата на Хајдегер грубо може да се подели на два дела: првиот е сосредоточен на метафизиката, а вториот на јазикот. А бидејќи рапот е уметност на зборовите, ќе помислите дека врската која ја градам помеѓу Хајдегер и хип-хопот се базира на вториот дел од неговото дело. Но, поврзувањето всушност се однесува на првиот дел од неговото дело, на метафизичкиот период на Хајдегер.

Речникот на раперите е хајдегеријански

Хајдегер веројатно би полудел кога би дознал дека некој си таму тип од Сиетл не само што го поврзува со хип-хопот, туку и со метафизиката. Имено, тој не се сметал за метафизичар: не се обидел да сфаќа или да контемплира трансцедентно или вечно, туку само го истражувал тоа што значи „да се биде“ или „да-се-биде-овде“ (Da-sein). Значи, не го испитувал „човекот“ или „вечниот човек“, туку само човековата свест за бидувањето. Разликата добро ја сумира Мајкл Гелвин, во својот коментар на „Битие и време“: метафизиката „изнесува тврдења за она што сме“, а промислувањето на Хајдегер (или фундаменталната онтологија, како што ја нарекувал) испитува како таквите тврдења се можни.

Или, уште поедноставен пример: можете да се прашате „што е затвор?“, а јас ќе ви одговорам дека има решетки, клучеви, чувари итн. Тој одговор ќе ви даде идеја за затворот како „ентитет“. Она што Хајдегер го сакал наместо тоа е да знае „како е да се биде во затвор, да се биде казнет поради злодело; како е тоа да се чувствувате виновен, да се чувствува осаменост и одвоеност од оние кои ги сакате“. Накратко, Хајдегер не го интересирал „објектот-во-светот“, туку сакал да знае како е „да-се-биде-во-светот“. Затоа моето размислување би го налутило, бидејќи своето дело или својата книга ја сметал за анти-метафизичка. Сепак, иако не е метафизичка, таа директно реагира на метафизиката, поради што, како нејзина негација, и самата е метафизичка.

Во таа метафизичка страна на Хајдегер, која е зафатена со „бидувањето-во-светот“, наоѓам врски со хип-хопот. Положбата на раперите, ѕвездите на хип-хопот, секогаш е „во-светот“. „Раперот“ никогаш не пее во трето лице, ниту гледа на светот од далеку, објективно, туку е секогаш „внатре“, гледајќи надвор. Затоа е и толку тешко, ако не и невозможно, да се опфатат рап-песните: тие се напишани од гледна точка на „раперот“, или од „себе-гледиште“. Со тоа длабоко чувство на својата присутност или појавеност „во-светот“, раперите потоа го анализираат своето непосредно опкружување (Ајс Кјуб во песната „Once upon a Time in the Projects“ или Квин Лаифа во „Just Another Day“ исто така го изразуваат она што Хајдегер го вика „секојдневие“). Потоа, раперите ги анализираат последиците на своите дејства (Слик Рик во песната „Приказна за добра ноќ“) или пак изведуваат вистинска „егзистенцијална аналитика“ („Tried by 12“ на East Flatbush Project или „Somebody’s Gotta Die“ на Notorious BIG се одлични примери на она што Хајдегер го нарекува „фрленост“, фрленост од судбината во светот, во сржта на искуството). Во своите најдобри изданија, раперите стојат во светот на хип-хоп песните и ни велат: „тоа е мојата филозофија“, како што гласи познатиот стих на KRS One.

Значаен дел од речникот на раперите е хајдегеријански. Земете го за пример овој израз: „Тупак е тука“ или „јас сум дома“. (Зарем Хајдегер не го нарече јазикот „куќа на битието“?) Во хип-хопот, да се објави дека си „дома“ или „тука“, значи да се слави своето доаѓање на „автентично себство“, „приоѓање-кон-себе“. Накратко, станува збор за целосно признавање на сопствената по-јавеност „во светот“. А изговарајќи „во 9 и 8 година“ (’98 година), како што тоа го прави C.L. Smooth во својата „Da Two“, раперот всушност го слави своето „битие-во-времето“.

Тука те чувствувам

Уште еден филозофски исказ со кој располагаат раперите е „Те чувствувам“ / „I'm feeling you“. Тој исказ има многу употреби. Во едно значење, изведувачот може да го користи за да објасни дека новата песна му станала хит бидејќи публиката почнала „да го чувствува“; дека може да го привлече нејзиното внимание. Во друга употреба, пак, „Те чувствувам“ е аргумент. На пример, неодамна испратив мејл до една група „афрофутуристи“ во кој го споредив новиот филм на Весли Снајпс „Уметноста на војувањето“ (кој го обожував) со филмот „Чудни денови“ на Кетрин Бигалоу. Колегата афрофутурист ми одговори дека не се согласува со мојата оцена на „Уметноста на војувањето“ (не ме чувствувал во тоа), но за занемарениот филм „Чудни денови“ од 1995, напиша: „Тука те чувствувам, во Чудни денови“. Мислеше на тоа дека и нему тој филм му се допаднал.

Меѓутоа, употребата на „I’m feeling you“ која ја имам на ум е употреба која конструира ваков круг: еден субјект ја потврдува присутноста на друг субјект (не објект) „во-светот“. Тоа не е потврда на физичката присутност, туку присутност на неговото или нејзиното битие. Раперот Q-Tip со тој филозофски облик „те чувствувам“ се служи во песната „Body Rock“. „I’m feeling you“ се појавува на самиот почеток на песната, кога со пискање и стресно цвркотење компјутерот се обидува да воспостави врска, како факс, помеѓу својата компјутерска душа и човечката душа на Q-Tip. Најпосле, врската е воспоставена, а Q-Tip своето доаѓање во средиштето на компјутерот го опишува како „со-свет“, и во „со-бидување-овде“ (Mitdasein), бидување со другите. Всушност, тој го опишува светот како „со-свет“ (Mitwelt), како „свет-со-другите“. Но тој никогаш не замислувал дека битијата „со-светот“ можат да се поврзат на онтолошко рамниште.

„I’m feeling you“, изјава на целосна поврзаност или континуитет со нешто надвор од сопственото „битие“, е без преседан во западната мисла. Од Жорж Батај, континуитетот го поврзувавме со смрт или оргазам, што во двата случаја, подразбира губење на идентитетот. „Те чувствувам“ во хип-хопот не подразбира расцеп на себството, туку длабоко препознавање на друго себство, или „гледиште на себството“, во непосредното опкружување.

Врските помеѓу хип-хопот и Хајдегер се насекаде. Би можел да ги докажувам до недоглед. Меѓутоа, ако уште се сомневате, или мислите дека сево ова е само куп ѓубре, ве молам слушнете ја песната „The Rap World“ која во ’95 заедно ја направија Пит Рок и Ларџ Професор. Рефренот, со кој ве оставам, во неа гласи отприлика вака: „Во светот, имаш пари и облека/ Во светот, имаш пријатели и непријатели/ Во светот, имаш проекти и текстови/ Во светот, кој знае што е следно.“

Извор: The Stranger, Oct. 5 – Oct. 11, 2000.

ОкоБоли главаВицФото